Научен собир посветен на Блаже Конески

748

Научен собир посветен на Блаже Конески во организација на Институтот за македонска литература ќе се одржи денеска во 10 часот. Собирот е посветен на 70-годишнината од објавувањето на првата стихозбирка на Блаже Конески, „Земјата и љубовта“ (1948 г.) и 25 години од неговата смрт. На отворањето поздравно обраќање ќе има Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература. Вера Антиќ ќе зборува на темата „Од сознанијата за Блаже Конески“, Лорета Георгиевска-Јаковлева за „(Зло)употреба на поезијата: политичките партии и Конески“, Ана Мартиноска за „Конески и музиката“,
Димитар Пандев ќе има излагање на темата „Заложбите на Блаже Конески за македонскиот јазик и литература“ спроти „Земјата и љубовта“ (1948) и по неа“.
Во втората сесија ќе зборуваат: Иван Џепароски на темата „Блаже Конески: возвишениот за возвишеното“, Мишел Павловски на темата „Дијалог со Конески“, Валентина Миронска-Христовска за „Конески и македонскиот 19 век“, Соња Стојменска-Елзесер за „Конески: предели и места“, Славчо Ковилоски за „Родниот крај во творештвото на Блаже Конески“.

Излагања ќе имаат и Весна Мојсова-Чепишевска – „Ороводецот Конески“, Славица Србиновска – „Меланхолијата во поезијата на Блаже Конески“, Биљана Рајчинова – „Односот на Блаже Конески кон традицијата“, Лилјана Пандева – стилистика на прилогот во „Земјата и љубовта“. Трудовите од научниот собир ќе се објават во меѓународното научно списание „Спектар“.