Милевски си заминува од селекторската позиција

674
Заминува во Израел: Благоја Милевски

Милевски со младата селекција на Македонија забележа историски успех со пласманот на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2017 во Полска, прв за една македонска репрезентација

Благоја Милевски, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија (до 21 година), си заминува од функцијата и ќе го предводи тимот на Ашдод од Израел.
– Договорот со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ми истекува на 1 јуни, дотогаш сум на располагање и подготвен сум да го испочитувам докрај. Веќе имав две понуди од Израелците, кои ги одбив, но во животот морате да продолжите понатаму. Чувствувам дека е вистинско време за нов предизвик – изјави Милевски, кој за Ашдод има одиграно 80 натпревари, од 2001 до 2004 година.

Милевски со младата селекција на Македонија забележа историски успех со пласманот на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2017 во Полска, прв за една македонска репрезентација. Во новиот квалификациски циклус за ЕП 2019 во Италија/Сан Марино, Македонија е претпоследна, петта, во групата 7, со само три бода по шесте одиграни натпревари, со само една победа и без шанси за пласман во завршницата.

До крајот на квалификациите Македонија треба да одигра уште четири натпревари. Најпрвин ѝ гостува на Србија (7 септември), потоа ја пречекува Ерменија (11 септември), па ѝ гостува на Русија (11 октомври) и на крајот дома го пречекува Гибралтар (16 октомври).
Од ФФМ најавија дека во најбрз можен рок ќе распишат конкурс за нов селектор и наследник на Милевски.
На Македонија ѝ претстојат две пријателски средби со Азербејџан, на 25 и на 27 мај.