Најголемата инвестиција на Црвенковски

2586

СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (3)

Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата. Промоцијата на книгата, заедно со другите девет тома на избраните дела на Андов, во издание на „Матица македонска“, ќе се случи на 30 ноември, во 18 часот, во Кинотеката.

Го гледав и го слушав Глигоров. Во неговиот глас почувствував знаци на сериозна разочараност. Но, сепак, не му упаднав, почекав да даде поопширно објаснување. Откако ја виде мојата намера, Глигоров проговори: „Јас, Стојане, многу мислам околу оваа наша состојба и околу сериозноста, која е неопходна, а изгледа ја немаме. Неколку дена пред да ги распишеш изборите, побара кај мене да дојде Бранко Црвенковски. Дојде со двајца свои соработници. Во име на СДСМ зборуваше само тој. Ми рече дека тие, неговата партија решила да не оди во коалиција за следните избори. Притоа даде оцена дека СДСМ е многу силен и може да победи на овие избори, а таа победа ќе биде помогната и ако јас прифатам да бидам кандидат на СДСМ за претседател на Републиката. Имавме доста маки додека се убедиме дека коалиција е потребна. Тогаш Бранко ми рече: ’Ако мора да има коалиција, ние ќе направиме коалиција со Социјалистичката партија’. Јас му упаднав, кажувајќи му го моето мислење, коалицијата да биде составена од СДСМ, Либералната партија и Социјалистичката партија. Во таков случај, ако се направи таква коалиција, и ако раководствата на трите партии побараат од мене да бидам нивни кандидат за претседател на Републиката, тогаш ќе прифатам. Бранко беше изненаден од ова мое објаснување. Тој ми кажа дека е најчисто СДСМ сам да оди на претседателските избори со свој кандидат и тоа да бидам јас. Бранко рече дека, еве, ќе направи отстапка и може да направи коалиција со СПМ, ама само со неа. На тоа му одговорив, нека прави што сака, нека оди СДСМ сам на избори, штом е толку силен. Ако сака, нека оди и само со СПМ, ама му кажав отворено и јасно дека и во првиот и во вториот случај јас нема да прифатам да бидам кандидат за претседател на Републиката на овие избори и му реков да си најдат друг претседателски кандидат. Бранко многу се изненади. Така го завршивме тој тежок разговор. Еве, Стојан, и тебе ти кажувам, ако не се направи коалиција од трите партии, од СДСМ – ЛП – СПМ, јас нема да бидам кандидат за претседател на овие избори, ќе се повлечам! Разлики меѓу вас и СДСМ и по битни прашања гледам оти има, а за тоа ние двајцата и сме разговарале во неколку наврати. На крајот на краиштата, нека има разлики, ама да нема поделби во сегашната коалиција“.

Навистина имавме тогаш разлики во ставовите меѓу нашата Либерална партија и СДСМ по некои битни прашања. Ние имавме приговор на начинот на донесувањето на Законот за приватизација и на избраниот модел. Нашите приговори на целата постапка за донесувањето прописи за приватизација, лично ги образложив уште во ноември 1992 година, на седницата на која на дневен ред беше првата фаза од предлогот на Законот за приватизација. Наша забелешка беше укажувањето дека законот што е на дневен ред е подготвен без некоја посериозна анализа на проблематиката и без основни информации за тоа како постапуваат другите држави, републики од поранешна Југославија. Ние, инаку, сакавме да дознаеме дали во тие републики степенот на приватизација ќе го зафати само оној дел од имотот на претпријатијата во кои во првата фаза на приватизацијата, врз основа на законот од Анте Марковиќ, веќе се поделени акции. Информациите со кои тогаш располагавме укажуваа дека во другите републики, по правило, нема да бидат признаени веќе добиените акции во претпријатието, туку во новите прописи ќе бидат подложни вкупните имоти на претпријатието. Втората наша забелешка беше во тоа што немаме одговор во образложението на овој закон зошто не се размислило и за друг модел, пред сѐ оној по пат на ваучери за спроведување на приватизацијата по принципот на поделба на ваучери на сите луѓе по ист критериум, без оглед дали работеле во сферата на производството и стопанството или, пак, работеле во државната администрација, во здравството и во образованието. Се сеќавам, тие мои укажувања изречени на седницата на Собранието предизвикаа големо противење од страна на предлагачите на Законот, особено ме изненади што Петар Гошев, кој тогаш не беше на чело на СДСМ, но сеедно, на седницата се спротивстави на моите идеи и го поддржа предлогот на Законот. Наскоро потоа почнаа настапи на телевизија и во печатот, во кои се обвинуваше Либералната партија дека сака да го кочи процесот на приватизација во државата. Малку пред таа седница на која беше разгледуван предлогот на Законот за приватизација (кој, инаку, имаше друго и долго име), настана криза меѓу Собранието во Руската Федерација и претседателот на таа држава, Борис Елцин. Овој државник, поради разликите во ставовите меѓу него и Парламентот, нареди со топови да се пука на Парламентот. По овој настан во Собранието, каде што изложив и други идеи, во земјата допатува директорот на новооснованата Европска банка, Жак Атали. По тој повод ми се јави членот на Владата одговорен за подготвување на Законот за приватизација, Јане Миљовски, и побара прием кај мене.

