Натпревар

108

Наша победа! Наша победа! – викаа сите заедно. Сите се чувствуваа како победници, само Спирко жалеше што не постигна уште еден гол: „Мора да играме уште еднаш, мора да ги победиме“, размислуваше додека другите се оддалечуваа од него…

– Ајде, ајде, вие поим немате што е тоа фудбал… Ние сме мајстори за вас… Мислам, се знае…
– Ама нема ти што да мислиш! Кај можете вие да се мерите со нас!? Ние можеме лекции да ви држиме…
– Што?! Само ако…
– Само ако… Што?
Вака се расправаа две групи деца, дојдени на пролетна екскурзија во Дојран.
А девојчињата ги слушаа и негодуваа…
– Еј имам идеја – се досети Маја. – Ајде да им предложиме да одиграат натпревар… А ние ќе навиваме!
– Супер идеја…
-Еј, – викна Миа – доста се каравте. Игралиштево е празно, па одмерете си ги силите! Ние ќе навиваме.
– Па може, зошто да не?! – прв се согласи Спирко. – Се сложувате ли и вие? – се сврте кон децата од другата група.
– Да, да, ајде… подгответе се…

На игралиштето…

Вревата околу игралиштето стануваше сѐ погласна.
Две училишта – два тима. Една група девојчиња навиваше за едните, друга за другите.
Судија беше чичко Перо од Дојран. На едниот гол беше Васко, познат како најдобар голман во тимот на Спирко. На другиот – Кире…
Во еден миг, Сашко од спротивниот тим ја дочека топката меѓу своите нозе. Вешто се пробиваше низ противничките играчи, трчајќи кон голот на Васко:
– Трчај, трчај – викаше Васко – ама џабе ти е, нема да ми дадеш…
– ГОООЛ!!! – викнаа сите во глас.
Топката помина меѓу нозете на Васко и право во голот! Васко остана на своите коленици, не верувајќи што му се случи…
– Наша победа! Наша победа! – викаа навивачите на противничкиот тим.
А колениците на Васко останаа излупени и крвави. Го болеше, ама не признаваше. Не ни помислуваше да ја напушти играта.

Второ полувреме

Чичко Перо свирна со своето судиско свирче. Второто полувреме започна…
Спирко цело време трчаше по средината на теренот. Се пробиваше низ противничките играчи, но никако да се најде пред голот. Ама не се откажуваше:
– Подај!… Трчај! Смири! – викаше по своите соиграчи.
А кога конечно се најде пред голот – сети како за миг се најде наземи.
– Пенал! Пенал! – викаа сите од неговиот тим.
– Пенал! Пенал! – викаше и тој на сет глас.
– Не е пенал! Не е – викаа од противничкиот тим.
– Пенал – пресуди чичко Перо.
Спирко се најде очи во очи со голманот Кире. Тој налево, Спирко надесно и….
– ГОООЛ! Гооол! – ечеше целото игралиште.
За една-две минути чичко Перо свирна со своето свирче:
– Крај! Им честитам и на двете екипи – супер бевте! Ајде сега на ручек, а потоа сите ве честам сладолед.
– Наша победа! Наша победа! – викаа сите заедно. Сите се чувствуваа како победници, само Спирко жалеше што не постигна уште еден гол: „Мора да играме уште еднаш, мора да ги победиме“, размислуваше додека другите се оддалечуваа од него.
Изгледа дека само тој не можеше да се помири со нерешениот резултат, затоа што секогаш сака да победува.
Но сепак, подобро нерешено отколку пораз.
Секогаш може да биде подобро, но и полошо!

Од книгата „Спирко немирко“ на Ксенија Маказлиева-Трајчева


Наместо белешка за авторката

Ксенија Маказлиева-Трајчева е родена 1969 година во Струмица, каде што завршува основно училиште. Средното образование го продолжува во родниот град, а потоа се запишува во Белград на Факултетот за политички науки. Дипломира во 1994 година на Филозофскиот факултет во Скопје.
Своето професионално искуство како новинарка и уредничка го почнува како соработничка-новинарка, а подоцна и како уредничка во радиоемисии и весници за млади, а во списанието за деца „Развигор“ во периодот од 1990 до 1995 г. објавува кратки раскази за деца.
Истовремено работи и на реализација и монтажа на телевизиска програма во телевизијата А1 телевизија, соработувајќи во емисиите за деца. Своето професионално искуство го продолжува како уредник во списанието за современа жена „Елена“ и во списанието за мода и стил „Лик“.
Од 1999 г. е дел до тимот на издателството „Детска радост“, каде што и денес работи како одговорна уредничка на списанието за деца „Другарче“.
„Спирко немирко“ е нејзина прва збирка раскази за деца.