Младите франкофони од ООУ „Гоце Делчев“ во Прилеп нижат успеси

1019

На минатонеделниот регионален натпревар по француски јазик „Олимпијади 2018“, кој се одржа во ОУ „Даме Груев“ во Битола, а беше организиран од Здружението на професори по француски јазик на Македонија, во соработка со филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје и со поддршка на Француски институт – Скопје и на Националната комисија за франкофонија, учествуваа учениците од деветто одделение од основните училишта и учениците од трета година од средните училишта.

И оваа година младите франкофони од ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп, под менторство на наставничката Ирена Наумоска, постигнаа одлични резултати. Ученичката Исидора Лажоска го освои второто место, а ученикот Дино Андреевски беше петти, со што обезбеди пласман за учество на државниот натпревар во Скопје. Учениците ги покажаа своите знаења и вештини во познавањето на францускиот јазик во четири области, и тоа слушање и разбирање текст, граматика, писмено разбирање текст и писмено изразување на зададена тема.

– Навистина напорно работевме во рамките на дополнителната настава, но трудот секогаш се исплати. Многу сум горда на постигнатите резултати на моите ученици. Се надевам дека познавањето на францускиот јазик, како еден од најважните и најупотребувани светски јазици, ќе им биде предност во натамошното школување – изјави наставничката Ирена Наумоска. По повод Денот на франкофонијата на Наумовска ѝ беше доделено признанието за најактивен професор по француски јазик во Македонија. – Ова признание за мене е мотивација и инспирација за континуирано професионално усовршување и унапредување на наставата по француски јазик – ни рече наставничката Ирена Наумовска.