Мугуруза и Конта играа до зори, елиминирана Вознијацки

123
Гарбине Мугуруза

Тој меч почна 30 минути по полноќ и траеше до 3.12 часот наутро по локално време и е еден од најдоцна или најрано завршените мечеви во историјата на турнирот во Мелбурн

На првиот годинашен тениски гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн се случија неколку изненадувања, а имаше и еден необичен меч, оној меѓу Шпанката Гарбине Мугуруза и Британката Џона Конта (6-4, 6-7, 7-5). Тој меч почна 30 минути по полноќ и траеше до 3.12 часот наутро по локално време и го одгледаа околу 250 најупорни љубители на тенисот (капацитетот на арената „Маргарет Корт“ изнесува 7.500 седишта). Тоа е еден од најдоцна или најрано, како сакате, завршените мечеви во историјата на турнирот. Претходно најдоцен почеток на еден меч во Мелбурн, во 23.59 часот, се случил лани, на дуелот Елиза Мертенс и Дарија Гаврилова. Рекордот според најдоцна или најрано завршен меч го држат Лејтон Хјуит и Маркос Багдатис, кои во третата рунда во 2008 година играа до 4.34 часот изутрината.

Имаше предлог мечот Мугуруза – Конта да се префрли на теренот број 3, но не беше прифатен поради дополнителните 15 до 20 минути за негово чистење, како и поради прогнозата, која велеше дека е можен дожд, па се избра опција за играње на „Маргарет Корт“ каде што има подвижен покрив.

Од турнирот во Мелбурн мораше да се збогува ланската победничка, Каролине Вознијацки од Данска, која во третата рунда беше елиминирана од Русинката Марија Шарапова, освојувачката на пет гранслем-титули, поранешна светска тенисерка број 1, сега 30-та на ВТА-листата. Шарапова, која триумфира во Мелбурн во 2008-та, ја совлада Вознијацки со 4-6, 6-4, 3-6 во мечот што траеше 2,24 часа.

Што се однесува до другите мечеви од третата рунда, за издвојување е тоа што Американката, Аманда Анисимова (17) стана најмладата тенисерка родена во новиот милениум што се пласирала во четвртата, осминафинална рунда на еден гранслем-турнир. Анисимова направи изненадување елиминирајќи ја 11-та фаворитка, Белорусинката Арина Забаленка (20) со 6-3 и 6-2.

Анисимова е најмладата Американка со пласман во четвртата рунда на еден од четирите најголеми турнири, по Серена Вилијамс (17) на Ролан Гарос во 1998 и по Џенифер Капријати (16) во Мелбурн во 1993-та.

– Неверојатно, прекрасно чувство, просто не ми се верува дека сево ова ми се случува – изјави Анисимова, која на претходните два настапа на гранслем-турнирите, на Ролан Гарос и во Њујорк беше елиминирана во првата рунда. 


Федерер ја забележа 100-та победа во Мелбурн

Бранителот на титулата, шесткратниот победник, Швајцарецот Роџер Федерер ја прокнижи 100-та победа во Мелбурн. Тој триумфира над Американецот Тејлор Фриц во три сета, со 6-2, 7-5 и 6-2 и по 63-ти пат се пласира во осминафиналето.
Следен противник на Федерер ќе му биде Стефанос Циципас, првиот грчки тенисер што се пласирал меѓу најдобрите 16 на еден гранслем-турнир откако во третото коло го совлада Грузиецот Николоз Басијашвили со 6-3, 3-6, 7-6, 6-4.