Моќните алатки на македонските политичари

125

Повиците за дуел вообичаено се испраќаат во пресрет на изборите, но овој пат поради актуелностите поврзани со договорот од Мала Преспа, политичката сцена во земјата несомнено пак се наелектризирува и личи на предизборие

Влијаат ли сѐ уште мачните и развлечени телевизиски соочувања на политичарите врз оформувањето на мислењето на просечниот македонски гласач во ерата на владеењето на Интернет, социјалните мрежи, кога во секој момент политичарот брзо и јавно го искажува своето мислење? И веднаш го спротивставува на политички спротивното? Оваа дилема се реактуализира деновиве кај политиколозите и социолозите, откога неделава лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, за време на протест, го повика својот ривал, премиерот Зоран Заев, наскоро да се појават на соочување на телевизиските екрани.

Обично повиците за дуел беа во пресрет на изборите, но овој пат поради актуелностите поврзани со договорот од Мала Преспа, политичката сцена во земјата несомнено пак се наелектризирува и личи на предизборие.
Хронолошки, Мицкоски и Заев последен пат свое телевизиско соочување имаа на 23 мај годинава, кога на МТВ дебатираа на разни теми поврзани со политичкиот живот во земјата.

Политикологот Милан Стефаноски, сепак, вели дека телевизиските дуели не се демоде. Тој ја поздравува иницијативата дека лидерите на двете најмоќни партии ќе ги одмерат аргументите пред телевизиските екрани. Стефановски истакнува дека на овој начин полека но сигурно се култивира политичкото ривалство, а преку масовните медиуми, кои сѐ уште во Македонија се најследени, македонските граѓани директно ќе се запознаат со актуелните политички проблеми на чие решавање работат Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Аналитичарот истакнува дека телевизиските соочувања на највлијателните политичари се многу важни за македонската јавност поради фактот дека „оној што ќе победи“ на ТВ-дуелот може не само хипотетички туку и многу реално да ги зајакне или да ги ослаби позициите и на двајцата политичари и во партијата и во земјата и кај меѓународната заедница.

И политичкиот аналитичар Димитар Димов се согласува дека телевизиското соочување на политичарите е исклучително битна алатка во македонската политика, иако сепак тој истакнува дека реалноста е дека „тоа нам директно не ни донесува свежи информации за ставовите на политичарите, бидејќи истите тие преку Интернет и паметните телефони веќе одамна сме ги прочитале или дознале“. Тој вели дека ТВ-соочувањето е димензија во која првенствено се мерат популарноста и надмоќта во политиката меѓу спротивставените страни во политичката арена.

Во своја колумна на слична тема докторантката на Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања во Скопје, Радица Тодоровска, истакнува дека, наместо комодитетот политичарите медиумски да дефилираат во политичките рекламни спотови и партиски митинзи, во политичките телевизиски дебати тие како противник ја добиваат аудиовизуелната моќ на етерот. Според неа, на телевизиските соочувања политичарите мораат да се соочат со ривалите и со електоратот, брзо да реагираат и аргументирано да возвраќаат, а самата дебата комплетно „ги разголува“, што овозможува да се добие комплетна слика за нив, а потоа врз основа на тоа гласачите носат одлука.


Хронологија на македонските телевизиски дебати

Хронолошки гледано наназад, последните медиумски соочувања во Македонија пред ерата на дејствување на Мицковски и Заев беа за време на претседателските изборни циклуси. Во 2014 година во весникот „Нова Македонија“ јавноста беше сведок на последното соочување во печатен медиум меѓу тогашниот, веќе претседател поддржан од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов и кандидатот на опозициската СДСМ, Стево Пендаровски, сегашен национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, како и меѓу други двајца претседателски кандидати, кои отпаднаа по првиот круг, а тоа беа Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ, и Илијаз Халими, номиниран од ДПА. Истата дебата, но во телевизиски формат, се одржа и на 5 мај, во организација на јавниот сервис, Македонската радио-телевизија. Потоа пред вториот круг имаше обид за уште едно соочување на двајцата кандидати, Иванов и Пендаровски, но не дојде до тоа. Претходно телевизиско соочување имаше во 2009 година, помеѓу кандидатите за претседател Ѓорге Иванов, исто така поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, и кандидатот поддржан од СДСМ, Љубомир Фрчкоски. Ова телевизиско соочување остана карактеристично по слободниот и навредлив јазик употребен меѓу двајцата кандидати, а главни теми беа „големите прашања“ – прашањето за името, влез во НАТО и европските интеграции. Претходно, во 2004-та, беше забележано и уште едно претседателско телевизиско соочување помеѓу тогашниот кандидат за претседател Бранко Црвенковски, дотогашен премиер на владата на СДСМ, и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, познатиот кардиолог Сашко Кедев. Овој дуел се одржа во тогаш најгледаната приватна телевизија со национална концесија А1. Во 1999 година, на ТВ-дебата пред изборите за претседател се соочија Стојан Андов, Васил Тупурковски, Борис Трајковски, фаворит на ВМРО-ДПМНЕ, и Тито Петковски, поддржан од СДСМ. Кога станува збор за телевизиско соочување за премиерските кандидати или кандидатите за најмоќната функција во државата, последното е забележано во 2002 година. Тогаш се одржа последниот телевизиски дуел помеѓу тогашниот шеф на СДСМ, Бранко Црвенковски, тогаш во опозиција, и тогашниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски. Црвенковски на 15 септември таа година ги доби убедливо изборите, а прашање е на тогашните аналитичари да кажат дали и колку поради ТВ-дуелот. Претходно, овие двајца лидери првпат се соочија на изборите и на ТВ-дуели во 1998 година, во Македонската телевизија. За забележување е и фактот дека бившиот премиер и претходен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ќе остане запаметен поради запоставувањето на телевизиските соочувања, а во оваа група тука делумно може да биде спореден и со првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Глигоров беше првиот политичар што одби телевизиско соочување пред првите непосредни претседателски избори во 1994 година и одби да се присуствува на дебата со тогашниот противкандидат Љубиша Георгиевски.