Модриќ „златен“, Азар „сребрен“, Гризман „бронзен“

86

Признанието „златна топка“ за најдобар фудбалер на Светското првенство (СП) во Русија заслужено го доби Лука Модриќ (Хрватска). Последен пат добитникот на највредната индивидуална награда на СП бил истовремено и светски првак со својата репрезентација на СП во 1994 година. Тогаш шампион стана Бразил, а „златната топка“ ја освои Ромарио.
Оттогаш, на следните шест мундијали, добитниците беа од поразениот финалист (Бразилецот Роналдо во 1998 година, Германецот Оливер Кан во 2002, Французинот Зинедин Зидан во 2006, Аргентинецот Лионел Меси во 2014 и Хрватот Модриќ во 2018 година), а еднаш и од четвртопласираната репрезентација (Уругваецот Диего Форлан на СП 2010).

Официјално наградата се доделува од СП 1982, а за претходните мундијали ретроактивно се прогласени најдобрите. Вкупно, од претходните 20 светски првенства, најдобриот 10 пати бил од редовите на шампионот, осум пати од вицешампионот, двапати од третопласираниот и еднаш од четвртата селекција на тој мундијал. Откако официјално се доделува признанието, од СП 1982, само Паоло Роси (1982), Диего Марадона (1986) и Ромарио (1994) освоија двојна круна (титула и „златна топка“).
Другите индивидуални награди на СП 2018 заминаа кај Французинот Килијан Мбапе (најдобар млад фудбалер), Белгиецот Тибо Куртоа (најдобар голман, „златна ракавица“) и кај Англичанецот Хари Кејн (најдобар стрелец, „златна копачка“). 


Меѓу најдобрите на СП има само по еден голман и стопер

Од најдобрите фудбалери на претходните СП не би можел да се состави идеален тим, затоа што добитниците на признанието главно биле плејмејкери и напаѓачи. Така, „златната топка“ ја освоиле, меѓу другите, Ференц Пушкаш, Гаринча, Боби Чарлтон, Пеле, Јохан Кројф, Марио Кемпес, Паоло Роси, Салваторе Скилачи, Диего Марадона, Ромарио, Роналдо, Зинедин Зидан, Диего Форлан, Лионел Меси… Меѓу добитниците има само еден голман ( Оливер Кан на СП 2002) и само еден стопер (Хозе Насаци на СП 1930).