„Мама миа еве сме повторно“ – најгледан филм ова лето во регионот

54

аЦели десет години по големиот успех на првиот дел, популарниот филмски мјузикл „Мама миа“ доби продолжение, повторно со музиката на безвременските хитови на групата „АББА“. Старата актерска екипа повторно се собра и понуди нова доза сонце, море, песна и танц, што ја освои публиката од повеќе генерации.
Филмот ја имаше својата претпремиера во Пулската арена, каде што го гледаа повеќе од 6.000 луѓе, а потоа и илјадници други на 50 распродадени проекции по должината на јадранскиот брег. Причината секако е и тоа што филмот се снимаше на хрватскиот остров Вис. Токму затоа „Мама миа еве сме повторно“ е прогласен за најгледан филм ова лето во регионот, со повеќе од 100.000 гледачи.

На публиката ѝ се допаѓа музичкото патување низ времето, испреплетувањето настани од минатото и од сегашноста.
На бајковитиот остров Калокаири (Вис), Софи се подготвува да го отвори реновираниот хотел „Бела дона“. Обувајќи ги „мајчините чевли“, таа ги пронаоѓа преостанатите коцкички на мозаикот за нејзините тројца татковци, тоа дамнешно лето, кога сѐ почнало. Музичката приказна нѐ носи во 1979 година, кога распеаните Дона, Тања и Роси тукушто дипломирале на „Оксфорд“ и се подготвени да уживаат во летото, кое ќе го одреди остатокот од нивните животи.
На актерската екипа (Аманда Сејфрид, Доминик Купер, Мерил Стрип, Пирс Броснан, Колин Фирт…) ѝ се приклучија и Шер, Лили Џемс, Џереми Ирвин, Енди Гарсија и други глумци.