Макрон ги зема предвид предупредувањата од амбасадорот Тимоние?

1071
Фото: Игор Бансколиев

Иако Македонија, теоретски, сѐ уште има шанса летово да го фати возот за ЕУ, бидејќи денеска и утре во Брисел се одржува Самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ, на кој треба да се донесе финална одлуката за отворањето на пристапните преговори со нашата земја, за ваквиот можен негативен импакт предупреди Кристијан Тимоние, амбасадорот на Франција во Република Македонија

Во моменти кога повеќе европски земји и САД силно се согласни и се залагаат нашата држава да добие датум за преговори со ЕУ и покана за во НАТО, истовремено владее и несигурност што се потврди на последниот состанок на министрите за надворешни работи на Унијата во Луксембург на кој претставниците на Франција, Холандија и на Данска беа против тоа на Македонија веднаш да ѝ се одреди датум за почеток на преговори.

Францускиот државен врв предводен од претседателот Емануел Макрон, според пишувањата на западните медиуми, сметал дека преговори во јуни не се можни, а холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, пред состанокот во Луксембург изјави дека за неговата земја е важно да види доказ дека реформите се имплементираат на одржлив начин, за што, сепак, било потребно време.
Иако Македонија, теоретски, сѐ уште има шанса летово го фати возот за ЕУ, бидејќи денеска и утре во Брисел се одржува Самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ, на кој треба да се донесе финална одлуката за отворањето на пристапните преговори со нашата земја, за ваквиот можен негативен импакт предупреди Кристијан Тимоние, амбасадорот на Франција во Република Македонија. Тој долго време предупредува на дефицит на владеењето на правото и кршење на правните процедури во Македонија. За потсетување, тој токму во овој контекст и без дипломатски ракавици предупредуваше на кршењето на Деловникот и на законите пред и за време на гласањето на Законот за употреба на јазиците, алудирајќи дека правната држава и владеењето на правото се основата на реформите на кои инсистира ЕУ. Тој нагласува дека граѓаните на оваа земја први ја препознаваат разликата помеѓу реформите за кои се дискутира, оние за кои се гласа и тие што се применуваат, оставајќи го прашањето на договорот со Грција како секундарно и давајќи им приоритет и примарност на внатрешните реформи.

– Граѓаните очекуваат ние да бидеме мобилизирани за да помогнеме во нивна имплементација и ние ќе се потрудиме да ја оправдаме таа улога. Тоа е морална должност и претставува интерес на Европејците. Искуствата од претходните проширувања, токму од овој регион, не научија дека реформите во областа на правосудството не треба да се прават набрзина и дека квалитативните критериуми се од суштинско значење за соодветно да се процени напредокот. Гласањето на законите и бирократскиот пристап кон напредокот во областите на реформите, не се задоволителни за ничија страна. Таквите реформи се спроведуваат без доволно истрајност и тие го потхрануваат евроскептицизмот, како овде, така и во ЕУ, а не обратно – изјави Тимоние.
Од друга старана. пак, австрискиот политички аналитичар Флоријан Бибер, кој е професор на Универзитетот во Грац и координатор на Европската советодавна група за Балканот во своето последно медиумско излагање вели дека Франција ризикува да стане нова Грција за Македонија.

Според него, евентуалното вето за почеток на преговорите со Македонија ќе го загрози договорот со Грција, а со тоа ќе се минираат реформските напори на земјите од регионот.
– Таквата француска политика би имала далекосежни последици – оцени Бибер.
Сличен став има и експертот за Балканот и професор на Европскиот институт во Ница, Тобиас Флешенкемпер, кој смета дека ЕУ треба да ги исполни ветувањата што им ги дава на земјите од регионот бидејќи ја доведува во прашање целокупната политика на Унијата и процесот на проширување.
– ЕУ има обврска да го признае напредокот што го направија земјите во согласност со критериумите што им ги постави. Во спротивно, ќе направи трајна штета на кредибилитетот на сопствените политики. Затоа, ако оваа недела ЕУ не испрати сигнал дека напорите што ги прават земјите-аспиранти вредат, ќе го уништи процесот на проширување – коментира Флешенкемпер за „Стандард“.


Тимоние за владеењето на правото и за почитувањето на законите

– Разочарувачки ден бидејќи видовме настани за кои мислевме дека веќе сме им го свртеле грбот, дека немало минимум консензус за процедура за усвојување закон и нема цивилизирана дискусија за теми од интерес на граѓаните. Не е мое да судам, но глетката што ја видовме беше сѐ само не глетка од еден парламент на европска држава. Во период кога земјите-членки на ЕУ треба да се изјаснат за препораката за преговори, посебно за условеноста на препораката, ќе се постави прашањето дали агендата на Прибе ќе биде брзо усвоена и формално ќе се отвори и прашањето за почитување на Копенхашките критериуми. Европската Унија може да интегрира само функционални демократии – изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние по изгласувањето на Законот за употреба на јазиците.
Тој и вчера го потврди својот став кога од него беше побаран коментар за завчерашната одлука на Советот на министрите на ЕУ да ѝ даде условена препорака за почеток на преговори на Македонија во јуни 2019 година.
– Станува збор за еден урамнотежен текст што ги одразува напорите што беа направени од страна на оваа земја и напорите што останува да се направат – рече меѓу другото, амбасадорот Тимоние.