Наградата – најдобар јуниор во земјава, поттик за нови успеси

243

Таленти: Марко Стоилковски (13) – тенисер од Куманово

Тринаесетгодишниот кумановец Марко Стоилковски веќе почна да ги чувствува добрите страни на макотрпното, повеќегодишно занимавање со тенис. Наградите не го заобиколуваат, а и шансите за негов уште поголем напредок се сѐ поголеми.
Марко првпат почнал да тренира кога имал 5 години, а првите тениски удари ги направил под водство на тренерот Слободан Бачварски во тенискиот клуб Југ во Скопје каде што тренирал до својата 9-та година.

Својот раскошен талент кон тенискиот спорт почнал да го манифестира по пет години напорна и тешка работа, кога тренер му станал еден од најдобрите македонски тенисери, Предраг Русевски, под чие водство само по две години станал и државен првак за тенисери до 12 години. Од почетокот на оваа година Марко тренира под палката на тренерот Илија Мартиновски, еден од најдобрите јуниори во историјата на македонскиот тенис, под чие водство продолжува со својата успешна тениска кариер. Така, пред десетина дена на јуниорското првенство за тенисери до 14 години што се одржа во Куманово, тој стана јуниорски првак на Македонија.

Во својата богата осумгодишна тениска кариера Марко настапувал на дваесетина меѓународни турнири во Анталија, Белград, Софија, Тел Авив, Копар, Пореч, Тирана, Улцињ… и тоа во таканаречената група ЕТА (Европска тениска асоцијација) каде што резултатите на секој млад тенисер будно и прецизно се евидентираат во нивните тениски биографии, според кои подоцна се составува и нивното рангирање на европските тениски листи за јуниори, каде што во моментот младиот кумановски тенисер Марко Стоилковски се наоѓа на солидното 330-то место, а на почетокот на годината беше и на 167-то место.

Во моментот Марко е ученик во 8 одделение во ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје каде што е примерен и одличен ученик и за него наставниците имаат само пофални зборови. Овој надежен млад тенисер со своето однесување надвор од училиштето и надвор од тениските терени е пример на вистински спортист, кој е на добар пат да ги реализира своите соништа и амбиции. Т.Д.