Направете зимница без конзерванси

957

Наједноставниот и најпрактичниот начин да се зачуваат хранливите состојки и витамините од свежиот зеленчук до следната пролет е секако зимницата. Денеска ќе ви претставиме како се приготвува здрава зимница без конзерванси на целосно природен начин. Најздравиот начин за приготвување зимница е оној без конзерванси, а притоа зеленчукот не се изложува на високи температури. Со тоа се зачувуваат витамините и минералите до следната година. Како природни конзерванси за туршија се користат киселината, солта и шеќерот, кои овозможуваат зеленчукот по ферментацијата да ги зачува својот вкус и текстура.

Класичната туршија без конзерванси може да ја направите на следниот начин:
изберете го омилениот зеленчук или направете комбинација од краставички, зелени, моркови, карфиол, келераба, мали главици кромид, ротквички, пиперки, зелка… Зачини што се користат при приготвување здрава зимница без конзерванси се сол, шеќер, црн пипер во зрно, лавров лист и алкохолна киселина (9 проценти).

Приготвување:
При приготвување здрава зимница треба да се следат правилата. Зеленчукот темелно измијте го, исчистете го од темните делови и добро исушете го од водата. По потреба исечкајте го.

Во чисти стерилизирани тегли наредете го зеленчукот. Во секоја тегла додајте мал филџан киселина, мала лажичка сол, лажичка шеќер, неколку зрнца црн пипер и по еден лавров лист. Теглите дополнете ги со вода и затворете ги со капак. Наредете ги во голема шерпа, а до висината на капаците ставете вода. Лонецот со теглите ставете го на шпорет и оставете водата да зоврие.
Потоа намалете ја температурата и оставете да се вари уште 10 минути. Потоа теглите внимателно извадете ги. Свртете ги со капакот од долната страна. Поставете ги во друг сад и завиткајте ги со стари ќебиња.
Теглите оставете ги прекуноќ да се изладат на собна температура. Вака приготвената зимница е целосно конзервирана без никакви додатоци.


За добро здравје јадете туршија

Во период кога нема многу свеж зеленчук на пазарите, зимницата е задолжителен дел од сечија трпеза. Тоа е еден од најстарите начини на конзервирање на зеленчукот, но прашање е колку притоа тој успева да ја задржи својата хранлива вредност?
При правењето туршија доаѓа до одредени промени во вкусот и текстурата на зеленчукот, поради бактериите што се создаваат при вриењето на млечната киселина. Овие бактерии го покачуваат количеството на млечната киселина во зеленчукот за сметка на скробот, шеќерите и витамините, но имаат и добра страна – помагаат во варењето на храната, апсорбирањето на хранливите состојки на храната, а ги штитат и цревата. И покрај намалувањето на хранливата вредност на зеленчукот од туршијата, таа сè уште е еден од најважните извори на витамини и на минерали во зимскиот период. Така на пример, 100 грама кисела зелка ќе ве снабди со 3 грама јаглехидрати, 1,7 грам протеини, 0,2 грама масти, 1,6 грам целулоза, 715 милиграми натриум, 232,2 милиграми калиум, 0,5 милиграми железо и 16 милиграми витамин Ц.

Лошата страна на туршијата е големото количество натриум што го содржи. Солта и другите адитиви што се додаваат при нејзиното приготвување, се причина таа да не се препорачува за оние што имаат срцеви проблеми, висок крвен притисок, проблеми со бубрезите, чир во желудникот или воспаленија на системот за варење.
Затоа нутриционистите препорачуваат туршијата да се приготвува со што е можно помалку сол и без никакво користење адитиви и конзерванси. Вака конзервираниот зеленчук е одличен за консумација и е пожелно да се јаде што почесто. Сепак, доколку веќе сте ја приготвиле туршијата за оваа зима, препорачливо е пред консумирањето да ја измиете со чиста вода, со што ќе се елиминира еден дел од солите што ги содржи.