Монтер на клима-уреди или компјутерџија – дилеми при избор на професијата

810

Дестимулирање на уписите во средните гимназиски училишта, зголемување на платите, воведување повеќе практична настава во средните стручни училишта и насочување на младите уште од основното образование, се некои од мерките со кои треба да се намали јазот помеѓу образовната структура на работниците и потребите на пазарот на трудот

Повеќето од работоспособните македонски граѓани се со завршено средно образование, но на пазарот на трудот постојано недостигаат или веќе воопшто нема кадри со средно стручно образование. Постојано се укажува дека за одредени струки како металостругари, бравари, плочкари, стаклари и ред други занимања нема работници, и дека е неопходно да се преземат мерки. Од една страна, проблемот се лоцира во изборот на младите, кои, пред сѐ, се запишуваат во гимназиски средни училишта или одбираат други професии. Но, од друга страна, не смее да се занемари фактот дека овие професии иако се дефицитарни, сепак, се слабо платени.
Анализата изработена од Државниот завод за статистика насловена „Анкета на работна сила, 2017“ укажува дека во Македонија повеќето од работниците се со средно образование.

– Според образованието, повеќето од вработените се со 3 и со 4-годишно средно образование, вкупното учество е 55,5 проценти од вкупниот број вработени, од кои 36,2 отсто се вработени мажи и 19,3 проценти се жени. Во делот на високото образование се вклучени високо образование, магистратура и докторати, 24 отсто од вработените се со високо образование, од кои 11,6 се мажи и 12,4 проценти се жени – е наведено во анализата на ДЗС.
Првиот човек на Агенцијата за привремени вработувања, Раде Ненадиќ, вели дека еден од начините или методите да се намали бројот на среднисти што завршуваат во гимназиските училишта е дел од нив да се стават во мирување или да се намали бројот на примени ученици.
– Друг важен сегмент е зголемување на платите на вработените. Не може да очекуваме млад човек да одбере да изучува средно училиште со кое подоцна ќе се вработи и ќе заработува 12 илјади денари. Тоа е апсурд. Тоа е главна причина поради која сите избегаа од средните стручни училишта. Платата е главен демотиватор – истакна Ненадиќ.
Тој додава дека трет важен сегмент врз кој исто така државата може да влијае е да се зајакнат средните стручни училишта и од корен да се промени начинот на учење во нив.

– Најмалку 70 отсто, па дури и 80 отсто од учењето во стручните училишта треба да се одвива низ практика, а само 20 до 30 проценти во училници. Не може некој да заврши средно училиште, а никогаш да не види машина за која има диплома дека може да работи. Значи, според мене, овие три начини може да придонесат кон тоа младите да изучуваат средни стручни училишта. Без овие мерки е беспредметно да се зборува, а мора и да истакнеме дека веќе немаме работници, сега не станува збор за недостиг од работници од одредени фели, туку нив воопшто ги нема на пазарот – истакна Ненадиќ.
Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека е нормално што младите не сакаат да работат амалски работи, кои се и слабо платени. Тој вели дека државата треба да определува кој во кое средно образование ќе се насочи, а кој е за на факултет, односно да ги насочува според знаењето.
– Државата кај нас овозможи сите да се запишат на факултет, што создаде вишок кадри со високо образование, кои не можат да најдат работа и кои или седат дома и плус користат некаква социјална помош или ја напуштаат државата, што е уште полошо. Дополнително имаме многу лица што се магистри или доктори на наука, а кои никогаш не биле вработени. Мора да има критериуми за уписи на факултет, уште во основно образование треба да се насочуваат младите – кажа Димитров.

Дека платите имаат удел во привлекување на младите да изучуваат некоја дејност се согласува и Димитров, но тој истакнува дека пазарот на трудот ги дефинира истите тие. Дефицитарните професии, вели, секогаш се поплатени и полесно се наоѓа работа како, на пример, монтер на клима-уреди или како мајстор за машини за перење алишта, кои имаат високи примања, бидејќи е тешко да се најдат.
– Државата треба да прави планови што ѝ треба за да се пополнат празните работни места, бидејќи се вложува во образование, нема поента да седат дома. Ова е проблем што се јавува секаде во светот, но се прават анализи и пресметки колку ги чини недостигот од одредени кадри и се насочуваат младите што да изучуваат. Кај нас никој не прави пресметка колку ја чини државата разидувањето меѓу образованието и потребите на пазарот на трудот што, според мене, достигнува и до 30 отсто од БДП – истакнува Димитров.
Од Министерството за образование велат дека иако секоја година, повеќето од генерацијата ученици што се запишуваат во прва година во средно училиште, го одбираат стручното образование наспроти гимназиското, сепак сѐ уште е недоволен бројот на ученици, односно кадар со ваков тип образование за да се задоволат потребите на пазарот на трудот.

Сепак, од Министерството додаваат дека најчесто и најбрзо се пополнуваат слободните места во дел од гимназиите под надлежност на градот Скопје, кои се наоѓаат во централното градско подрачје, но и училиштата што нудат медицински струки.
– Во рамките на пошироката стратегија за развој и промоција на средното стручно образование, Министерството за образование и наука во соработка со повеќе други институции на системот и бизнис-заедницата, имплементира повеќе активности, проекти и системски мерки чија цел е привлекување на што повеќе ученици за упис во средните стручни училишта. Така, на пример, воведено е таканареченото дуално образование, кое се реализира паралелно во училиштата, но и непосредно во реалниот сектор. Потоа реформирање на постојните и воведување нови образовни профили во стручните училишта, промена на наставните планови и програми, организирање натпревари за ученици од техничките струки како проектот „Лидер“, доделување стипендии, грантови за отворање реални училишни компании и за воспоставување други форми на непосредна соработка помеѓу училиштата и компаниите и слично – посочуваат од Министерството.
Оттаму истакнуваат дека, сепак, најголем стимул треба да претставува обезбедувањето соодветен работен ангажман што поскоро по формализацијата на образовниот процес, што е многу поверојатно кај лицата со техничко образование, затоа што се дефицитарни, а потребата од нив во реалниот сектор и кај странските компании во земјата, но и кај домашните е многу голема.


Наскоро уписи во средните училишта

Конкурсот за упис во средни училишта за учебната 2018 – 2019 година предвидува 35.921 слободно место за гимназиско образование, стручно образование (техничко образование – четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и за средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во два уписни рока, и тоа во јуни има два термина за пријавување, едниот на 18 и 19 јуни, додека вториот е на крајот од месецот, поточно на 28 јуни. Вториот уписен рок е во месец август и предвиден е само еден ден – 23 август.