Металург по шест години го врати купот во Автокоманда

230
Ракометарите на Металург го прославуваат триумфот Фотографии: Дарко Андоновски

Во финалето Металург беше подобар од бранителот на трофејот Вардар, победувајќи го на пенали со 33-32 (29-29, 12-16)

Ракометарите на Металург забележаа сензационална победа во Купот на МакедонијаКуп бна, победувајќи го бранителот на трофејот Вардар, на пенали со 33-32 (29-29, 12-16). Металург по шестгодишна пауза го освојува шестиот трофеј во националниот Куп и пехарот го врати во витрините во „Автокоманда“.

Избраниците на тренерот Оливер Димитриоски до победата дојдоа по одличната тимска и мотивирана игра, во која искористија сѐ што им се понуди на теренот, давајќи максимум од можностите.

– Им честитам на момците за освоениот трофеј и за тоа што го покажаа на овој натпревар. Едноставно го оставија срцето на теренот, се бореа за секоја топка, ги заслужија победата и трофејот. Не верувам дека Вардар нѐ потцени. Тие во мечот влегоа помалку резервирано, бидејќи наскоро ги чека фајналфорот во Лигата на шампионите (ЛШ). Јас наследив одлична екипа што ја состави Данило Брестовац, така што овој куп-трофеј е резултат на нашата заедничка работа сезонава. Сметам дека моментот што го реши натпреварот е тоа што пред почетокот на мечот на играчите им реков да излезат на терен и да уживаат во играта, без притисок за резултат и за победа – изјави тренерот на Металург, Оливер Димитриоски.

Вардарци на почетокот од натпреварот поведоа со 5-0, но младите металурзи одлично возвратија и успеваа резултатски да парираат. Нивните мотиви и желбата за победа дојдоа до израз на почетокот од второто полувреме кога со серија од 9-2 ја презедоа контролата врз резултатот и поведоа со 20-18. Продолжението од мечот донесе неизвесна и изедначена борба, која заврши без победник, 29-29 по регуларните 60 минути игра.

Победникот на натпреварот го реши пенал-рулетот, во кој клучни беа двете одбрани на голманот на Металург, Даниел Дупјачанец, кој ги запре најдобрите пеналџии на Вардар, Иван Чупиќ и Тимур Дибиров, како и реализацијата на Марио Танкоски за конечна победа од 33-32.

Најефикасни во победата на Металург беа Александер Шпенде со девет и Анте Токиќ со седум гола.


ВАРДАР – МЕТАЛУРГ 32-33 (29-29, 16-12, 3-4 на пенали)

Спортска сала – Куманово. Гледачи: 1.200.
Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов
Вардар: Гедбане (10 одбрани), Кизиќ, Милосављев (1 одбрана), Стоилов 2, Недановски 1, Поповски 4, Кристопанс 4, Мораеш 2, Ставревски, Карачиќ 1, Скубе 4, Чупиќ 7, Дибиров 2, Горбок 1, Кисељев 3 и Мишевски. Тренер: Роберто Гарсија Парондо. Седмерци: 5/7. Исклучувања: 6 мин.
Металург: Дупјачанец (18 одбрани), Томовски (седмерец), Даниловски, Јагуриновски 5, Лазаревски 1, Димитриоски 2, Токиќ 7, Танкоски 5, Серафимов 1, Младеновиќ, Шпенде 9, Пучник 1, Миличевиќ, Маџовски 1, Арсеновски 1. Тренер: Оливер Димитриоски. Седмерци: 1/1. Исклучувања: 4 мин.


