Националните безбедносни стратегии на тапет

97
Фото: Игор Бансколиев

Иако во Австрија и во Германија постои заеднички став дека европската и светската безбедност се влошени, на Русија не се гледа како на голема безбедносна закана. Следствено на тоа, користењето на Русија за да се оправдаат зголемените одбранбени трошоци би можело да предизвика само млака реакција, натерувајќи ги австриските и германските политичари да одглумат наводно засилување на одбранбените позиции, или во случајот на Германија, колебливо да се испратат мали војнички контингенти на Истокот, без никакви големи промени во одбранбената политика

Во последниве неколку години, со внимателното опсервирање на движењата на европските безбедносни и одбранбени прашања, воените и безбедносни аналитичари често се навраќаат на едно навидум едноставно прашање, која е причината на задржување на своите вооружени сили, и уште повеќе чуму е трендот за создавање голема и силна армија. Или, што е тоа што може да го оправда постоењето на вооружената војска? Овие дилеми, сакале да го признаеме тоа или не, без разлика дали станува збор за големи и за силни држави или за некоја од помалите, како Македонија, сѐ уште се силно актуелни како предизвик на поголемиот дел од државите во Европа, па и во светот, се разбира. Да ја разгледаме оваа дилема преку примерот на две силни држави во централна Европа, Германија и Австрија.
Имено, иако Австрија и Германија имаат доста различни одбранбени политики, тие сепак имаат заедничка воена историја, географски се лоцирани во срцето на Европа, а политичарите во двете земји се соочуваат со домашно избирачко тело, кое има релативно слични ставови во однос на одбранбените прашања.

Со оглед на притисокот на САД европските членки на НАТО да трошат најмалку 2 отсто од нивниот бруто-домашен производ на одбрана и да преземат поголема одговорност за европската безбедност, се поставува прашањето, зошто Австрија (која не е членка на НАТО и не троши ниту 1 отсто од својот БДП на одбрана) и Германија би требало да ги зголемат воените трошоци.
Тезата од времето на Студената војна, дека без моќна армија може да завршите со руски тенкови во сопствениот двор, се чини дека веќе тешко поминува. На пример, неодамна објавената анкета на германската национална телевизија откри дека само 14 отсто од испитаниците гледаат на САД како на сигурен партнер, а дури повеќе од двојно (36 отсто) сметаат дека Русија е проверен политички партнер. Австрија и Германија, поради разни причини, одржуваат поблиски пријателски врски со Русија – „единствената голема национално-државна закана за Европа“. Станува збор и за заедничкото наследство на Источниот фронт за време на Втората светска војна – ослободувањето од нацизмот – кое и двете земји им го припишуваат како заслуга на советските жртви, а не на западните сојузници, како и на колективното чувство на вина, кое е сѐ уште присутно, заради она што Австрија и Германија го направија за време на војната во Русија (а кое беше потиснато за време на периодот на Студената војна).

Според масивните истражувања на јавното мислење меѓу граѓаните, Австријците и Германците веќе „не се плашат од руската Баба Рога“. Старата латинска поговорка Si vis pacem, para bellum – ако сакате мир, подгответе се за војна – основната претпоставка на модерната стратегија на заплашување, тешко „проаѓа“ во Австрија и во Германија кога станува збор за Русија. Се разбира, ова не значи дека во една таква констелација на расположение и односи, Германците или Австријците сакаат целосно да се откажат од војската. Според една анкета од 2017 година, 91 отсто од Германците сакаат армијата да ги одвраќа нападите врз нивната земја, 49 отсто сакаат да има повеќе војници, 47 отсто поддржуваат зголемени одбранбени трошоци, а 72 отсто ги поддржуваат мисиите на Бундесверот за помош на своите НАТО-сојузници.
Од друга страна, запрашани конкретно дали Германија би требало да брани некој НАТО-сојузник во случај да е нападнат од Русија, дури 58 отсто од Германците беа против каква било воена интервенција. И покрај непостоењето на вакви или слични податоци за расположението во Австрија, се смета дека таа е еден од најголемите европски пријатели на Русија. Анкетата, пак, во Австрија објави дека 58 отсто од Австријците би ја поздравиле посетата од Владимир Путин (анкета беше спроведена дури и за време на кризата во Украина). Само 28 отсто ја обвинија руската влада за источниот конфликт, додека 44 отсто вината ја посочија и кај двете страни, руската и украинската. Што се однесува до Германците, 8 отсто од нив ги обвинија украинските власти.

