Над 30 странски поети доаѓаат во Струга

74
Ана Бландијана

Подготовките за 58-то издание на „Струшките вечери на поезијата“ се во завршна фаза. Покрај добитничката на „Златниот венец“, познатата романска поетеса Ана Бландијана, како и добитничката на наградата „Мостови на Струга“, младата хрватска поетеса Моника Херцег, своето присуство го потврдија над 30 поканети странски поети од различни земји, кои ќе бидат претставени на фестивалот. Меѓу нив се: Рафаел Солер од Шпанија, истакнат шпански поет и раскажувач, Сачиданандан од Индија, еден од позначајните поети од Индија, кој пишува и на малајаламски јазик, Миа Лекомт од Италија, поетеса што има и француско потекло, Иштван Кемењ од Унгарија, еден од најистакнатите современи унгарски поети, Јоргос Јанопулос од Грција, поет што е веќе делумно претставен пред македонската публика.

На фестивалот ќе бидат претставени и најреномираните македонски поети од различни генерации, како и поетите што ќе влезат во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“.

Во рамките на „Струшките вечери“, освен луксузната монографија за добитничката на „Златниот венец“, во завршна подготовка се книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, книгата на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ во превод на англиски јазик, четирите буклети на поетите во рамките на платформата „Версополис“, но исто така, во завршни подготовки е и тематската антологија во која ќе бидат претставени најреномираните македонски поети. Во рамките на програмата на фестивалот, освен традиционално востановените програмски содржини, кои се препознатливо обележје на фестивалот, се предвидени и нови програмски содржини што ќе придонесат за поголема отвореност и видливост.

– „Струшките вечери на поезијата“ има намера да ја подигне јазичната комуникација на фестивалот како дел од заложбите за унапредување на квалитетот на манифестацијата, нејзиниот меѓународен углед и значење, но и да го унапреди односот кон својата публика и граѓаните. Во таа насока дел од содржините, а особено главните фестивалски читања и комуникацијата со јавноста ќе вклучува повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе користиме и албански и француски јазик. Во перспектива, од преведувачката работилница во рамките на следните изданија ќе ни доаѓаат преводи и на шпански, германски, руски, кинески и другите светски јазици – велат организаторите.