Награда за „Златоусно слово“ на Тоциновски

113

Новото книжевно дело на универзитетскиот професор и писател Васил Тоциновски насловено „Златоусно слово“ излезе во издание на Битолскиот книжевен круг и е закитено со престижната награда „Книжевен круг“ за книжевна критика. Во него се поместени 19 книжевно-историски студии напишани во последниве три години и претставени на повеќе меѓународни собири и публикувани во списанија и зборници.
Станува збор за компаративни анализи во кои главна тема се вечно актуелните дводомни писатели, а временски проследени се автори и дела, пројави и манифестации од седумнаесеттиот век до денес.

Повеќето од нив се однесуваат на македонско-хрватските јазични, книжевни и културни врски. Првите три студии се занимаваат со личноста и делото на Петар Канавелиќ најголемото поетско име на хрватскиот барок во 17 век. Интересно и мошне храбро авторот го интерпретира низ историски и книжевни димензии со македонските просветители од втората половина на 19 век, а тоа се: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Константин Миладинов, Константин и Андреја Д. Петкович, Григор Прличев и Рајко Жинзифов. Творечкиот идентитет како мера на зближување е тема и во вториот текст во кој се вградува и етичката норма како карактер на Канавелиќ и на Џинот. Во третата студија се коментираат делови од книжевното дело на Канавелиќ, кои се инкорпорирани како документарен материјал во неговото книжевно творештво.

Македонско-српските книжевни врски Васил Тоциновски ги расветлува со проследување на животот и книжевното дело на Милисав Антониевиќ-Дримколски. Четирите студии за него се своевидна монографија за овој отфрлен и негиран автор, кој своите романи и раскази ги пишувал на српски јазик, а голема тема му биле Македонија и нејзиниот народ и се епска приказна за македонската самобитност и непокор. Два текста му се посветени на основоположникот на современата македонска литература Кочо Рацин. Првиот сведочи за вистинските пријатели и соработници на македонскиот великан, а во вториот се проследуваат пишувањата на странската книжевна научна мисла, која високо го вреднува делото на овој антологиски и светски поет.

Васил Тоциновски како научник ги признава и афирмира научните факти, има извонреден јазик и стил, јасно и убаво кажување, децидни толкувања и вреднувања, па книгата „Златоусно слово“ е вистинска книжевна наслада.