Маркс поважен од кога било

1282

Најважниот факт во ставовите на Маркс за историјата е негативен: еволуцијата на идеите, религиите и политичките институции не зависи од алатките што ги користиме за да ги задоволиме нашите потреби, ниту економските структури што ги поставуваме за употреба на тие алатки и финансиските интереси што ги создаваат. Ако ова е премногу очигледно за да се истакне, тогаш тоа е затоа што сме го усвоиле овој поглед. Во таа смисла, сите ние сега сме марксисти

Питер Сингер

Од 1949 година, кога комунистите на Мао Ѕедунг победија во граѓанската војна во Кина, па до падот на Берлинскиот ѕид 40 години подоцна, историската важност на Карл Маркс беше ненадмината. Речиси секој четврти од десет луѓе во светот живееше под власт за која се сметаше дека е марксистичка и во многу други земји, марксизмот се сметаше за доминантна идеологија во левицата, а политиките во десницата се базираа на тоа како да се спречи марксизмот.

Откако се распадна комунизмот во Советскиот Сојуз и неговите сателитски држави, влијанието на Маркс драстично опадна. На 200-годишнината од раѓањето на Маркс, на 5 мај 1818 година, не е претерано да се каже дека неговите предвидувања беа фалсификувани, неговите теории беа компромитирани, а неговите идеи се сметаа за застарени. Зошто тогаш треба да водиме грижа за неговото наследство во 21 век?

Репутацијата на Маркс сериозно беше нарушена од злосторствата на режимите што се нарекуваа марксистички, иако не постојат докази дека самиот Маркс поддржувал такви криминали. Но комунизмот генерално се распадна затоа што, како главно државно уредување во Советскиот Сојуз и во Кина под власта на Мао, не успеа да им обезбеди животен стандард на луѓето што може да се натпреварува со оној што го уживаат повеќето во капиталистичките економии.
Ваквите недостатоци не ги одразуваат мааните во сликата на Маркс за комунизмот, затоа што Маркс никогаш не ја создаде. Тој никогаш не покажа ни најмал интерес за деталите како треба да функционира комунистичкото општество. Наместо тоа, неуспесите на комунизмот истакнуваат посериозна маана, а тоа е лажниот став на Маркс за човековата природа.

Според Маркс, не постои наследна или биолошка човекова природа. Во неговите тези за Фоербах, тој наведе дека човечката суштина е „целина од општествени врски“. Ако се променат општествените врски, на пример, со промена на економската основа на општеството и укинување на врската меѓу капиталистот и работникот, луѓето во новото општество ќе бидат многу различни од начинот на кој се однесувале во капитализмот.
Маркс не го заклучи ова преку детално проучување на човековата природа во различни економски системи, туку само го прифати ставот на Хегел за историјата. Според Хегел, целта на историјата е да го ослободи човечкиот дух што ќе се случи кога сите ќе сфатиме дека сме дел од еден универзален човечки ум. Маркс ја претвори оваа „идеалистичка“ идеја во „материјалистичка“, во која движечката сила на историјата е задоволувањето на нашите материјални потреби, а ослободувањето се постигнува со класна борба. Работничката класа ќе биде средството за универзалното ослободување, затоа што тоа значи одрекување од приватната сопственост и воведување на колективната сопственост на средствата за производство.

Кога средствата за производство ќе станат колективна сопственост на работниците, според Маркс, од „изворите на кооперативното богатство“ ќе тече поголемо изобилство од приватното, што всушност поради големото изобилство, распределбата повеќе нема да биде проблем. Затоа тој сметаше дека нема потребна детално да навлегува во проблемот како ќе се дистрибуираат приходите или стоките. Всушност, кога Маркс ја прочитал предложената политичка програма за спојување на две германски социјалистички партии, тој фразите како „еднаква распределба“ и „еднакви права“ ги оценил како „застарени зборови“. Според него, тие ѝ припаѓале на ерата на сиромаштија на која ѝ се стави крај со револуцијата.

Советскиот Сојуз докажа дека укинувањето на приватната сопственост на средствата за производство не ја промени човековата природа. Повеќето луѓе, наместо да се посветат на општото добро, трагаат да обезбедат моќ, привилегии и луксуз за себе и за своите блиски. Иронично, најјасниот приказ дека изворот на приватното богатство е поголем од оној на колективното богатство може да се забележи во историјата на една од најголемите држави, која сè уште тврди дека се води според марксизмот.
Под власта на Мао, повеќето Кинези живееја во сиромаштија. Економијата на Кина почна забрзано да расте дури по 1978 година, кога наследникот на Мао, Денг Сјаопинг (кој тврдеше дека не е важно дали мачката е црна или бела, туку дали може да лови глувци), дозволи формирање приватни претпријатија. Реформите на Денг на крајот спасија 800 милиони луѓе од сиромаштија, но исто така создадоа општество со поголема нееднаквост во приходите од која било друга европска држава (и многу поголема од онаа во САД). Иако Кина сè уште тврди дека гради „социјализам со кинески карактеристики“, не е лесно да се забележи што е социјалистичко, а камоли марксистичко во нејзината економија.

Ако Кина повеќе не е значително под влијание на марксизмот, можеме да заклучиме дека во политиката, како и во економијата, тој повеќе не е важен. Сепак, неговото интелектуално влијание останува. Неговата материјалистичка теорија за историјата, во ослабена форма, стана дел од нашето сфаќање за силите што ја одредуваат насоката во која се движи човечкото општество. Не мораме да верува дека, како што Маркс некогаш невнимателно кажа, рачната мелница ни дава општество со феудални господари, а индустриското општество ни дава индустриски капиталисти. Во други дела, Маркс дава посложен поглед во кој постои интеракција меѓу сите аспекти на општеството.
Најважниот факт во ставовите на Маркс за историјата е негативен: еволуцијата на идеите, религиите и политичките институции не зависи од алатките што ги користиме за да ги задоволиме нашите потреби, ниту економските структури што ги поставуваме за употреба на тие алатки и финансиските интереси што ги создаваат. Ако ова е премногу очигледно за да се истакне, тогаш тоа е затоа што сме го усвоиле овој поглед. Во таа смисла, сите ние сега сме марксисти.