Мигрантите по секоја цена бараат начин за влез во ЕУ

219
Мигрантите ја заобиколуваат Македонија и преку Албанија и Босна бараат пат да стигнат до ЕУ Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бројот на мигрантите што почнуваат да ја користат новата маршрута преку Албанија до Европската унија изминатиот период е драстично зголемен. Мигрантите од Блискиот Исток, Северна Африка и некои делови на Азија поради повеќе причини ја напуштаат старата маршрута на движење низ Македонија и низ Србија. Бројот на луѓето што почнуваат да ја користат маршрутата на движење преку Албанија и преку Црна Гора, па сѐ до Хрватска е навистина зголеменa, но не може да се спореди со бројот на луѓето што во 2015 се обидеа да влезат во земјите од Европската Унија. Според податоците од медиумите, бројката постојано расте и информациите од властите во Албанија велат дека се откриени околу 3 илјади мигранти изминатите неколку години. Колку за потсетување, претходната мигрантска маршрута ја опфаќаше и нашата земја, односно мигрантите преку Грција влегуваа во Македонија, а потоа и во Србија, за да стигнат до земјите на Европската Унија, односно Унгарија и Хрватска. Оваа маршрута сега е затворена, па алтернативите за овие луѓе се или водните маршрути (шверцери за пари со бродови и глисери ги внесуваат во Италија) или преку новокреираната маршрута низ Албанија. Со оглед на тоа дека стандардно во летниот период се зголемува бројката на мигрантите, се очекува поголем прилив на луѓе, кои имаат цел легално или нелегално да се движат северно кон Европската Унија.

Уште една од балканските земји што е засегната од новиот наплив на мигранти е Босна и Херцеговина. Се проценува дека оваа година во Босна влегле повеќе од 5 илјади мигранти и бегалци со намера потоа да влезат во Хрватска. Исто така, албанската полиција во изминатиот период има уапсено голем број шверцери на мигранти, кои за одредени цени, со такси-возила и со фериботови тајно се обидуваат да ги пренесат мигрантите во Италија или во Црна Гора, па потоа во Хрватска. Стандардно, со зголемениот број луѓе на премините, се појавуваат и шверцери, кои на сметка на мигрантите се обидуваат да заработат пари. Изминатите години, на балканската маршрута беа спроведувани голем број полициски акции во кои беа забележувани различни начини на шверцување, во директен сооднос со цената што ја плаќаат луѓето за оваа нелегална услуга. Тогаш цените за транспорт од дадената локација до земја на Европската Унија изнесуваа од 2 до 5 илјади евра, но со зголемувањето на контролите, тие се зголемени за двојно повеќе само за минување на еден граничен премин. Во изминатиот период овој проблем се јавува во Албанија и во Босна и Херцеговина, каде што е зголемен бројот на мигрантите што чекаат во камповите за влез во некоја од земјите во Европската Унија. Поради засилените контроли, строгите гранични проверки и посебните услови што треба да ги исполнат бегалците и мигрантите, тие веќе долго време не избираат средства и начини како да ги минат границите. Постојат многу различни начини на шверцување, од кои некои се многу опасни по безбедноста и животот на луѓето, но тоа не ги спречува тие да се обидуваат да стигнат до „ветените“ земји на Европската Унија.

Постојат повеќе примери за тоа како шверцерите ги кријат во модифицирани возила со специјални бункери, во транспортни камиони и возови, а неретко се случува граничарите да ги откријат и да уапсат на самото место. Од друга страна, казните и реперкусиите за делото „шверц на мигранти“ драстично се казнува, особено во земјите од Европската Унија. Доказ за тоа е неодамнешната пресуда во Грција, со која четворица лидери на шверцерска мрежа на мигранти беа осудени на доживотен затвор, откако полицијата открила 112 мигранти во пештери и на фарми на грчкиот остров Крит пред една година. На овие луѓе, кои се надевале на влез во ЕУ по воден пат, им било наплаќано од 2 до 4 илјади евра за транспорт од Атина до Крит, па потоа до Италија. Сличен обид за нелегално преоѓање на Средоземно Море неодамна е забележан во Турција, каде што поголем број мигранти имале идеја да ги измамат турските граничари преку тајно влегување во транспортен контејнер на камион, чија крајна цел бил Италија. Конкретно, станува збор за седум Ирачани што се замотале во алуминиумска фолија, за да не бидат детектирани од рендгенскиот скенер.

Иако успеале во тоа, сепак истанбулската полиција забележала дека тежината на контејнерот е поголема од пријавената и тие биле пронајдени и уапсени, како и возачот на камионот. Зголемената бројка на бегалци и на мигранти, кои ги користеа поморските маршрути, предизвика и пораст во бројот на смртните случаи за време на транспортот. За наводното „полесно“ влегување во Европа, мигрантите ги користеа водните маршрути за илегален премин. Главната цел се земјите во Средоземјето, како што се Италија и Шпанија, но и Романија по Црно Море. Овој начин на транспорт е небезбеден и огромен број случаи на загинати и исчезнати мигранти се од водните маршрути. Поголемиот дел смртни случаи се случуваат кога овие луѓе се обидуваат да го преминат Медитеранот, велат податоците на Меѓународната организација за миграција. Во извештајот на оваа организација стои дека бројките на луѓе што се обиделе да влезат во Европа преку медитеранската маршрута е значително намален во 2016 година. Но со договорот на ЕУ и на Турција, бројот на смртни случаи е пораснат на 2,1 луѓе на 100 во 2017-та. Колку за споредба, во 2016 година таа бројка изнесувала 1,2 на 100. Зголемувањето на смртноста на мигрантите се должи на небезбедните маршрути и на преполните бродови.

Иако сега маршрутата на мигрантите е променета, животните искуства на луѓето што бараат среќа во земјите од Европската Унија е иста. Поголемиот број од овие луѓе најчесто доаѓаат од Сирија, но и од Авганистан и тие преку Турција и преку Грција стигнуваат до Албанија и се надеваат дека ќе најдат начин како да стигнат до Малта или до Италија. Некои луѓе ги користат бегалските кампови во Грција, иако тамошните услови се катастрофални. На 7 јуни Европската комисија објави дека обезбедила 1,5 милион евра хуманитарна помош за бегалците и за мигрантите во Босна и Херцеговина. Со овие средства, Европската Унија вкупно им дала околу 30 милиони евра на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Паричната помош ќе биде наменета за мигрантите во Сараево, Бихаќ и Велика Кладуша во БиХ, за да се подобрат условите за луѓето што чекаат влез во Хрватска, односно да се обезбедат безбедни услови за престој, зголемување на капацитетот на камповите и медицинска нега. Од почетокот на мигрантската криза на Западен Балкан, Европската комисија за помош на мигрантите има издвоено повеќе од 25 милиони евра за Србија и 4 милиони евра за Република Македонија, средства за хуманитарна помош за мигрантите. Како што велат од Европската комисија, целта на средствата е да им се помогне на најранливите групи луѓе и да се зачува достоинството на сите оние што се движат по овие маршрути. Ц.Х.