Може ли Груевски да ја деактивира нуклеарната опција за Орбан

2804

Гардот на Орбан остава малку простор дури и за шеговитата претпоставката дека тој, засолнувајќи го Груевски, сака да си го подобри имиџот. Напротив, сѐ води кон заклучокот дека тој со сите сили настојува да ја потврди репутацијата на европскиот бунтовник. Да не бидеме премногу слободни во процените, можеби дури и го тестира трпението на Брисел постојано поместувајќи ги границите на своето бунтовничко царство. Во тоа, повеќе или помалку прикриено, но веќе сосема сигурно, му помагаат некои од премиерите и претседателите на други европски земји, од истата политичка групација во Европскиот парламент

Откако не му успеа да ги омекне срцата на европските колеги со посвојувањето носорог од една зоолошка градина, при што, освен љубов кон загрозените животни, покажа и завидно ниво демократски капацитет повикувајќи ја унгарската јавност да му предложи име за миленикот, тамошниот премиер Виктор Орбан во експресна процедура реши да му даде засолниште и на пребеганиот македонски пратеник и осуденик Никола Груевски. Со тоа, пак, Орбан ги шокира сите критичари на неговата антиимигрантска политика, демонстрира невидена ефикасност на неговата администрација и покажа колку лесно се уриваат границите меѓу државите и народите. Накратко, Европа ја остави без збор. Наспроти силната врева што се крена во Македонија, каде што и десетина дена по, за овдешните власти, сѐ уште мистериозното исчезнување на Груевски и по завчерашната потврда дека веќе му е доделен политички азил во Унгарија, чуденките само се намножуваат.
Груевски убаво си ги објасни својата ситуација и намери фрлајќи така уште една коска пред закрвената македонска јавност, која не престанува да се глода и јадосува. Дали и тоа била една од целите на Груевски, времето ќе покаже.

Прашање што неизбежно се наметнува, кога работите ќе се погледнат од пошироката перспектива, е што сака да постигне Орбан со вдомувањето на Груевски.
Дали Груевски треба да му го поправи имиџот на Орбан, кој, меѓу другото, беше нарушен со сведочењата за масовни кршења на правата на мигрантите, особено откога Европскиот суд за човекови права неодамна и во конкретни случаи на двајца бегалци од Бангладеш утврди дека Унгарија прекршила неколку члена од Европската конвенција за човекови права, бидејќи во 2015 година во скратена постапка за азил ги вратила во Србија. Судот утврди дека бегалците во Унгарија биле незаконски лишени од слобода и дека условите во кои тие престојувале во притворската единица биле нечовечки и деградирачки. Со тоа, Унгарија ги прекршила членовите 5 и 3 од Европската конвенција.

Дури и Европската народна партија, најсилната политичка групација во Европскиот парламент, под чиј чадор е и партијата на Орбан, ФИДЕС, на конгресот во Хелсинки на почетокот од месецов усвои резолуција со која, иако не ги именуваше, ги осуди „оние што ги кршат европските вредности“. Јасно дека резолуцијата беше порака, пред сѐ, до Орбан, кој најчесто е критикуван за отстапување од европските демократски вредности.

„Популистичкиот национализам, дезинформациите, дискриминацијата и заканите за владеењето на правото претставуваат најголема опасност за слободата и демократијата во Европа по падот на Железната завеса“, беше посочено во резолуцијата.

Претходно, во септември, Европскиот парламент гласаше за активирање на т.н. нуклеарна опција против Унгарија, која предвидува евентуално суспендирање на правото на глас на земјата во ЕУ поради непочитување на европските вредности. Парламентот ги повика земјите-членки на ЕУ да ги преиспитаат демократските состојби и владеењето на правото во Унгарија, предупредувајќи дека постои „јасен ризик“ за прекршување на вредностите на ЕУ од Владата на премиерот Орбан. Одлуката беше усвоена со две третини од гласовите на европратениците. Постапката тече, а аналитичарите предвидуваат дека таа ќе биде бавна, па дури и се сомневаат дека ќе биде спроведена докрај.

Дебатата се одржа по повод извештајот на европратеничката Јудит Саргентини, која и го предложи активирањето на членот 7 од Лисабонскиот договор, откога констатирала низа прекршувања на владеењето на правото во Унгарија, преку мигрантските политики, контролата врз медиумите, ограничувањето на правото на изразување, верските слободи, како и независноста на судството. Орбан, во жестока дебата со европратениците, во која обвини за лаги и уцени, рече дека извештајот е навреда за Унгарија.

Токму таквиот гард на Орбан остава малку простор дури и за шеговитата претпоставката дека тој, засолнувајќи го Груевски, сака да си го подобри имиџот. Напротив, сѐ води кон заклучокот дека тој со сите сили настојува да ја потврди репутацијата на европскиот бунтовник. Да не бидеме премногу слободни во процените, можеби дури и го тестира трпението на Брисел постојано поместувајќи ги границите на своето бунтовничко царство. Во тоа, повеќе или помалку прикриено, но веќе сосема сигурно, му помагаат некои од премиерите и претседателите на други европски земји, од истата политичка групација во Европскиот парламент. Особено во изминатиов период, откога германската канцеларка Ангела Меркел почна да ги крева рацете од кормилото, а никој од потенцијалните кандидати за нејзиниот наследник сѐ уште не се осмелува цврсто да го фати. Линијата што веќе долго време ги поврзуваше Груевски и Орбан, сосема јасно оди преку српскиот претседател Александар Вучиќ и продолжува понатаму, преку победникот на неодамнешните парламентарни избори во Словенија, Јанез Јанша, кој не успеа да формира влада, но следејќи ги политиката и реториката на Орбан, ужива убедлива поддршка од јавноста, како и преку австрискиот канцелар Себастијан Курц, и оди понатаму низ европските политички лавиринти. Дали сето тоа е во функција на претстојните избори за Европскиот парламент е прашање за чиј одговор, исто така, ќе треба да се почека. Можеби станува збор, едноставно, за десничарско збивање на редовите пред изборите. Но она што веќе сега е очигледно е дека повеќе од чии и да се национални интереси, повеќе од сите заложби за јакнење на единствениот дух и вредностите на Европа, токму преку споменатата линија се реализираат некои и нечии странични интереси. Навистина би било голема штета ако тие и дефинитивно надвладеат, а особено ако се покаже дека сето тоа се случува под чадорот на групацијата на европските народни партии. Молкот на нејзините главни експоненти, во случајов со Груевски, како да кажува веќе нешто.