Мареј ќе добие статуа пред комплексот „Вимблдон“

94

Тој вчера загуби во пет сета во 1-то коло на Австралија опен, а од „Сеанглискиот клуб“ најавија дека наскоро пред терените на Вимблдон се очекува да биде поставена негова статуа, како на Фред Пери

Британецот Енди Мареј (31) го заврши настапот на Австралија опен во Мелбурн во првото коло, во кое загуби од Шпанецот Роберто Баутиста Агут во пет сета, со 4-6 4-6 7-6, 7-6 и 2-6. Овој меч веројатно ќе му биде последен на Мареј во кариерата со оглед на тоа дека пред неколку дена најави повлекување поради хроничната повреда на колкот.

– Можеби ќе се видиме повторно, ќе направам сѐ што е до мене. Ако сакам да продолжам ќе треба да одам на голема операција, а нема гаранција дека ќе ми биде подобро. Бев многу среќен, но и несреќен, да се натпреварувам со некои момци, како Роже, Рафа, Новак, кои беа тешки противници. Но имам многу почит кон нив, одигравме големи мечеви, мислам дека љубителите на тенисот ќе се присетат на нив кога сите ќе се пензионираме – изјави Мареј по мечот.

Извршниот директор на Сеанглискиот клуб, Ричард Луис најави дека двократниот шампион на Вимблдон (2013 и 2016 година), најверојатно ќе биде почестен со статуа пред терените на легендарниот турнир, слична како онаа на неговиот славен колега, Англичанецот Фред Пери, трикратниот победник на Вимблдон (1934, 1935 и 1936). Статуата на Пери беше поставена во 1984 година.

– Отсекогаш бевме со мисла дека кога Енди ќе се пензионира треба да му се оддаде заслужена почит. Сигурен сум дека нешто како статуа ќе одговара бидејќи тој е многу почитувана личност, на терените и надвор од нив – изјави Луис.