НАТОФЕСТ

2215

Експресната најава за организирање народна веселба во 15 града за наводната покана за влез во НАТО (подготовките биле во тек уште пред Заев да го бакне пенкалото на Столтенберг) беше дочекана со коментар: „Им се смеевте на Севернокорејците кога веруваа дека се светски прваци у фудбал!?“ Поентата не е само во пораката/наредбата од власта до народот дека треба да се радува, туку во очигледната лага што сакаше да му се „продаде“. Факсимилите покажаа дека на премиерот на Скопје (!?) му беше врачено пусулче/писмо на намери, а не покана. Вистина е дека Република Македонија доби покана да си го смени името како услов за членство, што е константа од 2008-та. На Запад ништо ново (барем кога е Македонија во прашање)! Пораката е иста: спротивна на меѓународното право (за кое НАТО никогаш и не се потресувал), неповрзана со некакви НАТО-критериуми и вредности, безобразна, во гангстерски стил. Пропагандата е забревтана во севернокорејски стил (а парадоксално, Македонија е единствена земја во регионот во која медиуми се финансираат од западни фондови, агенции и амбасади). Да биде трагикомедијата уште поголема, началникот на Генералштабот – пресреќен како што му прилега на (уште-малку-па) НАТО-генерал – призна пред камери дека веднаш ќе се набават униформи и чизми, бидејќи АРМ ни е буквално гола и боса.

Каде сите Турци, таму и гол Асан! НАТОФЕСТ-от доживеа тотален фијаско (од аспект на организаторите). Во цел свет музичарите се антивоена авангарда, а овде беа корумпирани за малку кеш! Респект за оние што одбија, и покрај свеста дека овде си имаме работа со хунта. Оној што лееше солзи за тоа колку „Тамари“ се трошат за симулакрумот на ДПМНЕ, сега воскликнуваше на видеоспот за влезот на Македонија во НАТО, ама и ЕУ! А ние уште собираме донации за болни дечиња по СМС. Новиот Мартин се вика Саздо, а МВР (повторно) се обиде да скрие! Во оваа земја едвај и да има што да се слави, но НАТО и промената на името најмалку го заслужуваат тоа. Ако е ова индиција за референдумот, Заев треба да се замисли, а неговите наредбодавци да се загрижат. Не им помина северната пропаганда. Барем засега…
Додека овде правеа славенички сценарија, светските медиуми и аналитичари ја анализираа темната иднина на НАТО (и ова не е мој став, како што сакаат да ми припишат: ако знаат англиски, нека читаат малку наместо да ломотат по ТВ-дебати). Самитот беше фијаско (по најавата дека САД би можеле да тргнат и сами), па пијаниот Јункер стана најведрата точка на настанот. Заклучокот дека НАТО е (повторно) во потрага по reason d’etre (смисла на постоење) не е нов. Ново е што ни Втората студена војна (т.е. измислувањето на Русија како непријател против кој мораат да се здружат западните „демократии“) не доведе до кохезија. Некои, по малку брзоплето, заклучија дека станува збор за обична семејна кавга околу парите, но суштината е многу подлабока. Трамп настапи како дилер на оружје и рекетар, но мнозина се согласуваат дека на НАТО не му се пишува добро. Зад наводната доктрина „Америка најпрво“ нема ниту стратегија, ниту процени, но нештата се сепак предвидливи.