„Побрзо ќе се повлечам и ќе си ја уживам пензијата отколку да бидам во рацете на луѓе што претпоставувам дека треба да учат од мене, а не да ми се наметнуваат и да бараат од мене послушност“, кажа Глигоров

Дојдоа тој и Атали. Зборуваше првин гостинот. Ми ги објаснуваше улогата и целите на новата европска банка. Штотуку заврши тој, Миљовски му се обрати на Атали, а всушност ми се обраќаше мене, бидејќи зборуваше на македонски, велејќи дека во нашиот парламент има сили што се против приватизацијата и сакаат да ја одложат, па и да ја спречат. Своето излагање го заврши велејќи дека и ние овде, во Македонија, ќе мораме да го користиме искуството на Елцин, па да го бомбардираме нашето конзервативно Собрание. Сфатив дека тоа е порака од него и од средината од која доаѓа упатена до мене, со опомена да не си играм јас со какви било други размислувања за толку важниот процес како што е приватизацијата, кои битно би се разликувале од решенијата во законот што тој, Миљовски, го предлага и го брани.

Искрено кажано, не бев изненаден од оваа закана од Јане Миљовски. Ставовите на нашата Либерална партија се разликуваа од ставовите на СДСМ и во врска со улогата на полицијата во општеството. Начелно бевме против честите насилства од страна на полицијата кога имаше масовни протести по некое прашање, било да се протести на Македонците или, пак, на Албанците. Не се согласувавме ни со решенијата содржани во новиот таканаречен реформски закон за МВР. Наши оцени беа дека тој закон ја издига полицијата над општеството и не предвидува парламентарна, цивилна контрола врз полицијата. Исто така, ние јасно и гласно укажувавме дека се криминализира општеството и дека се формира полициско-криминално подземје во државата. Сметавме дека на тој процес треба да му се стави крај. По овие битни комплекси, разликите во коалицијата не беа мали туку суштински. Сепак, коалицијата функционираше. Затоа не ме изненади ставот на Бранко Црвенковски со кој тој ја исклучуваше изборната коалиција со Либералната партија.

Тогаш му реков на Глигоров дека не ме изненадува ставот на Бранко, ама треба да видиме какво решение ќе најдеме. Ако нема предизборна коалиција со нас, тогаш Либералната партија ќе оди сама на изборите, а на Глигоров му реков дека ќе ја поддржиме неговата кандидатура. Ми беше интересно што Киро невообичаено брзо реагираше на тој мој став.

„Стојане, да се разбереме. Ако јас не сум ваш кандидат како и на СДСМ и СП, а вие само го поддржите мојот избор, тоа ќе ја смени мојата сегашна позиција, и јас пред сѐ ќе бидам одговорен пред СДСМ и неговото раководство. Тоа не можам да го прифатам и овој пат, за последен пат ти велам, се повлекувам и нема да бидам кандидат на изборите за претседател доколку не се создаде коалиција на трите партии.“
Тогаш Киро, откако малку помолчи, продолжи: „Доста ми е веќе тоа чудно присвојување упатено кон мене, особено од раководството на СДСМ. Да ти кажам отворено, некои работи веќе не можам да ги поднесувам. Во 1992 година, кога се подготвував за тој познат самит на ЕЗ во Лисабон, измачуван од многу неизвесности, слушам на радио што рекол Бранко Црвенковски на некој собир во Штип. Тој, имено, рекол дека претседателот Глигоров е најголемата инвестиција на СДСМ. Тоа длабоко ме навреди. Си помислив: Каква инвестиција можам да му бидам јас некому, на своите 72 години? Што понатаму треба јас да учам ново од нив? Таа изјава ја проголтав некако, иако си мислев дека е искажана за да ми се даде до знаење дека јас сум нечија инвестиција и треба да водам сметка за тоа, т.е. да бидам послушен. Оттогаш и самиот Бранко и раководните лица од СДСМ постојано повторуваат дека јас сум првата книшка на СДСМ. А еве, те уверувам Стојане, јас во работата на СДСМ воопшто не се мешам, ниту тоа ме интересира. Сето ова ти го кажувам бидејќи гледам каде води идејата на Бранко Црвенковски јас да бидам кандидат само на СДСМ и, еве, искрено ти велам: Такво решение јас не прифаќам. Побрзо ќе се повлечам и ќе си ја уживам пензијата отколку да бидам во рацете на луѓе што претпоставувам дека треба да учат од мене, а не да ми се наметнуваат и да бараат од мене послушност.“

По ова подолго излагање на Глигоров, заклучив дека немам што да му приговорам. Му реков дека го разбирам наполно неговиот став и дека ќе биде огромна штета ако во овие услови тој се повлече. Земјата се наоѓа во неверојатно сложени услови, Глигоров добро ги познаваа и највисоките странски државници, чие мислење и разбирање за проблемите на нашата земја за нас можеа да бидат пресудни. Откако ги кажа сите тие работи, Глигоров замолчи.

(Продолжува)