Монт Еверест станува депонија и пластичен врв!

169

Околу базниот камп на Еверест, кој е пренатрупан со луѓе, сметот се фрла во огромните јами за депонија, а потоа се гори или се закопува

Шокантните фотографии што ги објавија светските медиуми деновиве откриваат купишта смет што заде себе го оставаат туристите, а локалните жители снемуваат простор каде да го складираат и да го закопаат. Околу базниот камп на Еверест, кој е пренатрупан со луѓе, сметот се фрла во огромните јами за депонија, а потоа се гори или се закопува.
Локалците велат дека проблеми прават и сопствениците на контејнери, а опасност по здравјето на планинарите и на туристите се загадените водотеци и реки.
Планинарскиот геолог Алтон Баерс од универзитетот во Колорадо „Боулер“вели дека самата планина е релативно чиста откако последниве години зачестија експедиции за чистење. Сепак, тој истакнува дека отпадот што зад себе го оставаат туристите и што само се гори и се закопува, на локалните жители им остава сѐ помалку простор за „живеење и за нови депонии“.

– Со децении публицитетот секогаш се фокусираше на сметот во базниот камп на Еверест и на годишните чистења. Мислам дека во голема мера ова е „чиста козметика“. Вистински проблем се тоните и тони пластика, пивските конзерви, празните шишиња со виски, челичните контејнери за храна и другите цврсти отпадоци. Тие работи се носат за да ги задоволат барањата на 50.000 туристи, колку што годишно ја посетуваат планината, бројка што се зголемува и на 100.000, ако се придоддаат шерпасите и носачите. Проблемот при горењето на сметот е во тоа што се ослободуваат токсични отрови во воздухот, а закопаниот и изгорениот смет истото тоа го прават на подземни води – вели Баерс.

Депониските дупки се со големина од 25х200 метри и може да ги има стотици.
– Повеќето домови имаат пропустливи септички системи, а одморалиштата се близу или непосредно над потоците. Огромното количество човечки отпад што секоја сезона се создава во базниот камп на Еверест се фрла во јамите и во сезонските водени текови, што прави голем број посетители да се разболуваат – вели тој.
Комитетот за контрола на загадувањето што се занимава со отпадот на непалската страна од планината открива дека нема контрола врз отпадот што се создава околу Еверест.

– Тие се свесни за еколошките, здравствените и естетските проблеми што ги создаваат депониите, но навистина не можат да сторат ништо, бидејќи здружението на сопственици на контејнери е премногу моќно – истакнува Баерс.
Тој нагласи дека обидите за решавање на проблемот треба да се фокусираат на намалување на цврстиот отпад што доаѓа во националниот парк Сагармата, каде што припаѓа и Еверест, како и подобрување на рециклирањето.

– Првото нешто што би го направил е да спроведам детална научна анализа на проблемот и неговите потенцијални решенија. На крајот на краиштата, тоа би можело да доведе до, на пример, забрана за внесување пластични шишиња за вода во паркот, како што пред неколку години беа забранети стаклените пивски шишиња. Тоа би можело да доведе и до стимулирање на рециклирањето алуминиум, челик и стакло – истакнува Баерс.

Највисокиот врв во светот, Монт Еверест (8.848 метри), први го искачиле
Едмунд Хилари и Шерпа Тенцинг Норгај во 1953 година, инспирирајќи други планинари да го повторат овој подвиг. Од март 2012 година досега, Еверест бил искачен околу 5.660 пати, со 223 смртни случаи.