Настапи косовскиот виртуоз на гитара Дрилон Чочај

35

Косовскиот виртуоз на гитара Дрилон Чочај одржа концерт во црквата „Света Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“. На програмата беа дела од Јохан Себастијан Бах, Фернандо Сор, Абел Карлеваро и Мануел Понс. Тој изрази задоволство за учеството на фестивалот, воодушевен од акустиката во црквата „Света Софија“.
– Многу ми е мило што сум дел од овој фестивал. Настапив со малку поинаков репертоар, со дела што се од различни епохи. Акустиката во црквата е многу убава, а тоа е особено важно за гитарата. Вообичаено, ние уметниците со гитара имаме проблем, но настапот овде, во акустичен амбиент, за нас претставува огромна среќа – изјави Чочај.

Гитаристот, кој приреди романтична вечер за публиката на „Охридско лето“, посочи дека првпат настапува на фестивалот, но уште од мал ги следел музичките концерти што се случуваат во „Света Софија“.

– Ова е мојот прв настап на фестивалот, но уште од мал ги следев концертите на „Охридско лето“ на секои две години. Посебно ми е важен балконот во горниот дел од црквата од каде што ги слушав плејадата ѕвезди, кои беа дел од фестивалската програма. Навистина е голема чест и претставува огромно задоволство да се настапува на „Охридско лето“ каде што музицирале Максим Венгеров, Иво Погорелиќ, Николај Лугански и други звучни имиња. „Охридско лето“ е голема среќа не само за Македонија, туку и за целиот поширок регион – додаде виртуозот на гитара Дрилон Чочај.

Во биографијата на Чочај запишани се многубројни солистички и камерни концерти во Косово, но и во Албанија, Шведска, Црна Гора, Германија, потоа учество на разновидни фестивали, како „Звуците на гитарата“ во Тирана, „Дам фест“ и „Ре музика“ во Приштина, познатиот фестивал „Шопен“ во Полска, Летниот фестивал во Улцињ…, како и победа на интернационалниот натпревар за млади музичари „Арс Косово“ во Приштина.