Моментот на Грета Тунберг

212

„Сето ова е погрешно!“ Со овие зборови почна најмоќниот четириминутен говор што сум го слушнал досега. Нив ги изговори Грета Тунберг, шведската тинејџерка, активистка за климатски промени, на самитот за климатски промени на ОН, кога имаше и една недела климатски протести и маршеви, на кои присуствуваа околу шест милиони луѓе. На маршевите главно учествуваа млади луѓе, кои многу повеќе ќе мора да се справуваат со штетите од климатските промени од светските лидери на кои им се обрати Тунберг.

Нејзиниот морален гнев беше исправен исто како и нејзиниот говор. „Како се осмелувате“, таа ги обвини лидерите во светот дека ги крадат соништата на младите луѓе со празни зборови. Како се осмелуваат да кажат дека прават доволно? Како се осмелуваат да се преправаат дека ништо не се случува и да нѐ убедуваат дека сè уште неоткриените технолошки решенија ќе го решат проблемот? Тунберг посочи оти науката за климатските промени е позната веќе 30 години. Светските лидери замижуваа додека се намалуваа можностите за навремена трансформација на економијата во економија со нето-нулта емисии на стакленички гасови. Сега, дури и херојскиот напор за преполовување на емисиите во наредните десет години ќе ни даде само половина шанси да го зачуваме глобалното затоплување под 1,5 Целзиусов степен, како што посочи Тунберг. Таа се осврна на извештајот на Меѓувладината комисија за климатски промени, кој вели дека за да се намали ризикот од надминување на границата од 1,5 Целзиусов степен на 30 отсто, ќе треба да се ограничат глобалните емисии на штетни гасови на 350 гигатони до 2050-та. Со сегашните стапки, ние ќе го надминеме овој лимит во 2028 година.

Според индексот на успешност со справувањето со климатските промени, ниту една влада во светот сè уште не постигнала „многу добар“ напредок. Во моментот, Шведска, Мароко и Литванија котираат најдобро, а зад нив се Летонија и Британија. САД се меѓу најслабите држави, заедно со Саудиска Арабија, Иран, Јужна Кореја и Тајван.

Етичкото прашање не е тешко да се реши. За богатите земји, кои се одговорни за најголемото количество јаглероден диоксид во атмосферата, не може да има оправдување да продолжат да загадуваат на многу повисоко ниво по жител од земјите со ниски приходи, кои најмногу ќе страдаат од климатските промени. Да им се наметне тие да го понесат најголемиот товар е неправедно. За богатите земји, потребната транзиција кон чиста економија ќе донесе некои преодни трошоци, но на долг рок таа ќе спаси животи и ќе биде од корист за сите.

Но како да стигнеме таму? Тунберг позитивно го заврши говорот: „Нема да ви дозволиме да се извлечете. Токму сега и тука повлекуваме линија. Светот се буди. Промената доаѓа, без разлика дали тоа ви се допаѓа или не“.

Дали младите навистина можат да го разбудат светот и да му покажат дека е потребна итна промена? Дали можат да ги убедат родителите? Протестите во училиштата ги мачат родителите, особено оние што треба да организираат згрижување на децата, но дали тие ќе влијаат врз политичките лидери? Што може да се стори за да се задржат климатските промени на агендата додека владите сериозно не го намалат ризикот од катастрофа?

Бунтот против истребувањето, меѓународното движење што почна лани со Проглас за бунт во Лондон, се залага за граѓанска непослушност. Бунтот против истребувањето повикува илјадници активисти да ги блокираат патиштата и да ги затворат транспортните системи во поголемите градови во целиот свет, не само на еден ден туку доволно долго за да наметнат вистински економски трошоци врз владите и бизнис-елитите, додека одржуваат строго ненасилна дисциплина дури и во случај на полициско насилство. Граѓанската непослушност првпат беше употребена како дел од масовното движење на Махатма Ганди во Индија и во Јужна Африка. Во САД, најпознатиот поборник на граѓанската непослушност беше Мартин Лутер Кинг, во борбата против расната сегрегација. Граѓанската непослушност одигра улога, заедно со други форми на протести, во завршувањето на војната во Виетнам. Во секој од овие примери, граѓанската непослушност се сметаше за храбар и исправен потег. Неуспехот на владите да ги намалат штетните емисии не е помалку погрешен од британското владеење со Индија, негирањето еднакви права на Афроамериканците или војната во Виетнам и веројатно ќе предизвика уште поголеми штети. Значи, граѓанската непослушност би била исправна ако може да ги убеди владите да ја следат науката и да направат што е потребно за да се избегнат катастрофалните климатски промени.

Може да има и други ефективни форми на ненасилен протест што уште никој не ги испробал. Тунберг прво стана позната во Шведска, кога застана сама пред парламентот со транспарент со кој повикуваше на училишни протести против климатските промени. Никој не можеше да предвиди дека оваа, тогаш 15-годишна девојка, ќе почне движење поддржано од милиони млади луѓе и ќе добие платформа од која ќе се обрати до светските лидери. Потребни ни се иновативни идеи за тоа како најдобро да ги пренесеме итноста на ситуацијата и потребата од остра промена на курсот.

Авторот е професор на универзитетот „Принстон“