Најдобрите филмови за модата

84

Во брзите подвижни слики, филмовите отсекогаш им отворале прозорец на гледачите да ѕирнат во некои нови светови. Но исто како и филмот, и модата отсекогаш поседувала спој на магичното и реалното. Во раскошните креации и едноставните парчиња облека на градските улици и на модните писти, на страниците на модните списанија, во плакарите, модата ја надминува границата на неопходното и практичното и достигнува до различни креативни експресии.

Спојот на двете уметности, филмот и модата, со кои сме опкружени секојдневно, создаде интересен запис за времето. Од романтични комедии, кои си поигруваат со идејата за гламурозниот свет на модата, до документарни филмови, кои ги отворија вратите на модниот свет и ја прикажаа неговата поинаква страна, модните филмови создадоа истовремено забавна, интересна и неочекувана содржина, во која пред сѐ уживаат вљубениците во модата, но и оние гледачи што постојано бараат нешто ново и свежо.

Еве неколку филма, во чиј фокус е модата, совршен избор за долгите есенски вечери.

„Септемвриско издание“
Во четирите ѕида на нејзиното биро се создадени безброј трендови, осмислени се некои од култните мигови во светот на модата и потврдена е финалната верзија на најпрестижното и највлијателно модно списание во светот „Вог“. Документарниот филм „Септемвриско издание“ ја отвора вратата на канцеларијата на уредничката Ана Винтур, во текот на создавањето на најочекуваното издание секоја година, на септемврискиот „Вог“.

„И ѓаволот носи Прада“
Она што во светот на документарните филмови со модна тематика е „Септемвриско издание“, тоа во светот на играните модни филмови е „И ѓаволот носи Прада“. „Писта“ е списание што неодоливо потсетува на „Вог“, а Мерил Стрип во улогата на Миранда Присли потсетува на Ана Винтур. Младата Енди Сакс носи свеж поглед на модниот свет и од ултимативен моден аутсајдер, таа се претвора во десна рака на уредничката на најпрестижното модно списание на светот. Успеси измешани со разочарувања и можност да уживаме во прекрасни модели, создава духовит филм со доза на галмур и драма, што вреди да се погледне.

„Во Вог: окото на уредникот“
Документарниот филм „Во Вог: окото на уредникот“, снимен во чест на 120-от број на американското издание, нѐ води низ приказните посветени на неговите најталентирани и најзабележани креативни уреднички.

„Зголемување“
Погледот зад камерата ни го открива култниот филм од 1960-тите „Зголемување“ во режија на големиот Микеланџело Антониони. Тој во фокусот го става модниот фотограф Томас (Дејвид Хемингс), кој живее во Лондон и секојдневно снима ревии, а сето тоа е зачинето со рокенрол, алкохол, дрога и прекрасни манекенки. Тоа неговиот свет го прави истовремено прекрасен и трагичен, возбудлив и здодевен. Сѐ до мигот кога на едно снимање ќе улови необична сцена слична на убиство, кога возбудата се враќа во неговиот живот…

„Девојката од фабриката“
Таа е ултимативна девојка од 1960-тите, муза на Енди Ворхол, ѕвезда на неговите филмови и девојка што ја воодушевува друштвената, модна и уметничка сцена на Њујорк. Еди Сеџвик своите пет минути слава ги проживува брзо, интензивно, со стил, а нејзиниот пад е еднакво транспарентен, јавен и драматичен, како и нејзиниот успех. Во главната улога е Сиена Милер.

„Коко Авант Шанел“
За Коко Шанел се раскажани многу приказни, напишани илјадници страници и снимени голем број филмови и серии. Инспиративна, пркосна, револуционерна и секогаш елегантна, Коко Шанел со доза ноншалантност и француски шик засекогаш го смени светот на модата и создаде некои нови модни правила. Можеби најдобар поглед на животот на големата Габриела Шанел донесува филмот „Коко Авант Шанел“, во кој улогата на славната креатрока ја одигра Одри Тоту.

„Сен Лоран“
Еднакво голем, иновативен, револуционерен како Коко Шанел беше и дизајнерот Ив Сен Лоран. Неговиот приватен живот исто така беше и мрачен и шарен, едноставен и комплексен како и неговите креации, а најдобар поглед на неговите најдобри модни години донесува филмот „Сен Лоран“, со Гаспар Улие во главната улога.