Начини на процена на полот и староста на дивите свињи

346

Најтешко е да се процени староста на среднодобните примероци, па затоа при ловот на диви свињи е пожелен добар двоглед

Процената на полот и староста на дивите свињи е многу тешка и комлицирана. Разликите во градбата на телата помеѓу половите се мали и тешко воочливи дури и во најповолните временски услови. Најтешко е да се процени староста на среднодобните примероци, па затоа при ловот на диви свињи е пожелен добар двоглед.
Возрасниот вепар (5-7 год.) е голем самотник, се држи подалеку од бучното крдо и го одбегнува сродното друштво, освен во време на парење. Има воочлив клинест облик на телото, силна и набиена глава, која ја сочинува едната третина од телото, опашката му е под колената, а забите силни и јасно се гледаат.

Старата зрела маторица се издвојува од крдото со своите прасиња и обично стои на помирни места. Долго го испитува теренот пред да се појави на терен, а ако почувствува опасност, со дување низ ноздрите го предупредува стадото и брзо бега. Таа е обично водич на стадото, има издолжена глава и слабо видливи заби.

Среднодобниот вепар (3-5 год.) е самотник, но и се задржува блиску до стадото, каде што ја испробува силата во борба со свој врсник. Телото му е потенко отколку кај зрелиот вепар, опашот долг, но не достигнува до колената. Постарите примероци се покрупни од зрелите вепри. Среднодобната маторица има прасиња и често се придружува кон стадото. Телото ѝ е долго, тркалезно, слабо и со нагласен заден дел. Носот ѝ е долг и тесен. Во летниот период лесно може да се замени со вепарот, оти многу личи на него.

Двегодишниот вепар е со своето крдо или во неговата близина, но постепено почнува да се осамостојува. Младите мажјаци, кога полово ќе созреат, маториците ги исклучуваат од стадото и тогаш се движат во помали групи (3-4). Имаат клинест облик на телото, со благ набор на горната усна, каде што се појавуваат забите-секачи.


Лов на амур со трска и трева

Амурот е слатководна риба, многу е сличен на кленот, кој внимателно приоѓа и малку по малку ги кине стебленцата на тревата, особено трската, која едноставно ја обожава

Техниката на ловење со помош на трска бара тишина и голема стрпливост на риболовецот, оти амурот приоѓа на затревено крајбрежје ноќе и мошне внимателно. Може да се лови и длабински и површински. Таму каде што има потопена трска или трева, претставува идеално место рибарот да ја испроба среќата со оваа техника, и тоа во потоплиот дел од годината, а особено по дожд или краткотрајно невреме.
Амурот е слатководна риба, многу е сличен на кленот (затоа и најчесто помладиот амур го мешаат со кленот, додека бојата на телото му е сребреникаво-бронзена), кој внимателно приоѓа и по малку ги кине стебленцата на тревата, особено трската, која едноставно ја обожава. Најдобар метод е рибарот да го анализира местото и неколку дена по ред да потопува стебленца со трска и да внимава што се случува притоа. Ако притоа забележи дека недостигаат листови или тие се нагризени, значи дека амурот повторно ќе го посети ова место.
Системот на лов со трска на прв поглед е едноставен, но тој, сепак, бара големо искуство. Потребно е да се скрши дел од трската, а од неа да се одвои еден лист со мало парче стебленце. На половината од листот да се закачи јадица без олово, а конецот да се одмота и растегне на рибарскиот стап, кој, пак, се поставува на шините или на прачката под сензорот, за да може амурот да ја голтне тревата. Најдобро време за ова е взори, кога амурите доаѓаат да се хранат. Секако, можно е тие да се ловат и денски, но треба да се биде многу внимателен.
Кога амурот ќе дојде до рибарската мамка, тој веднаш ќе почне да ја голта, а рибарот, пак, ќе мора да процени кога треба да контрира, оти привремената контра нема да даде плод, исто како и долгото чекање, оти амурот има цврсти заби, кои во миг можат да го скинат рибарскиот конец. Исто така, рибарот може да потопи повеќе стебленца трска, а меѓу нив да го заглави листот со јадицата.
Амурот е голем борец и затоа треба да се внимава каков прибор ќе се користи. Рибарите со голема фантазија прават мамки како оние што ги користат мушичарите. Во суштина тоа претставува и еден вид вметната мушичка, но со природна или вметната трева. Врзуваат разни парчиња трева на вратот на јадицата и се ловат на површината или малку подлабоко, но никогаш на дното.
Друг метод е од фидерот (хранилката) да се направи топка во која ќе се стави јадицата со трева и потоа се фрла во водата, па за кратко време фидер-храната ќе се распадне и мамката ќе исплива на површината на водата. Никогаш не треба да се користи животинска арома, оти амурот е тревојадец.