„Мобилај“ ќе произведе систем за управување за 8 милиони автономни автомобили

1143

Израелската компанија „Мобилај“, која е во сопственост на корпорацијата „Интел“, потпиша договор за производство на технологија за 8 милиони автономни автомобили. Според официјалните информации, договорот е потпишан со европски произведувач, кој засега е непознат. Исто така, нема прецизни информации за тоа колку ќе чини и како ќе се спроведе соработката меѓу двете фирми.

Договорот меѓу „Мобилај“ и европскиот произведувач на автомобили е знак за тоа како компаниите во автоиндустријата и компаниите во сферата на технологијата ја подобруваат и зајакнуваат соработката, која е во интерес и на двете страни. Целта е да се автоматизираат најновите автомобили и тие да можат самостојно да се движат на автопатите и сами да запираат во итни случаи. Заеднички, ваквите соработки значат дека и компаниите од двете сфери ќе заработат добро, бидејќи самостојно не би можеле да го остварат замисленото. Целосно автономните возила сè уште се далеку од совршени, но постојат многу аспекти од возењето што може да ги подобрат.
Договорот за имплементирање на системот за автоуправување на автомобилите ќе почне во 2021 година, кога чипот на „Интел“ наречен „ај-кју5“, кој е дизајниран специфично за целосно автономни возила, ќе биде промовиран како надградба на неговата претходна верзија „ај-кју4“. Според Ерез Даган, заменик-претседател на одделот за напредна технологија во компанијата, овој чип треба да биде промовиран за релативно брзо време.

Компанијата „Интел“, која примарно се занимава со производство на процесори за компјутери, ќе има огромна конкуренција при создавањето ваков вид технологија за автономни автомобили, бидејќи како прв нивни конкурент се споменува името на корпорацијата „Нвидиа“. Конкуренцијата се очекува да биде голема, а крајните продукти и новопроизведениот софтвер на највисоко ниво.

Новиот систем би бил достапен за повеќе автомобили од различни компании што имаат делумно автономно управување. Делумно автономно управување значи дека иако автомобилот се движи самостојно, управува, забрзува и забавува, возачот мора да ги следи сите параметри и да внимава на патот. Се шпекулира дека некои модели би имале дури и уште понапреднат систем на автоматизација, но сè уште нема информации како би изгледал и како би функционирал тој софтвер.

Од „Мобилај“, кој минатата година беше купен од страна на американскиот гигант „Интел“ за 15,3 милијарди долари, изјавија дека постојат 27 милиони автомобили на патиштата од 25 најразлични произведувачи во кои би можело да се имплементира нивната технологија, а тоа значи дека можат да покријат дури 70 отсто од пазарот.
Извршниот директор на „Мобилај“, Амнон Шашуа, изјави дека до крајот на 2019 година се очекува 100.000 автомобили да ја имаат нивната технологија „левел 3“. Оваа технологија функционира така што доколку самоуправувачкиот автомобил не може автономно да продолжи да го управува возилото, го предупредува возачот, кој има околу десетина секунди за да го преземе управувањето.
„Мобилај“ соработува со голем број светски автопроизводители, како што се „Џенерал моторс“ – за нивниот систем „супер круз“, но и со „Нисан“, „Ауди“, „Хонда“, БМВ, „Фиат крајслер“ и кинескиот „Нио“, за кои треба да произведат технологија „левел 3“ до следната година.

Во седиштето во Ерусалим, оваа компанија исто така тестира и многу понапредна технологија „левел 4“ во моделот „фјужн“ на „Форд“, каде што има инсталирано 12 мали камери за следење на патиштата и најновиот вид софтвер „ај-кју4“. Според некои информации, овие автомобили веќе можеле самостојно да се движат на патиштата, без каква било помош од возачите.
„Мобилај“ најави дека производството на технологијата „левел 4“ ќе почне во 2021 година, а голем дел од технологијата е веќе готова и деловите што се релевантни за креирање на крајниот продукт ќе бидат достапни на пазарот за купувачите. Извршниот директор Шешуа изјави дека со оглед на заинтересираноста на автопроизводителите, самоуправувачки и автономни такси-возила (робо-такси) се очекуваат на патиштата исто така до 2021 година. Тој додаде дека кога е дизајниран системот, водено е сметка и за сегашноста, но и за компатибилноста на деловите од системот што ќе може да се користат во иднината. Тој за медиумите откри дека некои од автомобилите што ќе ја користат технологијата на „Мобилај“ ќе бидат навистина скапи и луксузни возила, но ќе има и автомобили што ќе бидат компатибилни за технологијата, за чие вградување корисниците би требало да доплатат околу 12.000 долари.

Како резултат на најновите технички достигнувања, улиците за неколку години ќе бидат полни и со луѓе што возат автомобили, но и со самоуправувачки возила. Според статистиките од патиштата во САД, на годишно ниво има околу 40 илјади смртни случаи, но луѓето потешко ги прифаќаат несреќите ако тие се предизвикани од самоуправувачки возила. Откога постојат автономните возила, тие имаат предизвикано околу 40 смртни случаи на патиштата. За да се избегнат несреќни случаи, автономните возила не смеат да се потпираат само на камерите. За да се превенираат и избегнуваат сообраќајните несреќи, во технологијата мора да има вградено и да се користат интегрирани информации од камери, прецизни мапи, радари и најразлични ласерски скенери.
Технологијата брзо напредува и ова се првите информации за самоуправувачки автомобили што ќе се појават во Европа. Досега вакви возила имаше само на патиштата во САД, каде што тие се продаваат со релативен успех.