Мозокот на атентатот

2655

Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата.

СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (9)

Кога настана збрката во Република Македонија по атентатот, еден ден, беше тоа околу 14 часот, од пријавницата ме известија дека дошол дописникот на еден од највлијателните американски весници „Вашингтон пост“ и моли да го примам. Тој инаку бил постојан дописник на тој весник од БиХ, а јас и не знаев дека е дојден во Скопје. Јас веднаш се согласив. Кога влезе човекот кај мене ми изгледаше како да е збунет, ама уште повеќе ми оставаше впечаток како да е зачуден. Седнавме. Тој почна: „Господине претседателе, во нашата редакција оцениле дека настанала многу комплицирана состојба во Вашата земја и затоа добив налог да дојдам во Скопје, да ја видам атмосферата одблиску. Посетата кај Вас не ми беше во план. Вие сте претседател на Собранието, а сега го заменувате и претседателот на државата и не мора да ви одземам од времето. Си реков со другите функционери и со некои граѓани ќе разговарам за проблемите со кои се соочува земјата и ќе добијам некоја појасна слика. Затоа барав да се сретнам првин со министерот за внатрешни работи и еве, со големо изненадување од разговорот со него, доаѓам да се видам и со Вас. Сакам да Ве известам дека министерот за внатрешни работи уште при почетокот на разговорот ми рече дека Вие сте го организирале извршувањето на атентатот врз претседателот Глигоров. Му поставив некои прашања, тој некако одговараше, ама таа прва информација што ми ја даде ми изгледаше премногу чудна, затоа си реков морам да го посетам и овој државен функционер. За секој случај, патем доаѓајќи кон вас, го посетив шефот на Американската канцеларија за врски, господинот Виктор Комраз. Го информирав за разговорот со министерот за внатрешни работи и го прашав што мисли тој за таа информација. Тој мирно ми одговори: ’Тоа е глупаво тврдење, претседателот на Собранието, господин Андов, и да сакал не може такво нешто да изведе, бидејќи неговата функција тоа не му го овозможува. Ние во офисот знаеме колку господинот Андов ревносно и чесно си ја врши својата работа‘. Ете од тој разговор со господинот Комраз доаѓам кај вас“.

Потоа тој побара коментар од тој бесмислен испад на Фрчкоски, а јас му реков дека немам коментар, му препорачав сам да си извлече заклучок. Ете тоа е еден пример што фрла одредена светлина на однесувањето на министерот за внатрешни работи Данаилов Фрчкоски кон одговорноста што фактички му следуваше кога ја вршеше таа работа. Американскиот новинар објави текст во „Вашингтон пост“ за својата посета во Македонија и во него со чудење информира и за тоа што нему му рекол Данаилов Фрчкоски, ама го наведуваше и ставот на Виктор Комраз. Во интервјуто за неделникот „Фокус“ (21.6.2002), нашиот најпознат надворешнополитички коментатор, Љубомир Гајдов, раскажува што се случувало во Постојаната мисија на Република Македонија во Њујорк, на 3.10.1995 година, само шест часа по атентатот врз претседателот Глигоров.

Гајдов, тогаш дописник на МРТ од САД, вели дека министерот за надворешни работи Стево Црвенковски му претставил еден од помошник-директорите на ФБИ. Тој дошол во Њујорк да ги земе видеоснимките, фото и аудиоснимките што Гајдов ги снимил на демонстрациите на претставниците на македонската дијаспора на 1.10.1095 година во Њујорк, поради Привремената спогодба со Грција од 13.9.1995 година. Притоа се барала смртна казна за претседателот Глигоров и за министерот Црвенковски поради договорот со кој се откажале од нашето државно знаме со ѕвездата од Кутлеш!

Американскиот функционер тогаш рекол оти само една минута по атентатот, специјалните служби од Вашингтон, Лондон и од Минхен пратиле идентични телеграми: „Не правете ништо на местото на злосторството, доаѓаат наши експерти“. Меѓутоа, два часа по атентатот, вашиот министер на полицијата го однел „мерцедесот“ во непознат правец. Зашто тој е мозок на атентатот, рекол притоа Американецот!? Ова на своевиден начин на Глигоров му го потврдил и тогашниот директор на ЦИА, Џорџ Тенет

Гајдов се сеќава сега дека американскиот функционер тогаш рекол оти само една минута по атентатот, специјалните служби од Вашингтон, Лондон и од Минхен пратиле идентични телеграми: „Не правете ништо на местото на злосторството, доаѓаат наши експерти“. Меѓутоа, два часа по атентатот, вашиот министер на полицијата го однел „мерцедесот“ во непознат правец. Зашто тој е мозок на атентатот, рекол притоа Американецот!? Ова на своевиден начин на Глигоров му го потврдил и тогашниот директор на ЦИА, Џорџ Тенет: „Знаете што, такви работи не се случуваат ако не е вмешан некој однатре“ („Фокус“, 9.2.2007).

Гајдов на крајот додава дека во нашето претставништво тогаш биле присутни и амбасадорите Денко Малески, Љубица Аческа, Насте Чаловски и Иван Тошевски, како и советникот Игор Џундев.