Иако во Австрија и во Германија постои заеднички став дека европската и светската безбедност се влошени, на Русија не се гледа како на голема безбедносна закана. Следствено на тоа, користењето на Русија за да се оправдаат зголемените одбранбени трошоци би можело да предизвика само млака реакција, натерувајќи ги австриските и германските политичари да одглумат наводно засилување на одбранбените позиции, или во случајот на Германија, колебливо да се испратат мали војнички контингенти на Истокот, (всушност, ако германскиот Бундесвер има доволно тенкови, кои се достапни за испраќање на Балтикот) без никакви големи промени во одбранбената политика.
Како за илустрација, и покрај ветувањето дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана, воените издвојувања на Австрија незначително ќе се зголемат во 2018 и 2019 година. Австрија има еден од најниските воени буџети во Европа, околу 2,8 милијарди долари, со кои во САД би можело да се купи една петтина од носачот на авиони „Џералд Р. Форд“, вреден околу 13 милијарди долари. Наедно Германија, и покрај гаранциите дека до 2025 година ќе ги зголеми своите воени расходи од 1,2 на 1,5 отсто од својот БДП, смета дека ќе биде тешко да се трошат дополнителни парични средства на осиромашениот Бундесвер.

Очигледно е дека одбранбените експерти, аналитичарите и војската имаат различни перцепции во врска со заканата наречена Русија. Австриското министерство за одбрана објави предвидување за безбедносната политика за 2018 година, издвојувајќи ја особено Русија и нејзината воена стратегија на вкрстено војување како закана за австриската безбедност, иако потврдува дека односот помеѓу САД и Русија е под влијание на „ирационални стравови“ на двете страни. Сепак, и покрај издржаноста на извештајот, не им беше посветено речиси никакво внимание во австриските медиуми, така што немаше влијание ниту врз јавноста.
Исто така, поимите сајбер и хибридно (вкрстено) војување се едноставно премногу апстрактни – дури и ако има јасни докази за влијанието на руското мешање во изборите или руското експлоатирање на други безбедносни интереси за истакнување на јазот со Австрија или со Германија, како во случајот за време на врвот на бегалската криза – за да бидат добра почетна основа за заедничко зголемување на одбранбените трошоци.

Разместувањето австриски и германски воени трупи во „регионите на конфликт“ од страна на јавноста не се перципираат како значително зголемување на безбедноста, па оттаму политичарите не можат да го искористат како оправдување за зголемените одбранбени трошоци.
Во Германија уверувањето изречено од германската министерка за одбрана во 2002 година, дека „безбедноста на Германија се брани во Хиндукуш“ и денеска звучи празно и бесмислено: германската јавност во голема мера се спротивставува на испраќањето воени трупи на опасни локации во странство.
Германскиот Бундесвер има околу 3.700 војници распоредени во странски мисии, а дури 1.100 се стационирани во Авганистан. Како и да е, вистината е дека овие војници се распоредени првенствено за зајакнување на сојузништвото во НАТО, а не како противтежа на каква било закана, која би произлегувала од страна на Авганистан.
Австрија има околу 1.000 војници распоредени во странство, првенствено на Западен Балкан. Сепак, австриските воени мисии, со мали исклучоци, се релативно ослободени од ризик, бидејќи војниците ретко се вклучуваат во борба. (Наводно, ова е така бидејќи австрискиот закон за неутралност ѝ забранува на австриската армија – Бундесхер – активно да заземе страна во конфликт). Впрочем, еве процена колку на Австрија ѝ се важни воените мисии во странство за зајакнување на домашната безбедност, според голем број експерти, Виена најмногу би сакала да ги тргне своите војници од Балканот и да им дозволи на другите европски земји, вклучувајќи и на САД, да ја средуваат самите секоја нова голема воена криза, која би се појавила таму (само како пример: Австрија набрзина се повлече од мировната мисија на ОН во Голанската Висорамнина во Сирија, поради влошената безбедносна ситуација).

И сега, кој е вистинскиот наратив со кој Австрија и Германија (и остатокот од Европа) ќе ги убедат креаторите на политика и граѓаните дека треба да се трошат повеќе пари за одбрана? Да се каже само дека светот е поопасен, а заканите по мирот посложени, нема да биде доволно. Образложенијата за зголемувањето на австрискиот и на германскиот одбранбен буџет – дополнето со нивна поголема воена улога во европската безбедност – не може да се градат како реакција на заканите од Русија или Исламската држава, туку треба да бидат формулирани како акција за зачувување на уникатните економски и политички постигнувања на двете земји. Во секој случај, заклучок е дека мора да постои австриски, германски или уште погенерално – европски еквивалент на идејата за американската посебност и уникатност. И секако, тој еквивалент треба да се базира на принципите на либералноста, а не агресивност, насилство, хегемонија и крв.