Направете им го летото подносливо на вашите миленици

196

Кога им е премногу топло, кучињата и мачките дишат гласно, со отворена уста и испружен јазик. Уште еден знак е доколку се потат на шепите. Дополнителни симптоми за проблеми со топлината кај милениците се недостиг од апетит, збунетост и дијареја

За да ги заштитите вашите миленици од високите дневни температури многу е важно прво да ги препознаете симптомите што ги покажуваат, а потоа да преземете некаков чекор за да им биде полесно и попријатно, во зависност од тоа дали им треба вода, сенка или свеж воздух.
Кога ќе почнат летните горештини, многумина од нас се подготвени на тоа што следува, се спуштаат ролетни, задолжителни се освежувања со млака вода, но не треба да се заборави дека и на милениците им е топло и дека треба да се создадат услови и тие да имаат подносливо лето и да ги преживеат високите температури.
Бони Шнајдер во својата книга „Екстремно време“ споделува корисни совети што ги добила од разговори со ветеринарите Шарлот Круглер и Адам Ијхелбергером од универзитетот „Клемсон“ во Јужна Каролина.

Најважно е да се препознаат знаците дали на милениците им е топло. Кога им е претопло, кучињата и мачките дишат гласно, со отворени усти и испружен јазик, дури и само кога лежат. Уште еден знак е доколку се потат на шепите. Дополнителни симптоми за непријатност кај милениците се недостиг од апетит, збунетост и дијареја.
Домашните миленици во никој случај не треба да бидат принудени да вршат некаква напорна работа за време на високи температурите, бидејќи тоа може да доведе до прегревање. Во случај да се забележат некои од овие знаци, треба да се однесе миленикот на ветеринар.

Во книгата на Бони се наброени неколку корисни совети што секој сопственик на миленик би требало да ги знае. Еве дел од нив:
– Никогаш не оставајте го миленикот сам во автомобил, дури ни со отворен прозорец, затоа што возилото сепак е топло.
– Секој миленик треба да има доволно свежа вода на располагање.
– Овозможете му да се скрие во сенка доколку му станува топло.
– Никогаш не оставајте го во просторија каде што нема проток на свеж воздух.
– Не принудувајте го на физичка активност и секогаш кога му треба одмор, дозволете му да здивне.
– Доколку го водите на трчање или планинарење, не заборавајте да земете вода и за него.
Исто така миленикот може да се освежи со влажни крпи по шепите или да му ги ставите во млака вода. А потребно е да се посвети внимание на очите и на стомакот.
– Некои сопственици не се свесни дека животните можат да изгорат на сонцето, исто како и луѓето. Животни за кои не се препорачува да излегуваат на силно сонце се кучињата, мачките, коњите и свињите. Некои се почувствителни на сонце во споредба со други. На пример, белите мачки и коњите доколку изгорат, може да добијат и рак на кожата. Исто така треба да се внимава и на храната, затоа што некои јадења се осетливи на сончева светлина и може да се расипат.

Кучињата што имаат дебело крзно многу потешко ја поднесуваат топлината. Арктичките видови исто така се чувствителни на високи температури. Црните кучиња поради својата боја повеќе ја впиваат топлината, па тоа може да им создаде проблеми во деновите кога е многу топло. Некои кучиња во текот на летото е препорачливо почесто да се стрижат, по можност и неколкупати. И, секако, за сите невообичаени реакции на вашиот миленик пожелно е да се обратите на ветеринaр – пишува Бони.
Исто така не уживаат само луѓето во студените напивки и во свежите оброци. И милениците сакаат нешто вкусно што ќе ги разлади. Така што на мачките може во пластичен сад да им замрзнете некој вид супа или млеко со сува храна. А за кучињата, нивниот омилен оброк добро изладете го или замрзнете го, а тие обожаваат и леден путер од кикиритки.