Начини на лов на елени

253

Еленот најчесто се лови на ливадите каде што доаѓа на пасење, пред да се стемни или рано наутро. Постојат два начина на лов на еленот, со чекање и со повикување

Ловот на елени кај секој страстен ловџија предизвикува посебно чувство, со што и ловџиската кариера станува побогата. Еленот најчесто се лови на ливадите каде што доаѓа на пасење, пред да се стемни или рано наутро. Постојат два начина на лов на еленот, со чекање и со повикување.

ЛОВ СО ЧЕКАЊЕ
Ловот на елени со чекање бара посебна процедура кај која е многу значајно да се познаваат биолошките потреби на ова итро животно, неговиот начин на живот и навики. Овој начин на лов е индивидуален, а има цел да измами едно од најпретпазливите животини. Многу значајна работа кај овој начин на лов е тоа што ловџијата тивко и лесно се движи по шумските патеки и патем задолжително треба да има двоглед, со кој ќе ја посматра непосредната околина со често застанување и камуфлирање со делови од шумските растенија.
Притоа е значајно ловџијата да се движи во правец на ветрот и да ја користи конфигурацијата на постојниот терен. На секое реагирање на еленот, ловџијата мора извесно време да остане неподвижен, за да може еленот повторно се опушти, а ловот на крајот да биде успешен. Препорачливо е ловецот да биде облечен во маскирна униформа од мека гумена основа, со која лесно ќе се вклопи со околината и со која ќе се движи што потивко.

ЛОВ СО ПОВИКУВАЊЕ
Овој начин на лов се применува само во време на парење на елените и трае околу еден месец. Тука е многу битно добро да се познава теренот на кој се лови. Постарите елени се многу поискусни и тие можат по мирисот, кој, пак, го носи ветрот, да го осетат присуството на човекот и затоа е многу битно ловџијата да го избере местото од каде што ветерот ќе дува, и тоа од правецот на еленот кон ловџијата, за повикувањето да не биде залудно. Најдобро време за повикување е од зора до девет часот претпладне, како и од 18 часот до стемнување.
Што се однесува до условите за лов, најдобро е кога денот е сончев без ветер, оти ветрот или дождот можат со своите тонови да го одвлечат вниманието на звукот на повикување и тогаш ловот нема да биде успешен. Ловџијата користи различни начини на повикување, но нивна главна задача е да произведе звукови што ќе ги привлечат елените. Често искусните ловџии со звукот на листот или тревата можат да импровизираат токму такви звуци.

Што се однесува, пак, до начинот на повикување кај елените, има три периоди – почеток, врв и завршен дел на парењето. Во почетокот на парењето, најдобри резултати се постигнуваат со имитирање звук на млада или стара срна, оти елените тогаш се во потрага по своите избранички. Во врвот на парењето, еленот е со својата срна-избраничка и не се одвојува од неа, така што со звукот на повикување, битно е да се привлече срната, која потоа со себе ќе го поведе и еленот. На крајот на парењето, одѕивот на еленот на звукот на повикувањето е нешто послaб, оти елените се уморни, такa што најдобар резултат се постигнува ако прво се имитира звук на присуство на срна или на гонета срна.