Русија е само навидум јаболко на раздор: за Германија е важен трговски партнер (во енергетиката), додека за параноичните балтички држави и Полска е извор на закана, но Трамп вели дека Путин му е конкурент, а не непријател. Стара Европа нерадо издвојува повеќе средства за војување, а бившите источноевропски земји бараат и повеќе оружје и повеќе американски војници; Грција и Турција се во постојана трка со оружје (што е доказ дека НАТО не е гаранција ниту за безбедност ниту за развој). Политичките економисти сметаат дека внатрешните конфликти не се резултат на недоволно воено финансирање: единственото нешто околу кое НАТО-империјалистите отсекогаш се согласувале е дека воено-индустрискиот и банкарскиот бизнис имаат предност пред општествената благосостојба. Новината е што неолиберализмот се вовлече и во одбранбените работи поради изменетиот геополитички пејзаж. Досега САД и Европа ја одделуваа (компартментализираа) трговијата од безбедноста, но трговската војна со ЕУ ја измени оваа равенка. Суштината на играта е првенствено во геопрофитот, американскиот, првенствено во однос на Кина, но и Африка и Азија. Кавгата околу парите е само одраз (или дури и димна завеса) за тенденции што веќе немаат никаква врска со примарната мисија на НАТО (ако им требаат повеќе пари, значи ли дека се неуспешни во досегашните мисии?). Наместо униполаризам (момент што е минато), Трамп наметнува „унилидеризам“ (Џон Фефер), кој буквално значи: ако САД веќе и мораат да имаат сојузници, тогаш тие треба да си го знаат местото – на вазали. Република (Северна) Македонија очигледно многу добро би се снашла со вазалството, кое го тренира со години, а особено по операцијата на отворен ’рбет. Но во ова друштво се и Украина и Грузија, единствени осиромашени и слаби држави чии влади покажуваат ентузијазам да се зачленат во клубот без оглед на цената. Издвојувањата на овие земји се безначајни за вкупниот бран на милитаризација, но за тоа треба да судат нивните сиромашни граѓани, на кои им се продава антибајка во која лошите момци победуваат и во која издвојувањата за војни носат демократски прогрес и економски развој.

Самитот меѓу Трамп и Путин веќе го засени бриселскиот, затоа што е во духот на орвеловските контрадикции на кои почива НАТО. Русија е истовремено и закана за НАТО (иако издвојува неспоредливо малку за воени цели, а Путин дури и го намали воениот буџет), конкурент и партнер во одделни делови од светот. Исто е и со Турција (која се вооружува во Русија). Во НАТО-партнерствата нема ништо стабилно, бидејќи се темелат на привремени мини-сојузи и на дволичност. Каган деновиве пишува дека Трамп не верува во НАТО, а ни јавноста не е убедена дека Алијансата му служи на американскиот интерес. Според истражување на германскиот ЗДФ, дури 89 проценти од Германците сметаат дека САД не се доверлив сојузник. Во 2017 година, канадскиот началник на ГШ изјави дека „НАТО достигна стадиум во кој лешот се распаѓа“, на што аналитичарите додадоа дека смрдеата е и скапа и опасна. Известувањата за самитот одеа во насока на навестување „меѓународен хаос“, што е чекор назад во однос на постојната (зрела) меѓународна анархија. Спротивно на популарниот наратив, треба јасно да се каже дека НАТО (а особено водечките сили во него) не се ништо друго туку империјална воена сила водена од економски интерес, а не безбедносен! Таа е преводена од човек што, според „Њујорк тајмс“, „ја преуредува Америка во себична и нечесна земја, без блиски пријатели, целосно непредвидлива, ослободена од придржување за некои трајни вредности, подготвена да му забие нож в грб на секој сојузник.“ Она што Заев, ама и Мицковски, не го гледаат е дека правејќи ја Америка моќна, Трамп ја минира Европа/ЕУ (нашата втора цел) со изнудувања што немаат врска со безбедносната ситуација.

Вистинскиот конкурент (и опасност) за САД е Кина, па затоа во даден момент лесно ќе се откажат од евроатлантската алтернатива за сметка на транспацифичката. Тие немаат мотив да губат време на Европејците (кои економски сѐ уште стојат добро), додека Азија прави гигантски чекори на глобален план. Дури и да ги смениме името и влеземе во НАТО, ќе се најдеме во сендвич и ќе (о)станеме на креираната линија на фронтот. Џејмсбондовската приказна дека Русија ја организира опозицијата на Преспанскиот договор на двете страни на границата е само доказ дека двете балкански влади се пиони на шаховската табла, американската пропаганда им служи за елиминација на внатрешната опозиција. А бидејќи и онака не се ни автори на договорот, така со нив ќе си поигруваат за сосема други геополитички цели. Во меѓувреме, клептократите добро ќе се снаоѓаат со глумење демократија и по пат на натамошни задолжувања – дебтократијата е она што треба да ги загрижува граѓаните на Македонија и Грција, злото во кое заедно се дават без шанса да создадат почва за развој и благосостојба.