Металургијата се поврзува со науката

129
Фото: Дарко Андоновски

Соработката на науката и на индустријата во областа на металургијата моментално се одвива на ниво на индивидуални контакти, поради што деновиве во Охрид се одржува меѓународен конгрес од кој треба да произлезат решенија за унапредување на соработката заради подобар технолошки развој

Kористењето научни истражувања во функција на унапредување на индустријата на основни метали e главната тема на Меѓународниот конгрес на металургијата, материјалите и заштитата на животната средина, кој деновиве осми пат се одржува во Охрид.
Соработката на науката и на индустријата во областа на металургијата моментално се одвива на ниво на индивидуални контакти со учество во одделни проекти, но би требало да биде далеку поголема за да се обезбеди подобар технолошки развој и добро обучен кадар, истакна Свето Цветковски, професор на Технолошкиот факултет и претседател на Здружението на металурзи при Стопанската комора на Македонија, најавувајќи го конгресот.

– Сакаме да бидеме сервис на индустријата, научните достигнувања да бидат достапни за нашите компании. Засега, соработката е сведена на индивидуални контакти меѓу нашите поранешни студенти, сегашни менаџери и науката. Соработката е на ниво на изработка на проекти – објасни Цветковски.
Тој е задоволен што инженерскиот кадар што излегува од факултетите е добро оценет од менаџментот во индустријата, но смета дека би требало многу повеќе да се посвети внимание на зголемување на бројот на студентите на технолошките факултети, бидејќи овој кадар е баран во земјата и во регионот.
– Треба да се најдат методи со кои што поголем број млади ќе се определат за овие факултети, преку давање стипендии, преку средби со менаџери и инженери, односно со претставување успешни приказни како и со размена на студенти со факултети надвор од земјата – смета Цветковски.
Според него, моментално голем проблем на научните работници е недостигот од современа опрема.
– Новата опрема е мошне скапа поради што факултетите не можат да ја обезбедат сами. Основна верзија на електронски микроскоп чини околу 180.000 евра – истакна Цветковски.

Иако на глобален план од крајот на минатата година почна тренд на заживување на активностите, сепак актуелната состојба во металургијата во Македонија не е на завидно ниво. Податоците за физичкиот обем на производството оваа година се неповолни, оценија од Стопанската комора на Македонија. Во периодот од јануари до март 2018 година производството на метали е намалено за 18,4 отсто во однос на истиот период лани.
– Податокот е уште поалармантен ако се има предвид дека минатата година намалувањето на производството беше над 15 отсто – истакна Зорица Мешкова од СКМ.
Според неа, основната причина за ваквите податоци е нефункционирањето на двата најголеми металуршки капацитета, „Фени“ и „Југохром“.
Состојбата се рефлектира и врз извозот, кој кај металите е на истото ниво како лани и во првите три месеци од годинава изнесува 187 милиони американски долари.
Металургијата е еден од носечките сегменти на економијата, и се соочува со сериозни проблеми, состојбата е поразителна. Оваа индустрија работи со преполовени капацитети и бара и поддршка и решенија од државата за излез од тешката состојба во која се наоѓа.

Надлежните од оваа индустрија велат дека со намалувањето на производството и на извозот може да дојде и до намалување на вработените во оваа индустрија. Резултатите не се погубни само за гранката, туку ќе се рефлектираат врз целата економија. Покрај светските услови, кои силно влијаат на металската индустрија, состојбата дополнително ја усложнуваат и одредени внатрешни системски решенија.
Како што неодамна истакна претседателот на Здружението на металургија при Стопанска комора на Македонија и директор за стратегиско планирање, финансиски инженеринг, економски истражувања, информации и анализи во „Макстил“, Митко Кочовски, Македонија има проблеми со обезбедување стручен кадар.
– Ние во Македонија немаме кадар за оваа индустрија зашто немаме јасна визија што ќе се случува со неа во наредниот период. Нормално е тие деца што треба да се запишат на факултети и во средни школи од оваа област да бидат во голема дилема и да ја гледаат својата перспектива во оваа работа ако немаме јасна визија што сакаме и очекуваме – истакна Кочовски.
Голем проблем, според него, и цената на природниот гас како многу значаен фактор за економичноста на металуршкото производство, па за другата индустрија и населението.

– Треба да се истакне дека компаративните анализи покажуваат дека ние плаќаме многу повисока цена од производителите слични на нас во непосредното соседство и особено во Европа – истакна Кочовски.
Тој е сигурен дека свое влијание имаат другите гасоводни системи на достава од каде што тие се снабдуваат, количествата на преземениот гас, трошоците на неговиот транспорт и редицата зависни трошоци со кои не е обременета нашата конкуренција.
– Дефинитивно цената што ја плаќаме ние, како еден од најголемите потрошувачи на природен гас во земјава, е значително повисока и има силно влијание на нашата конкурентност – смета Кочовски.
Според него, самиот факт што во процесот на валањето трошоците за природен гас учествуваат со над 25 отсто, зборува доволно.

Тоа, како што вели Кочовски, едновремено упатува на ургентна потреба од преиспитување на сите ценовни компоненти и зависни трошоци доколку сакаме како земја да обезбедиме нормални услови за стопанисување на оваа значајна индустриска гранка.
– Ние сме единствената позначајна индустриска структура во националната економија, која е исфрлена од енергетскиот систем на земјава и плаќаме значително поскапа електрична енергија од другите потрошувачи. Истото се однесува и за другите енергенти. Транспорт поврзан со економијата од обем што е голема трошковна ставка исто така е поскап. Дополнително е оптоварен со недостиг од вагони, реконструкции на железничката пруга, штрајкови и слични проблеми што состојбите со опремата ја прават уште посложена. Кога би ги имале цените на сите овие трошковни импути како во земјите од ЕУ, само како „Макстил“ би имале заштеди од некои осум милиони долари – истакна тогаш Кочовски.