Нашата ДНК можеби не потекнува од Земјата

555

Сензационално откритие

Гери Равкан, молекуларен биолог и професор по генетика на Медицинскиот факултет на „Харвард“, признава дека има малку необични погледи во врска со настанокот на животот и можноста за наоѓање живот на друго место. Со еден збор, тој се сомнева во општоприфатената претпоставка дека нашата ДНК потекнува од Земјата. Тој има намера да испрати нешто што се нарекува ДНК-секвенсер на Марс (инструмент за одредување аминокиселини или други мономери во биолошкиот полимер)

Вселенскиот ровер на НАСА наречен „Љубопитност“ веќе седум години го истражува теренот на Марс. Пред две недели дојдоа до сензационално откритие, присуство на релативно големи концентрации на гасот метан. Роверот пронајде метан и во 2013 година, но резултатите од овој месец укажаа на трипати поголема концентрација. Причината поради која оваа вест ги размрда научниците е што метанот често е знак на живот, иако овој гас може да се создаде со различни хемиски реакции, најголем дел произлегува од живи суштества. Дали ова значи дека сме на чекор до откривање живот на Марс, и ако е така, за каков вид живот станува збор?

Гери Равкан, молекуларен биолог и професор по генетика на Медицинскиот факултет на „Харвард“, признава дека има малку необични погледи во врска со настанокот на животот и можноста за наоѓање живот на друго место. Со еден збор, тој се сомнева во општоприфатената претпоставка дека нашата ДНК потекнува од Земјата. Тој има намера да испрати нешто што се нарекува ДНК-секвенсер на Марс (инструмент за одредување аминокиселини или други мономери во биолошкиот полимер).

НАСА деновиве објави дека концентрациите на метан повторно паднале на вообичаеното ниво, дополнително збунувајќи ги научниците. Професорот Гери Равкан дебатира и за вкрстување на научните претпоставки за потеклото на животот и на религиозните, за тоа дека можеби тој греши во ставовите и за тоа какво е чувството да се застапува малцинско мислење во рамките на научната фела.

– Потрагата по метан е добар метод за индиректна потрага по живот. Проблемот е што постојат и хемиски начини да се добие метан. Тој не е совршениот животен сурогат. Затоа повеќето експерименти за детекција на живот од страна на НАСА, особено во ерава на егзопланети, кога се откриени толку многу планети околу ѕвездите, се однесуваат на спектостропски студии на нивната атмосфера. Тоа секогаш вклучува изобилство од хемикалии како метан и јаглерод диоксид. Мојот омилен начин да се бара живот е да се оди на планетата и да се побара ДНК. Тоа претполага дека животот на некоја друга планета би бил ист како овој тука, со што не би се согласиле повеќето астробиолози – вели Равкан, чие мислење е поинакво.

Тој смета дека гледиштето оти животот започнал тука е малку претенциозно. Тоа би значело дека ние сме многу, многу посебни и дека сѐ се случило тука.
– Мене лично ме привлекува идејата дека животот каков што го познаваме е универзален насекаде низ просторот на Млечниот Пат. Штом би се создал, би почнал да се шири. Еден од начините да се докаже тоа е да го движиме часовникот напред наместо да се враќа назад. Ако навистина зборуваме за колонизација на Марс, првиот чекор е таму да се испрати бактерија за создавање атмосфера. Тоа значи дека ако го придвижите часовникот напред за милион години, ние веројатно би испраќале бактерии на планети што се милион светлосни години далеку од нас – вели професорот од „Харвард“.

За него е романтична и пријатна помислата дека другите форми на живот би биле како нас, и дека животот не настанал тука, туку само „слетал“ кај нас, дека пристигнал од некое друго место.

– Многу луѓе ми приговараат поради ова. Велат: „Па тогаш го сместувате проблемот за потеклото на животот на некое друго место“. Што во основа е точно – додава тој.
Неговите ставови не се многу стандардни за микробиологијата. Тоа е делумно поради тоа што сака да испрати ДНК-секвенсер на Марс.

– Овде на Земјата, ако одите на некое езеро или во шума и сакате да дознаете кој живее таму, редовниот метод за да дојдете до сознание е само да земете измет, да направите ДНК и да ги истражите сите геноми во неа. Така ќе добиете мошне добар увид за тоа кој живее таму. Се разбира, постојат многу различни видови бактерии што живеат во почвата. Ако погледнете во литературата, употребата на ДНК како доказ во барањето живи суштества првпат била реализирана пред можеби 20 години. И така, ние би кажале: едноставно ќе го направиме тоа на Марс и ќе го истражиме биолошкиот полимер. А вие би можеле да прашате дали таму наоѓаме нешто што изгледа како наш роднина. Не мора да изгледаат како наши браќа, туку едноставно да имаат нешто слично на нас, што би значело дека произлегуваат од истото дрво на животот. Веднаш по ова, вие може да коментирате: Па добро, животот на Земјата и на Марс е сличен, а тоа и не е баш некој куриозитет, бидејќи Земјата и Марс се веднаш една до друга. Значи, на некој начин е очигледно дека живите суштества на овие две планети би имале ист вид живот, бидејќи се блиски. Но што ако, всушност, истата животна форма постои на просторот на целиот Млечен Пат? – прашува Равкан.

