Наставникот треба да ја стимулира желбата кај учениците за учење

296

Со сите мои активности настојувам да ја исполнам мисијата на еден учител просветен работник да продуцирам кадри, кои со своите стекнати знаења и вештини ќе се искачуваат на повисоки скалила, вели Николоска

Од овој број на „Колибри“ ќе почнеме да ви ги претставуваме најдобрите наставници за 2017/2018 година.
Почнуваме со портретот на Сузана Николоска, наставничка по македонски јазик во основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп.
Според неа, просветниот работник има многу важна улога во целокупниот развој на општеството.

– Среќна сум што ја имам оваа благородна и хумана професија и особено сум горда што како сатисфакција за моето континуирано залагање и постигнати успеси и награди во образовниот процес го добив признанието – просветен работник на 2017-2018 г. од Сојузот на просветни работници и Министерството за образование и наука на Македонија. Љубовта кон професијата, посветеноста, принципиелноста толерантноста, емпатијата и грижата за учениците се чинители со кои наставникот достигнува највисоки дострели. Предизвик е на тој пат да се совладуваат и сите пречки, кои реално постојат – ни рече Николоска.

За наставничката Сузана предметот македонски јазик има примарно значење во основното образование.

– Учениците го изучуваат потеклото на македонскиот јазик како и сите негови законитости и норми. Низ наставните содржини треба да се развива и да се негува љубовта кон мајчиниот јазик. Преку програмските подрачја изразување и творење (пишување поезија и проза) како и со совладувањето на техниките во рецитирањето со учениците ја постигнувам токму таа цел – истакна таа.

Николоска дополни дека со својот личен пример наставникот силно влијае врз развојот на младата личност

– Вистинската вредност на наставникот не е детерминирана само во количеството на неговото знаење , ниту пак способноста да го пренесе тоа што го знае, туку да ја стимулира желбата кај учениците да учат. Најважно е наставникот да биде инспиративен лик за ученикот. Лично настојувам училницата да ја претворам во пријатно место за нови откритија и знаења, да ги развивам критичкото мислење и креативноста кај учениците за да можат понатаму да се развиваат нивните социјални компетенции. Со сите мои активности настојувам да ја исполнам мисијата на еден учител просветен работник да продуцирам кадри, кои со своите стекнати знаења и вештини ќе се искачуваат на повисоки скалила и ќе бидат корисни граѓани на општеството – посочи нагрaдената Сузана Николоска. Ф.Д.