Митинг на Ердоган во Сараево пред 15.000 луѓе

1144

Управата на полицијата на кантонот Сараево, од Унијата на европски турски демократи, доби барање за одобрување на јавниот собир на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, закажан на 20 мај во Сараево, за кој е најавено присуство од 10 до 15 илјади луѓе, изјави полициската портпаролка Сувада Кулдија.
Управата на полицијата побарала од организаторот да се исполнат одредени услови пропишани со Законот за јавни собирања. По исполнувањето на овие барања полицијата ќе изработи оперативен план за сообраќајно, контрадиверзантско и физичко обезбедување на овој собир.

Поради митингот на Ердоган во сараевската спортска сала „Зетра“ веќе е одложено одржувањето на фудбалското дерби меѓу екипите Железничар и Сараево, за еден ден порано.
Турскиот претседател пристигнува во посета на Босна и Херцеговина со намера да одржи предизборен собир, откако тоа не му беше дозволено од Германија и од Австрија. Според пишувањето на турскиот провладин медиум „Јенисафака“, на овој собир се очекува да присуствуваат околу 10 илјади турски државјани што живеат во БиХ, а некои ќе дојдат од соседните земји.

Медиумите во БиХ оценуваат дека овој собир има поголемо значење, поради предизборната кампања во Турција, но и поради почетокот на кампањата за општите избори во БиХ. За 26 мај партијата на Бошњаците СДА ќе го соопшти и името на својот кандидат за Претседателството на БиХ.
Во Турција на 24 јуни ќе се одржат предвремени претседателски и парламентарни избори, а за актуелната власт односно за партијата АК во овој момент одржувањето еден митинг во некоја европска земја има големо значење. Лани Холандија и Германија ги забранија собирањата по повод референдумот за измена на Уставот на Турција.