Милениците им го подобруваат имиџот на претседателите

151

Милениците беа дел од Белата куќа повеќе од еден век, додека во неа не се всели последниот американски претседател, Доналд Трамп

Без разлика дали се викале Мли, Сокс, Бо, Били, Барни, Лади Бој – домашните миленици секогаш биле дел од Белата куќа во последниве стотина години, додека во неа не се всели последниот американски претседател, Доналд Трамп.
Бо со години беше дел од Белата куќа и внесуваше весел и ведар дух, дури Барак Обама беше претседател. Семејството Буш со години го имаше Барни. А годинава, Доналд Трамп и Меланија испратија божиќна честитка без претседателски домашен миленик.

– Најпознатите членови на семејството Обама беа Бо и Сани – изјави во една пригода Мишел Обама.

Со години домашните миленици беа најдобри пријатели на станарите на Белата куќа, а имаа и посебна улога.

– Се чинеше дека претседателите со помош на милениците изгледаа како гостољубиви Американци. Тие им го ублажуваат имиџот на претседателот како врховен командант, му даваат поинаква димензија – вели историчарот Метју Костело.
Шкотскиот териер Барни, чиј сопственик беше Џорџ Буш Помладиот, често го коригираше расположението во Белата куќа.

– Ова беше тешка недела за Барни. Се шпекулира дека тој е главен кандидат за државен секретар, секретар за правда и образование. Барни допрва треба да биде назначен за некоја повисока позиција – беше објавено во комичното видео на Белата куќа во 2005 година.

– Барни, знам дека сакаш да бидеш во мојот кабинет. Но веќе ти дадов важна задача, да се грижиш за госпоѓа Бизли – рече Буш.
Исто така Буш имал крава и мачка.
Меѓу миленичињата што беа популарни се вбројуваат и мачката на претседателот Клинтон – Сокс, Макарони, понито на ќерката на претседателот Кенеди и Чекерс, кучето на претседателот Ричард Никсон.
Кога се кандидираше за потпретседател во 1952 година, Никсон беше обвинет за добивање нелегални подароци. За да се ослободи од сомневањата, Никсон даде детална листа на неговиот имот, а на листата беше и кучето Чекерс, кое го добил како подарок.

– Морам да напоменам дека ќе го задржиме Чекерс. Без разлика што и да се случи, не се откажуваме од него – изјавил Никсон.

Мисирката Ракун Ребека била испратена во Белата куќа за да биде послужена како вечера на Денот на благодарноста во 1926 година. Но тогашниот претседателот Кевин Кулиџ се премислил и одлучил да ја задржи како домашно милениче.
А најславниот од сите претседателски домашни миленици е Лади Бој. За него се правела и роденденска забава.

– Лади Бој е ердејл териер и му бил миленик на американскиот претседател Ворен Г. Хардинг. Тој бил првиот славен миленик од Белата куќа. Учествувал во традиционалното движење на Велигден, тој имал свој стол за состаноци, тој бил медиумска атракција во 1920-тите години – вели историчарот Метју Костело.
Лади Бој беше исто така основач на трендот каде што милениците на суптилен начин им помагаат претседателите да изгледаат похумани, општествено одговорни, дека се обичните луѓе, дека нормално живеат и се пријатели со животните, а со тоа на индиректен начин стекнуваат сѐ поголема популарност.

Во Белата куќа живееле и необични миленици. Џејмс Бјукенан, 15-от претседател, добил стадо слонови од кралот на Сиам, сегашен Тајланд. Султанот од Оман на Мартин ван Бурен, осмиот претседател, му дал неколку тигарчиња.

Белата куќа била дом на над 300 домашни миленичиња. Рекордер во таа смисла е Теодор Рузвелт. Неговите шест деца чувале змии, кучиња, мачки, јазовец, птици и многу други видови.