Мојот сон е олимписки медал

197
Фото: Игор Бансколиев

ИНТЕРВЈУ: ЕМИЛ ПАВЛОВ, СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2018 ГОДИНА

Олимпијадата е сон на секој спортист, па така е и за мене. Според постигнатите резултати изминатите години, со право можам да кажам дека се гледам како учесник на ЛОИ во Токио, но патот дотаму ќе биде многу тежок, вели Павлов

Kаратистот на КК Штип и државен репрезентативец во борби Емил Павлов (26) е годинашен носител на престижното признание „спортист на Македонија“, и сосема заслужено. Годинава тој се закити со злато од Европското првенство (ЕП) во Нови Сад, што претставуваше втор, по она во финскиот град Тампере во 2014-та, а вкупно трет негов медал од ЕП, по бронзата во францускиот град Монпелје во 2016 година.
Повеќекратниот првак на Македонија во својата досегашна натпреварувачка кариера може да се пофали и со бронза од Европските игри во Баку, Азербејџан во 2015-та, со злато од последната Балканијада и со триумфи на повеќе реномирани турнири. Штипскиот апсолвент на Филолошки факултет (група Македонски јазик и книжевност), кој е и носител на спортска пензија за исклучителни постигнувања во каратето, не мисли да застане тука, неговата следна цел на татамите е настап на Олимписките игри (ОИ) во Токио 2020.

Што претставува за вас признанието „спортист на Македонија“ за 2019 година и дали го очекувавте?
– Годинава го постигнав најголемиот спортски резултат за Македонија во еден олимписки спорт, па токму затоа ова признание, кое, да бидам искрен, и го очекував, за мене претставува само потврда за мојата упорна работa на татамите, но истовремено и дополнителен мотив и во иднина да продолжам со макотрпни тренинзи и да успеам да го остварам мојот сон, а тоа е медал од Олимпијада.

Колку сте задоволен од она што го постигнавте на татамите во годината што полека изминува?
– Задоволен сум од постигнатото. Имав забележителна сезона проткаена со успеси што ја прави, пак, по 2014-та, и оваа 2018 година да биде најуспешна во мојата досегашна спортска кариера.

Очекувавте ли вторпат да се закитите со златен медал од ЕП и да ја слушнете македонската химна, но овој пат во Нови Сад?
– Очекував, иако знаев дека овој пат ќе биде многу тешко, бидејќи каратето стана олимписки спорт. Токму затоа и тежината на овој мој успех е уште поголема и позначајна.

Кој златен европски медал ви е подраг, оној од Тампере или оној од Нови Сад?
– Еднакво ми се драги и златото од Тампере и од Нови Сад. Сепак, кога би морал да избирам, некако на медалот од Нови Сад повеќе се израдував, додека ЕП во Тампере за мене беше прв голем успех и во тој момент не бев свесен што сум направил.

Што е она што сте го поставиле како цел во 2018 година, а не сте успеале да го исполните?
– Моја цел во 2018 година беше да освојам медал од ЕП и медал од Светското првенство. На ЕП ја постигнав целта, но многу жалам што, ете, на СП не успеав да се закитам со медал. Оптимист сум и се надевам дека на следното СП ќе ја збогатам мојата колекција на медали и од вакво натпреварување.

Се гледате ли како дел од ЛОИ во Токио 2020 година и колку е долг патот дотаму?
– Олимпијадата е сон на секој спортист, па така е и за мене. Според моите постигнати резултати изминатите години, со право можам да кажам дека се гледам како учесник на ЛОИ во Токио, но патот дотаму ќе биде многу тежок. Продолжувам да тренирам макотрпно секој ден и верувам дека ќе настапам на татамите во Токио 2020 год.

Што би им порачале на младите талентирани спортисти во новата година?
– Им посакувам пред сѐ да бидат живи и здрави, да тренираат секојдневно, да веруваат во себе дека можат да бидат најдобри, никогаш да не се откажуваат, a резултатите мора да дојдат, порано или подоцна.