Со години потоа, од фактите што се појавуваа во јавноста, сѐ повеќе стануваше јасно дека толку темелното уништување на физичките докази и збунувачкото загинување на различни начини на личности што би можеле да проговорат и да фрлат друга вистинска светлина на настаните во целиот тој случај, помислував и сѐ повеќе се убедував дека поништувањето на сите докази и сите траги за атентатот мора да било темелно и прецизно планирано, како што темелно и прецизно бил планиран атентатот врз Глигоров. Понатаму си мислев и за други важни настани што може да имаат врска со ова злосторство. Се потсетував на оној разговор што го имав со Киро Глигоров, по негово барање, кога тој ми рече дека претходно кај него дошол Бранко Црвенковски заедно со група министри и високи функционери во СДСМ и во име на сите присутни Бранко барал од Киро Глигоров веднаш да се повлече од функцијата претседател на РМ. Тој настан се случи околу еден и пол месец пред атентатот. И затоа ме окупира мислата дека барањето од Киро Глигоров да поднесе оставка некаде во средината на август, дошло како неодложна потреба Глигоров да биде отстранет од таа функција, бидејќи се очекувале некои крупни настани во блиска иднина, а некој очекувал Глигоров да одигра улога, која ќе биде спротивна на барањата на некои стратегиски центри во земјата и во соседството. Се покажа потоа дека навистина биле на повидок крупни настани во југословенската криза. Едниот од тие настани заврши со т.н. Дејтонски договор. Другиот со потпишувањето на Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција. Размислував така многу често и ги оценував сите тие настани и постапки. Ако Киро поднесеше оставка, на пример уште тогаш во август, тоа веројатно ќе беше доволно важен фактор да може грчката страна да го избегне притисокот врз неа од страна на СБ и САД и поради конфузната ситуација што би настанала со оставката на Глигоров да биде невозможно некое брзо решение на тешката кризна состојба во односите меѓу Македонија и Грција, во која најсилно влијаеше ембаргото што го применуваше грчката влада кон нашата земја.

Ако внимателно се промисли, може да се заклучи дека Глигоров некому му пречел и затоа од него барале да даде оставка. Значи, во таков случај не би дошло до потпишување на Привремената спогодба и би почнале обиди да се наметне друго решение за РМ, таа да се втурне како дополнителна членка во федерацијата СР Југославија во која главната власт му припаѓаше на Милошевиќ. Таква идеја постојано беше присутна во размислувањата на Милошевиќ, но беше присутна и во размислувањата на повеќето грчки врвни политичари. Во таа насока на размислување се вклопува и оној итен разговор што го бараше Бранко Црвенковски со мене наскоро по неговото барање Киро Глигоров да поднесе оставка. Како што веќе објаснив, во тој разговор Бранко од мене бараше да прифатам (по оставката на Глигоров) да бидам кандидат за претседател на Сојузот за Македонија на претседателските избори што би дошле по оставката на Глигоров. Веројатно штабот што ги смислил сите тие работи, оценувал дека таа понуда од Бранко ќе ја прифатам. Ако постапев така, групата на Бранко Црвенковски, во која очигледно клучна улога имал Фрчкоски, ќе го исправеа Глигоров пред единството на сите членови од државната власт и единството на двете партии и тој навистина ќе мораше да поднесе оставка. Ако се случеше тоа, не ќе имаше до кого да се обрати соработникот на претседателот на САД, Ричард Холбрук, во Македонија за да овозможи решение, кое ќе доведе до стабилност на јужниот Балкан, со тоа што ќе ги деблокира односите меѓу Македонија и Грција.

Мојата улога во таа ситуација, откако ќе беше докажано дека комплетно се согласувам со таа група што сака да изнуди оставка од претседателот, ќе биде претставена во сосема друга светлина. Бидејќи во медиумите господареа министерот Данаилов Фрчкоски и Бранко Црвенковски, а делумно и министерот Ханџиски, тогаш на тие луѓе не ќе им беше тешко во јавноста да докажат дека Глигоров всушност јас го уривам и дека целата криза што потоа би настанала би била предизвикана од мене. Впрочем, како многу постар и поискусен од сите членови на таа група, можеби сум им се наметнал со таа криминална намера, за на следните претседателски избори да бидам единствен кандидат за претседател на Сојузот за Македонија. Кога така би се одвивале работите, ќе немаше привремена спогодба со Грција, ќе си продолжеше ембаргото и брзо откако ќе се загубеа сите надежи за подобрување во Македонија ќе дојдеше до крајно нестабилна ситуација, а можеби и до бунт. Во тие услови веројатно и од меѓународната заедница ќе беше поддржана идејата Македонија да влезе во СР Југославија. Во секој случај, Киро Глигоров веројатно немаше да доживее атентат, ама во јавноста и тој и јас ќе бевме единствените виновници за катастрофалната состојба што ќе завладееше во земјата и веројатно ќе бевме изведени на суд. Кога го ислушав новинарот од „Вашингтон пост“ за тоа што му рекол Фрчкоски, си помислив дека тој, Фрчкоски, фактички не сакајќи, открива дел од планот за отстранување и на Глигоров и за мое отстранување од политичката сцена. Си помислив: „Ете, Фрчкоски се истрча и фактички призна дека однапред имало план како да нѐ отстранат од политичката сцена и мене и Глигоров“.

(Продолжува)