Наместо заклучоци – неколку факти и препораки

466

Приведувајќи го овој текст кон својот крај останува, заради потсетување, да преповторам неколку од фактите изнесени во него и да укажам, уште на неколку други, кои, иако директно не се апострофирани, сепак, се во контекст со него. Исто така би сакал да упатам неколку препораки, за кои сметам дека би било добро да се имаат предвид при заокружување на преговарачкиот процес воден околу пројавената „разлика“ за употреба на именката (зборот) „Македонија“ во името на нашата држава и употребата на истата таа именка во името на грчката провинција „Македонија“.
Кога станува збор за фактите, предвид ги имам следните, кои ќе ги набројам подолу во текстот. Факт е дека географскиот простор и пред во антиката да биде именуван како „Македонија“ постоел, постои и денес, како што ќе продолжи да постои и во иднина сѐ додека по божјите природни закони тоа е така речено.

Факт (потврден и од древните записи и од археолошките наоди) е дека тој простор и пред да биде познат под името „Македонија“ бил животно средиште на повеќе човечки заедници, кои условно речено, редоследно, како минливи и менливи доаѓале, се амалгирале со други, заминувале или исчезнувале.
Факт е дека во одредени настанати услови и констелации на односи на тој ист простор од една или повеќе човечки заедници, настанала одредена политичка заедница, која, за науката сѐ уште, докрај неразјаснето, се самоименувала како „Македонија“, а нејзините жители како Македонци, како што, впрочем, и грчките полиси градови-држави ги добиле своите имиња (Атина, Теба, Спарта и т.н., Атињани, Тебанци, Спартанци…). За ова античкиот мислител Платон во своето дело „Закони“ (книга 4, В, 704), меѓу другото ќе рече: „Не прашувам кое име сега го има (мисли на полисот – град-држава ав.заб.), ниту како треба да се именува во некое наредно време.

Зашто називот на новосоздадената држава веројатно ќе биде определен со оглед на нејзината заснованост, можеби според некое место, река, извор….“ Ова верување на Платон, (кој во цитираното дело и самиот се именува како Атињани ав.заб.) не можам да го одминам, а да не кажам дека многу ме потсетува на самоименувањето на државите и денес, како и на именувањето своите жители. Тоа, секако се однесува и на нашата држави и на нејзините жители.

Неколку империи – една Македонија

Факт е дека античка Македонија, конституирана како држава на географскиот простор, именуван и самиот како Македонија (македонски), во времето на нејзините владетели Филип и Александар, сега и како хегемони на хеленскиот сојуз на градовите-држави, далеку ги надраснал границите на овој простор, проширувајќи го од европскиот, уште на два континента: азискиот и африканскиот и пренесувајќи го во новите простори хеленскиот, но и самиот Александров светоглед, а кои благодарение на хеленското писмо како запис станале, првично, достапни до просветената европска јавност, а преку неа полека, но сигурно, стигнале и до учената јавност од другите светски меридијани.
Факт е дека државата Македонија, како политичка заедница престанала да постои во 148 година пред Христа, кога по изгубената трета едноподруго војна со Римјаните, станала административна провинција од Римската Империја. При ова познат е фактот дека таа провинција, со одредени варијации, Римјаните, исто, ја именуваат со старото име „Македонија“.

Факт е дека тој простор по пропаста на Западното Римско Царство продолжил да егзистира како провинција во рамките на Византија, при што и во овој случај, со одредени варијации, таа, исто била именувана како „Македонија“. Со неа истото тоа е случај и за време на Османлиската Империја.
Да завршам. Факт е дека по престанувањето на античка Македонија како држава (148 пр. н.е.) првпат, но само на делот, кој според Букурешкиот договор од 1913 година му припадна на Кралството Србија, во 1944 година беше конституирана денешната нова древава именувана како „Македонија“, која од 1991 по распадот на Југословенската Федерација егзистира и како суверена и независна држава, со статус на членство во ОН од 1993 година. Познато е дека остатокот од овој простор според споменатиот Букурешки договор, во различни големини, им припадна на трите други балкански кралства (грчкото, бугарското и албанското). При ова делот што ѝ припадна на Грција во 1988 година е именуван, исто така, според старото античко име „Македонија“.

Букурешт и поделбата

Целта заради која укажувам на овие факти не ми е за нив со некого да спорам, туку само преку нив да се види колку во реалниот живот сѐ е релативно, па оттука и менливо и минливо. При ваква состојба на нештата, тешко би било прифатливо некој, па кој било да е тој некој, повикувајќи се на некоја своја, така да ја наречам „вечна тапија“ да претендира на привилегирано право на првенство, какво што во нашиот случај е претендирањето на соседна Грција во поглед на употребата на именката „Македонија“ на делот од географскиот простор, кој со Букурешкиот договор нејзе ѝ припаднал. Според, би рекол, вечното природно право, работите стојат обратно од ова. Имено, секој што овој простор го стекнал под одредени услови и околности, покрај другото, го има и правото на негово именување, што, видовме погоре, во минатото и се случувало, при што и не е познато дека ова некој го оспорувал. При ваква состојба, со еднакво право секоја од оние држави самостојно го определувале името на целиот или на делот од античкиот географски простор што ним им припаѓал во одредено време.

