Надал фаворит за 12-та титула на подновениот Ролан Гарос

260

Централниот терен „Филип Шатрие“ по завршувањето на ланскиот турнир речиси целосно беше урнат (над 80 отсто), по што започна реконструкцијата, која треба да биде завршена до 2020-та

Шпанецот Рафаел Надал по деветти пат победи на тенискиот турнир во Рим со триумфот над Србинот Новак Ѓоковиќ во финалето (6-0, 4-6, 6-1). Со тоа тој ја потврди фаворитската улога пред вториот годинашен гранслем-турнир, Ролан Гарос во Париз, Франција (од 26 мај до 9 јуни).
Надал, за кого победата во Рим беше 34-та мастерс-титула, ќе атакува на 12-от трофеј на Ролан Гарос.

– Не се подготвувам ништо специјално. Ќе се обидам да ја следам вообичаената рутина, а добра околност за мене е што во вистинско време ја достигнав оптималната форма – изјави Надал по триумфот во Рим

Годинава Ролан Гарос ќе ги дочека тенисер(к)ите подновен, разубавен. Централниот терен „Филип Шатрие“ по завршувањето на ланскиот турнир речиси целосно беше урнат (над 80 отсто), по што започна реконструкцијата, која целосно треба да биде завршена до 2020-та, кога ќе биде поставен подвижниот покрив што ќе се затвора за само 12 минути. Со тоа Ролан Гарос ќе им се придружи на Вимблдон, Њујорк и на Мелбурн, кои имаа покриени терени, и како Мелбурн и Њујорк ќе може да организира и ноќни натпревари.

На разубавувањето на централниот терен во минатите 12 месеци беа ангажирани околу 1.000 работници и беа потрошени над 150 милиони евра (процените се дека вкупните трошоци за лифтингот на Ролан Гарос ќе достигнат околу 400 млн. евра).

Тенискиот комплекс Ролан Гарос, во Булоњската шума, во близината на Париз, е изграден во 1928 година, но до скоро, до лани, немаше претрпено ниту една поголема реконструкција. Теренот број 1 лани беше урнат и изграден е новиот објект „Симон Матје“, кој е со капацитет од 5.000 седишта, опкружен со парк и со растенија од пет континенти и Французите го сметаат за еден од најубавите тениски објекти во светот.

Има измени и на теренот „Сузан Леглен“, кој е изграден во 1994-та, како и на терените број 7, 9 и 18.