Блажевска: Гордост е да си претседател на Металург

Победа како планина голема за младиот Металург. Во овие бурни времиња успехот се вреднува уште повеќе, а кога на тоа ќе се додаде фактот дека победивме европски првак, задоволството е огромно. Гордост е денес да си претседател на Металург, повеќе од кога било. Да го освоиш купот, значи дека претходно си прескокнал мал милион пречки на патот и со успех си завршил еден трнлив пат. Големина е да се издигнеш над сѐ и да оставиш срце на теренот, храбро, мудро, чесно. Горда сум на моите момчиња и на стручниот штаб на клубот, а најмногу сме благодарни и горди на поддршката на сопственикот Минчо Јорданов, кој во ниеден момент не се сомневаше во нас и во нашата посветеност и лојалност кон Металург, во реализацијата на концептот за потпирање и развој на македонски играчи, кои ќе бидат носители на успесите на македонската ракометна репрезентација. Благодарност до нашите спонзори, кои веруваа во нас, кои не престанаа да нѐ поддржуваат, но поздрав и до сите наши навивачи и симпатизери, кои во текот на целата сезона нѐ бодреа. На крајот, ѝ се заблагодарувам на целата македонска спортска јавност што ракометот го направи спорт број еден во Македонија, со апел дека визијата на Металург за развој на македонскиот ракомет е концепт без алтернатива по кој треба да одат сите клубови, поддржувајќи се еден со друг, изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска.


Индивидуалните признанија за металурзите

Одличната партија на голот на Металург поткрепена со 18-те феноменални одбрани на Даниел Дупјачанец му го донесе признанието за најдобар голман во финалето на Купот на Македонија. Александер Шпенде и Томислав Јагуриновски турнирот го завршија како најдобри стрелци, со по 15 погодоци, додека, пак, стрелецот на победничкиот гол, Марио Танкоски го понесе признанието за најкорисен (МВП) играч.


ОСВОЈУВАЧИ НА КУПОТ

1. 1993 г. Шевро Куманово
2. 1994 г. Борец Агропин
3. 1995 г. Пелистер
4. 1996 г. Пелистер
5. 1997 г. Вардар Ватростална
6. 1998 г. Пелистер
7. 1999 г. Пелистер
8. 2000 г. Вардар Ватростална
9. 2001 г. Вардар Ватростална
10. 2002 г. Тутун. Комб. Бренд
11. 2003 г. Вардар Ватростална
12. 2004 г. Вардар Ватростална
13. 2005 г. Пелистер Кометал
14. 2006 г. Металург
15. 2007 г. Вардар ПРО
16. 2008 г. Вардар ПРО
17. 2009 г. Металург
18. 2010 г. Металург
19. 2011 г. Металург
20. 2012 г. Вардар ПРО
21. 2013 г. Металург
22. 2014 г. Вардар
23. 2015 г. Вардар
24. 2016 г. Вардар
25. 2017 г. Вардар
26. 2018 г. Вардар
27. 2019 г. Металург


Металург има минато и иднина за секоја почит

Последниве десетина-дваесет години, Металург важи за ракометен расадник во Македонија од кој секоја година изникнуваат по неколку надежи

Основите на оваа млада и талентирана генерација металурзи, чии темели беа успешно ставени пред 15 години, а потоа и надградувани изминатите години од искусниот стратег Лино Червар, веќе неколку години едноподруго даваат резултати. Сето тоа е резултат на многуте напорни тренинзи, литрите пролеана пот на паркетот во Автокоманда. Томислав Југуриновски, Димитар Димитриоски, Мартин Томовски, Марио Танкоски, Милан Лазаревски, Мартин Серафимовски, Мартин Велковски се дел од имињата што излегоа од школата на Металург и кои полека стануваат столбови на македонскиот репрезентативен ракомет.
Поддржан од својот сопственик, Минчо Јорданов, Металург на почетокот на годинашната сезона со ангажманот на Данило Брестовац започна нов тригодишен проект што резултира со создавање млад македонски состав, кој во следните сезони ќе продолжи успешно да го претставува Металург во европски рамки.

