НАТО не е решение за сите проблеми

705

НАТО ја нуди рамката за стабилност, но не е решение за сите проблеми. Решението на проблемите зависи од домашната волја и од напорната работа

Минатата седмица во коментарот „НАТО е застарен“, со позајмен наслов од советник од администрацијата на Буш постариот, отворив дебата пред претстојната покана за членство на Македонија во НАТО. Аргументирав зошто можеби НАТО за САД е застарено, истечено, со завршена употреба, но дека сето тоа не значи дека антинатовски ориентираните можат да се радуваат дека му е дојден крајот на НАТО. Сегашната кавга е најверојатно само зголемување на притисокот на САД врз ЕУ да ги зголеми воените буџети на декларираната цел од 2 проценти, што сега ја исполнуваат, покрај САД, само Велика Британија и Полска. Целата кавга нема да заврши со крај на НАТО, туку најверојатно со зголемување на придонесот на ЕУ во европската одбрана. И доколку биде неуспешна потрагата по нова мисија на НАТО, и доколку геополитичките промени покажат дека подобро е НАТО да се замени со армија на ЕУ, која секако ќе биде сојузничка со САД, и доколку дојде крајот на НАТО, дебатата за целисходноста на НАТО е нешто што САД можат да си го дозволат, што Германија може да си го дозволи, но малите земји како Македонија не можат да си го дозволат.

Во пресрет на поканата за НАТО, поврзана со договорот за името, дебатата за целисходноста на НАТО во Македонија се води во две погрешни насоки, песимистичка и оптимистичка. Но пред да продолжам јасно да разграничам дека оваа анализа се однесува на НАТО, но не и на ЕУ, и меѓу двете членства има јасни разлики во добивките. Во првата песимистичка насока, изразена преку НАТО не е ѝ потребно на Македонија, има повеќе фракции, од левичарски антимилитаристички преку проруски ориентирани поединци, но најверојатно се најмногубројни тие што таквиот став им е протест поради условувањето на членството со промена на името. Во последните истражувањата (МЦМС, 2017 г.) довербата во НАТО е 50 проценти, што е намалување во однос на претходните години (60,5 проценти во 2010 година), но сѐ уште е високо ниво, на пример повисоко од тоа во Шпанија, која е членка на НАТО (45 проценти). За Македонија нема друга кредибилна алтернатива, што се илустрира со ниската перцепција на Русија како најдобар сојузник на Македонија (14 проценти). Од друга страна треба да постои свест дека промена на геополитика без согласност на заинтересираните светски и регионални сили не завршува добро по засегнатите земји, и за тоа примери се Украина и Сирија. Оттука геополитичката евроатлантска ориентација на Македонија е потврдена и поддржана, и членството во НАТО е целисходно и потребно.

Но тоа не значи дека треба да се преувеличуваат ефектите, и безбедносните и политичките и економските, од истото тоа НАТО-членство. Постои една мантра, посебно од власта, дека со членството во НАТО ќе се решат сите проблеми. Таквиот некритички однос, поттикнувањето нереални очекувања, очекувањето дека некој однадвор без макотрпна работа ќе ги реши проблемите, се многу штетни за Македонија. Мора да се дефинираат за и противаргументите и конкретните придобивки од НАТО-членството, и колку што е можно да се квантифицираат.
Во безбедноста малку што ќе се промени. Македонија има стратегиски договор со САД и има четири од пет соседи што се членки на НАТО или имаат НАТО-присуство, од што е исклучок само Србија. Кого НАТО во Македонија ќе го одвраќа од воена интервенција? Од друга страна има низа членки на НАТО што имаат безбедносни проблеми. Од децениското ривалство на Грција и Турција, и двете членки на НАТО, до безбедносните проблеми во Велика Британија (Северна Ирска), се покажува дека НАТО не може да биде решение за сите безбедносни предизвици.

Во внатрешната политика постои уверување дека членството на НАТО ќе го намали меѓуетничкиот јаз меѓу етничките Македонци и етничките Албанци и ќе ја зголеми внатрешната кохезија. Можеби, но од друга страна има низа членки на НАТО што имаат внатрешни проблеми. Велика Британија (со Северна Ирска), Шпанија (со Каталонија), Турција (со курдскиот ПКК) и други се доказ дека НАТО не може да обезбеди внатрешна кохезија.
Во економијата, постои уверување дека НАТО-членството со перцепцијата за стабилност го намалува влијанието на политичкиот ризик врз цената на капиталот, ги поттикнува странските директни инвестиции (СДИ) и порастот на БДП, а со тоа и намалување на невработеноста. Најчест и релевантен пример е Бугарија, каде што по членството во НАТО се зголемени инвестициите и БДП и намалена е невработеноста. Од друга страна, Бугарија сѐ уште има двапати помал БДП од ЕУ-просекот, а и прашање е дали намалената невработеност е резултат на економскиот пораст или масовното иселување од земјата. Доколку се споредуваат Албанија, која е членка на НАТО од 2009 година, и Македонија, не може да се дојде до заклучок дека НАТО-членството има значајно влијание. Во податоците за СДИ и БДП може да се види јасна врска на истите со големата финансиска криза од 2008 г. (пораст на СДИ до 2008 г. и пад во годините потоа, па повторен пораст) и на внатрешните политички кризи (нула раст на БДП во Македонија во 2017), но не и на НАТО-членството. Албанија постигнува најголем пораст од 3,8 проценти во 2017, по десет години членство во НАТО, што Македонија го имаше без НАТО во 2015 г. Дали Владата може да понуди среднорочни проекции на СДИ, БДП и (не)вработеност со Македонија како членка на НАТО и без членство?

НАТО ја нуди рамката за стабилност, но не е решение за сите проблеми. Решението на проблемите зависи од домашната волја и од напорната работа. Во период кога ќе треба да се одлучуваме меѓу две важни прашања, името и НАТО-членството, мора многу внимателно, засновано на факти, да ја водиме расправата што добиваме, а што губиме, за сите ние да може да донесеме промислена одлука.

(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #СпоротЗаИмето #НАТО