Миленици – господари на срцата или робови на љубовта

228
Дама со куче, Загреб, околу 1934 година

Во загрепското катче за животни при Етнографскиот музеј од 2015 година се прославуваат родендени на миленици или на деца во друштво на миленици

„Кој е најдобриот пријател на човекот“ и на ова прашање истражувајќи го и феноменот на домашните миленици се обидува да одговори комплексната и впечатлива изложба „За животните и луѓето“ на Етнографскиот музеј од Загреб, која дo септември може да се погледне во Музејот на Македонија. Многу прашања се вртат денес околу домашните миленици, не само околу оние што живеат во бучните градски центри, чиј живот сѐ почесто го следат медиумите и разните здруженија за заштита на нивните права, туку и околу многубројните миленици што живеат и во помирните места и во руралните средини.

Едно од нив директно поврзано со споменатата изложба е дали може да се повлече паралела околу ситуациите кога купуваме брендирани производи и кога набавуваме скап миленик.
Авторките на изложбата (Жељка Петровиќ Осмак, Теа Ритинг Шишко и Гордана Виљетиќ) во нејзиниот каталог, разгледувајќи ја комплексната тема од многу страни, укажуваат и на фактот дека оставените миленици на улиците на градовите, потполно лишени од можности за преживување во такви услови, тешко пронаоѓаат некој што би ги вдомил!
А дека приказната за домашните миленици и луѓето денес и во минатото не е едноставна се потврдува и преку оваа богата визуелна презентација.

На изложбата доминираат фотографии со кучиња како миленици, иако има и мачки, но поретко и други животни, кои многумина не би ни можеле да замислат да ги чуваат дома и да ги сметаат за најомилени, но и за најдобри пријатели.
– Ставот дека односот меѓу човекот и животното, а со тоа и со домашното милениче, во својата природа пред сѐ е прашање на функција втемелена на процесите на доминација и моќ, секако дека е присутен и денес и во теоријата и во практиката, но тој не одговара на прашањето зошто луѓето имаат домашни миленици дури кога тие не извршуваат никаква, барем не видлива, утилитарна задача ниту, пак, кореспондираат со постмодерните теоретски перспективи и зголемениот етнографски материјал, кој покажува широко поле на однесувања, размислувања, чувствувања во однос на човекот и домашниот миленик, кој во минатото бил често незабележлив или не бил земан предвид како неважен – велат стручните лица.
Тие укажуваат и дека е важно да се знае дека анализата на многубројните различни култури за односот на човекот и животното, пред сѐ, домашното, покажува значајни разлики во доживувањето и однесувањето, дури и во самата концепција на домашното милениче.

Во антрополошката литература обично се наведува примерот на младите прасиња, кои жените во Малезија ги земаат под своја заштита и ги третираат како деца, односно ги дојат сѐ додека не пораснат, односно не дојде време да бидат заклани за исхрана. Афектот придодаден на стопанскиот интерес, како кај Малежаните, не е единствената причина за толку блискиот однос на човекот и животното. Кај припадниците на народот Аина, доењето и грижата за младенчето на мечката се поврзани со култ и ритуал, додека во многубројни примери таа практика всушност претставува вид наклонетост кон домашните миленичиња, на пример меѓу Полинежаните, шумските народи од тропскиот предел на Јужна Америка и особено меѓу ловците и собирачите од Југоисточна Азија, Австралија и Тасманија, од каде што и се вадат заклучоци за влијанието на женското доење на младенчињата на доместификацијата на животните како што се кучињата или свињите.

Руди, првото куче на Загреб, на отворањето на првиот музеј каде што се добредојдени миленичињата во Хрватска, во 2015 година

Британскиот антрополог и управник на Одделот за социјална антропологија на Универзитетот во Абердин, Тим Инголд, пак смета дека многу луѓе, кои инаку се уверени дека животните не можат да имаат особини како човекот, прават исклучок кога се во прашање нивните миленици. На прашањето зашто милениците можат да бидат (како) лица, а другите животни не, најверојатен е одговорот од типот – домашните миленици се одгледувани во семејствата скоро исто како членовите на семејствата, па и самите станале речиси луѓе. Се смета дека имаат човечки чувства и човечки реакции, им се обраќаат и очекуваат да го разберат она што им се говори, им се даваат имиња, се облекуваат, а понекогаш дури и по последна мода, па проаѓаат низ животни (и годишни) обичаи како луѓето, на пример, ги слават, подобро речено, се слават нивните родендени, се купуваат божиќни подароци, се оплакува смртта итн.
Само за пример, загрепското катче за животни – информативниот центар за животните на град Загреб, осмислен во соработка со градската Зоолошка градина,

Прифатилиштето за незгрижените животни на градот и градот Загреб, од неодамна нуди можност за прославување на родендените на милениците или на деца во друштво на миленици, а роденденските торти за кучиња и мачки можат да се нарачаат во неколку кучешки слаткарници/фурни во градот. Сопственичката на една таква, 37-годишната Љ.В. од Загреб, забележала дека за купување рачно изработени слатки за миленици, направени од исклучително природни состојки и месо добиено од локално одгледани животни, се одлучуваат оние сопственици што и самите внимаваат на своето здравје и на режимот на исхрана.
На изложбата во Музејот на Македонија, меѓу другото, може да се погледнат презентираните материјали за милениците како статусни симболи и маркери на идентитетот, за милениците во модните трендови и надвор од нив, нивните сѐ повидливи терапевтски функции, експонати што говорат за милениците како за извор на социјална поддршка, нивната поврзаност со децата во значајниот процес на растење и др.


Ќе следуваат антрополошки истражувања

Иако темата на односите на луѓето и домашните животни во изминатите 50 години била истражувана во подрачјата на социологијата и психологијата, поцелосно истражување на полето на антропологијата треба допрва да следува. Нашите интеракции со, во прв ред, кучињата и мачките, но и со цела низа други видови, длабоките (двострани) емоционални врски што се создаваат во тој однос, па дури и проширувањето на домените на сродствата на четириножните, крилести и ладнокрвни членови на семејството, се важни обележја на културата на современиот човек, а улогата на животните и нашите секојдневни заемни дејствувања, интегрални делови на нашите животи и на општеството во целина.