Наградата на ФИАФ за легендарниот Годар

30

Меѓународната федерација на филмски архиви (ФИАФ) ја додели својата награда за 2019 година на легендарниот француско-швајцарски синеаст Жан-Лик Годар. Наградата му беше врачена во Лозана, на свеченост во седиштето на Швајцарската кинотека, за време на 75-годишниот конгрес на ФИАФ.

Годар ја посвети наградата на Ирис Бери (1895-1969), првата кустоска на Музејот на модерна филмска уметност во Њујорк од 1935 година, која била една од основачките на ФИАФ. Директорот на Швајцарската кинотека, Фредерик Маире, истакна дека Годаровата креативност длабоко е вкоренета во неговото широко познавање на филмската историја и во годините што ги поминал како критичар на списанието „Филмски тетратки“. Како што наведе Маире, Годар е духовен син на Француската кинотека.

Годар има двојно државјанство и од средината на 1970-тите години, живеејќи близу Лозана, ги обнови врските со Кинотеката на Швајцарија. Некои од своите филмови во текот на 1980-тите години ги снимил со помош на оваа кинотека, користејќи ги материјалите од нејзините фондови. Годар секогаш имал интерес, мисија и цел за развој на филмските архиви, а многу негови остварувања се однесуваат на историјата на филмот или претставуваат омажи на класиците на седмата уметност.

Роден во 1930 г. во Париз, Жан Лик Годар е еден од водечките светски режисери и еден од последните живи претставници на францускиот нов бран. Во текот на кариерата експериментирал со новите начини на раскажување приказни и создавање филмови што влијаеле на цела низа млади генерации филмски уметници. Од 2001 година, кога наградата на ФИАФ ја доби Мартин Скорсезе за исклучителен придонес во заштитата на филмското наследство, годинава ова признание го доделува на личности надвор од светот на филмската архивистика чии искуства и лична посветеност на филмот се во духот на мисијата на федерацијата. Меѓу добитниците се: Ингмар Бергман, Мајк Ли, Хоу Хсиао-Хсиен, Питер Богданович, Ањес Варда, Жан Пјер и Лук Дарден, Кристофер Нолан, Апичатпонг Верасетхакул.