Металург во последниве десетина-дваесет години важи за ракометен расадник во Македонија од кој секоја година изникнуваат по неколку надежи.
Својата работа на дело Металург сезонава ја покажа со освојување на три титули во младите категории. Пионерите на Металург предводени од тренерот Оливер Димитриоски станаа шампиони на Македонија, а со трета шампионска титула во низа се закити и младинската екипа на Металург, предводена од тренерот Раде Стојановиќ. Третпат едноподруго младински шампионки на Македонија се и девојчињата на Металург предводени од Јулијана Дамчевска. Та.Д.


Силен одек на триумфот во ракометна Европа

Триумфот на Металург во купот како бомба одекна во ракометниот свет.
Сите балкански и европски ракометни медиуми ја пренесоа веста за големата победа на младите металурзи, кои лавовски се бореа со ѕвездениот тим на Вардар.
Огромен број честитки со позитивни коментари и поддршка за работата на Металург стигнаа на адреса на клубот. Први победата на Металург му ја честитаа претседателот на ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетови, и генералниот секретар, Филип Милошевски, како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски. И покрај долгогодишното ривалство, вардаровиот претседател Давор Стојановски меѓу првите му ја честита победата на Металург, а честитки стигнаа и од други македонски и европски клубови.
Ви пренесуваме дел од насловите што ја пренесоа веста за победата на Металург.
„Се најде јунакот да го запре Вардар – Металург го има лекот за црвено-црните“, напиша ракометниот портал „24 Ракомет“.
„Враќање на отпишаните: Шеста куп титула за Металург“, беше опишано куп-финалето во „Спортмедиа“.
„Сензација во Куманово, Купот за Металург“, е насловот на веста во „Слободен печат“.
„Шок во Куманово: Металург преку Вардар го освои купот на Македонија!“, напишаа колегите од „Балкан хендбол“.
„Сензација во Куманово: Металург во финалето подобар од Вардар!“, стои на страницата на црногорската ракометна репрезентација.


Томовски: Игравме без притисок

Излеговме да одиграме за нас и да уживаме во моментот. Бевме опуштени и игравме без притисок. Направивме чудо, функциониравме на едно високо ниво, а во пенал-рулетот бевме посреќни. Му честитам на мојот колега Дупјачанец за прикажаното, изјави голманот на Металург, Мартин Томовски.

 


Танкоски: Ни се исполни сонот

Се договоривме од почетокот да уживаме во играта, тоа и се случи, со исклучок на лошиот почеток на мечот, по кој се созедовме и го дадовме најдоброто од нас. Самото тоа што го имавме Вардар спроти себе, беше огромна мотивација за нас, да си го исполниме нашиот сон и да освоиме титула против еден голем и силен ривал каков што е Вардар. Овој пехар многу ни значи бидејќи ни е прва сениорска титула, изјави капитенот на Металург и МВП на финалето, Марио Танкоски.


Дупјачанец: Изненадувачка, но заслужена победа

Ова беше феноменален натпревар, како што му доликува на едно финале и мислам дека заслужено го освоивме трофејот. Да се победи ваков Вардар, кој трипати по ред игра на фајналфор во ЛШ е прекрасно. Тргнавме во грч, малку ги преценивме, но потоа се договоривме дека треба да ја стегнеме одбраната, да одиграме за нас. Многу ми помогнаа момците во одбраната и мислам дека тоа беше клучот на победата. Морам да бидам искрен дека по малку и ние сме изненадени од оваа победа. Меѓутоа пред десетина дена игравме во плејофот со Вардар и докажавме дека може да играме против нив и ете победивме, изјави херојот на Металург во победата над Вардар, голманот Даниел Дупјачанец.


Шпенде: Триумф со тимска игра

Многу сум среќен што го освоивме купот, пред сѐ, поради што победивме со тимската игра. Во натпреварот влеговме без притисок, а најважен беше советот на нашиот тренер, кој ни рече да уживаме во играта. Немавме што да загубиме, а многу добивме. Бевме тим, бевме екипа што го врати купот во Автокоманда, изјави најдобриот стрелец во финалето, Александер Шпенде.