Но луѓето се скептични во врска со ваквиот начин на размислување, повеќето сметаат дека животот морал некаде да започне, односно дека започнал токму тука.
– Мислам дека очигледно постои доказ за тоа како животот се создал во нашите геноми. Доказот се вика РНК-свет, кој е нешто како најраната форма на живот и сѐ уште е присутен во тие наши геноми. Станува збор за хипотетичка фаза во животната еволуција на Земјата, во која самореплицирачките молекули на РНК се размножувале пред еволуцијата на ДНК и протеините. Така може да ги распознаете раните чекори на еволуцијата само со набљудување на модерните геноми. Во традиционалните изучувања и во сите прирачници, РНК-светот – како еден вид претходник на ДНК-светот – бил тука на Земјата уште пред четири милијарди години. Јас претпоставувам дека веројатно бил тука дури и пред десет милијарди години, во некојси простор од Млечниот Пат, проширувајќи се насекаде по неговата должина. Земјата е стара 4,5 милијарди години. Универзумот, барем според процените на теоријата за Големата експлозија постои околу 14 милијарди години. Според тоа, ако животот еволуирал некаде на друго место, тоа ни купува време од околу 10 милијарди години. Но јас ќе претпочитав сто милијарди години или дури илјада милијарди години. Така работите би биле позадоволителни – вели професорот.

Тој додава дека можеме да видиме докази за бактериски живот, нешта што изгледаат како бактерии, се викаат строматолити, кои се еден вид мешавина од сино-зелена алга и бактерија и живеат во колонии. Тие формираат добри фосили, а може да се најдат и пред 3,5 милијарди години.

– Значи животот еволуирал многу брзо од комбинирани бактерии откако Земјата се изладила. Знаете, повеќето неупатени луѓе би кажале: „Е како да не, бактериите се ептен едноставни“, Но бактериите не се едноставни, туку неверојатно комплицирани. Тие се саморазмножувачки роботи за кои сонуваат електроинженерите. Овие малечки чуда можат да си направат сопствена копија од 4.000 делчиња во рок од 20 минути. Тие биле високоеволуирани и чинам дека дошле тука веднаш штом Земјата се изладила, а потоа само почнале да растат. И постојано да се шират низ Млечниот Пат, а можеби и низ целиот космос. На пример, сте слушнале за СЕТИ, така? Луѓе што бараат интелигентен живот на другите планети? Обично станува збор за математичари, што очекуваат нивните умни колеги од некоја друга галаксија да им испратат некаков математички сигнал. А во суштина, и едните и другите би испраќале ДНК-секвенци. Сакам да кажам дека животот дошол тука исто како што се проширил на други места. И така, ако испратиме ДНК-секвенци кон други планети и откриеме дека животот се ширел и потоа дошол на Земјата… Ние не сме оригиналот – вели професорот.
Ова поле на астробиологијата е за луѓе што размислуваат за постоењето живот на други планети. Ако прашате илјада астробиолози за тоа дали веруваат оти животот се распространил или еволуирал независно, Равкан прогнозира дека околу еден процент од нив би се согласиле со идејата за распространувањето на животот, онака како што тој промовира.

Другата работа што треба да ја сфатиме е дека со тектонските придвижувања на нејзината кора, Земјата многу брзо ја брише својата историја, бидејќи континентите се движат и пловат низ водата, а притоа Земјината кора се рециклира. Тешко се наоѓаат примероци што се постари од три милијарди години. Ги нема многу на Земјата. Според тоа, тешко е да ги бараме најстарите фосили. И тука е една од предностите кога бараме на Марс, таму нема тектонски плочи. Значи, полесно е да најдеме старини на Марс, таму минатото не се „закопува“ постојано како кај нас.

– Ако се истражи постојната ДНК со суперсензитивна метода, може да се најдат исклучително ретки организми на Марс. И ако најдете нешто, знаете, што не е трага од обичен првут или мозолче што потекнуваат од посадата на некое вселенско летало туку нешто сосема поразлично, тоа значи дека е поврзано со животот на Земјата, приближно нешто како кога ќе кажете дека кенгурот е животно, но многу поразлично од сѐ што сте виделе во стариот свет – е тогаш со сигурност знаете дека сте пронашле нешто ново, нели? Така е и со бактериите – вели Равкан, чија теорија не им се допаѓа на религиозните луѓе затоа што не гледа на Земјата како на центар на нештата.


НАСА е подготвена да помогне, но не дала зелено светло

Марија Зубер, докажана планетарна научничка и вистинска познавачка на вселената, со која Равкан работи на ова речиси 20 години, исто така дава поддршка. Станува збор за високоризичен зафат околу кој НАСА е подготвена да помогне, но сѐ уште немаат дадено дефинитивно зелено светло за него. Имено, на секои десет години во НАСА прават по една анкета, за која одат наоколу и разговараат со сите планетарни научници во САД, Европа и низ целиот свет, прашувајќи ги: „Што мислите дека е најважното, нешто што треба да се направи?“ Ги објавија анализите во еден документ што содржи 200 страници, па ако ги погледнете нивните приоритети во однос на важноста на вселенските активности, потрагата по живот на други планети е нивен главен приоритет.

В.Б.Н.