Мицотакис – еден поинаков став

Меѓутоа, сепак, заради избегнување целосно поклопување на имињата на овој простор, или на кој било друг, кога тој им припаѓа на повеќе држави, ако тоа за некоја од нив прави проблем, каков што е случајот со Грција, тогаш за тоа може и пожелно е да се разговара за да се дојде до обострано прифатливо решение. Да се дојде до такво решение постојат повеќе можности, вклучувајќи ги во нив и искуствата од познати преседани, какви што се и оние наведени како пример во овој текст. Овде освен добра волја и разбирање и не е потребно нешто друго. Ако е така тогаш може да се постави прашањето, зошто тоа досега не се направило. На ова прашање можат да се дадат повеќе одговори. Но, според моето мислење ми се чини дека најискрениот и најточниот одговор на ова прашање го има дадено поранешниот премиер на Грција, Констатин Мицотакис, кој е и еден од директните протагонисти поврзан со настанатиот проблем за „разликата“ околу името на нашата држава. Имено, тој своевремено зборувајќи околу настанатиот проблем за нашето признавање под уставното име, меѓу другото, ќе рече: „Тоа што загрижуваше не беше името на оваа држава. За мене проблемот беше да не се создаде второ малцинско прашање во Западна Македонија. Тоа беше клучот на грчко-скопската разлика“ (в. В. Габер, Името Македонија, Скопје, 2010, стр. 189). Дали на ова е потребен некаков коментар? Одговорот, според мене, е не.

При вакво гледање на работите, на самиот крај почувствував потреба да им препорачам, а со тоа и ги охрабрам, двете страни, ако навистина, искрено сакаат да го затворат овој проблем да не ја пропуштат укажаната шанса бидејќи решението им е на дофат. Но, за да се успее во тоа и се отворат нови хоризонти помеѓу двата народа и држави покрај храброста, придружена, уште, и со цврста волја, потребно ќе им биде и на двете страни, сосема отворено пријателски, искрено од длабочината на својата душа и срце, да проговорат за сите свои стравови, за сите трауматични состојби, за сите направени гревови и грешки, како за оние од минатото, така и од сегашноста. Ослободувајќи се на овој начин од овој вид катарзични и тегобни состојби, да го насочат својот поглед кон отворање на новата страница за опстојот и за соработката на двата народа и држави на истиот овој географски простор, кој постоел и пред нас, постои и денес, а ќе постои и по нас и по многу други генерации, кои ќе доаѓаат и ќе си заминуваат.

Правата на малцинствата и јазикот

Колку проблемот на кој упатува премиерот Мицотакис е реален може да се види од многубројни архивски документи. Но поради ограниченоста на просторот ќе наведам, барем, еден до два. Имено, познато е дека според Договорот од Севр од 10 август 1920 година (склучен помеѓу Грција, од една страна и Англија, Франција, Италија и Јапонија, сите овие во името на победничките сили, од друга страна), за се Грција предвиде дека таа нема да озакони „…никакво ограничување против слободната употреба од секој грчки граѓанин на кој било јазик, било во приватните или трговските односи, било во областа на религијата, печатот или изданијата од секој вид или на јавните собири“ како и дека „…од страна на грчката влада ќе им бидат обезбедени соодветни олеснувања на грчките граѓани што зборуваат, покрај грчкиот, некој друг јазик, за употреба на нивниот јазик, било усно, било писмено пред судовите“ (член 7).
Во согласност со цитираниот закон Друштвото на народите имаше побарано од Грција да го овозможи остварувањето на правата за грчките граѓани, кои како малцинска група користат и друг јазик различен од грчкиот. Таа постапувајќи по тоа барање отпечати, дури, и посебен буквар „Абецедар“ (Abecedar) на македонски говорен јазик (со леринско-воденски дијалект), а со латинско писмо. Меѓутоа, таа наскоро тој буквар го повлече. По отпечатувањето на букварот, на приговорите, кои набргу дојдоа од Бугарија и од Србија, дека малцинството во грчка Македонија е бугарско односно српско, таа одговараше дека јазикот на кој тоа малцинство зборува е посебен словенски јазик, различен од бугарскиот односно српскиот. Меѓутоа, самиот чин на повлекување на цитираниот буквар, доволно јасно зборува дека, во овој случај, токму стравот од признавањето на посебното словенско малцинство бил тој што довел до повлекувањето на цитираниот буквар од употреба.

Како и да е. Колку овој и слични на него други вакви примери и да се чувствителни и „болни“, во случајот, за Грција, според моето длабоко убедување, многу е подобар пристапот за нив да се разговара, отколку тие и натаму да бидат премолчувани, макар за момент и да го одолжуваат конечното решение. Премолчувањето во никој случај не е решение. Решението е врз основа на длабока промисленост и разбирање од двете страни и вложен искрен напор да се дојде до состојба, која повеќе нема да ги оптоварува меѓусебните нивни односи, туку, напротив, истите тие, истовремено и ќе ги продлабочи и ќе ги релаксира.

(Продолжува)