Македонското село пред исчезнување

442

Според податоците од пописот на населението спроведен во 2002 година, во земјава имало 639 населени места што имале население до 100 жители. Тоа значи дека скоро секое трето населено место е под 100 жители. Каква е состојбата во земјава со бројот на населението како на ниво на земјата исто така и на ниво на региони, општини, а посебно по населени места, немаме точни податоци. Причината за истото тоа е што во изминатите години, а тоа се 16 немаме точни и прецизни податоци за иселеното население од земјава. Сите процени за населението се правени со целосни податоци од природниот прираст на населението (живородени деца и умрени лица) и доселени и отселени странци во согласност со Законот за странци. За наведените неточни податоци се водам и од изјавата на директорот на Државниот завод за статистика, кој во една изјава вели дека ,,нема точни податоци додека не се направи попис на населението“. Затоа, според состојбите на податоците со кои располагаме од пописот од 2002 година и природното движење на населението, моите процени се повеќе од сигурни за мојот наслов. Од тие причини сакам сето тоа и пошироко, преку моите направени длабински анализи да го прикажам, и да го потврдам. Но пред да ги проанализирам и прикажам и пошироко состојбите, би рекол дека и покрај тоа што во повеќе наврати укажувам за демографските катастрофи во земјава, ќе кажам и сега дека ,,е време за тревога кога е во прашање опстанокот на селата“.

Ако се проучи и анализира Законот за територијална организација од 2004 година без измените и дополнувањата направени подоцна, во земјава имало 1.767 населени места, различно распределени по региони и општини. Најголем број населени места има во пелагонискиот регион и тоа 343, потоа следуваат југозападниот со 286, источниот со 217, вардарскиот со 215 а најмалку имаат скопскиот само 141 и полошкиот 184.

Според податоците од пописот 2002 година, бидејќи понови податоци нема, 147 населени места биле раселени со население. Меѓутоа, според бројот на населението по населени места се актуелни оние што се со еден, два, три или до десет жители, број што бил 160. Потоа се населените места до 20 жители, кои биле 93, од 21 до 30 жители биле 76, од 31 до 40 се 64, до 50 се 65 или до 50 жители имало 458 населени места. Имајќи предвид дека населените места до 100 жители се оние што се критични за раселување, нивниот број изнесува 639 или тоа се 36,1 отсто од населените места во земјава, секако, според пописот од 2002 година. Веднаш да речам, може секој граѓанин да се замисли што се случило во изминатите 16 години бидејќи немавме понов попис.

Во однос на раселените места тие се различно застапени и по региони и по општини. Дека населените места се раселуваат, и тоа сѐ повеќе, покажува анализата на оние пописи од 1953, 1961, 1971, 1981, 1994 и овие од 2002 година. Само да кажам дека во 1953 година такви населени места имало 3, во 1961 само 19, потоа 55, 87, 127 и во 2002 година 147. Колку се сега или во блиска иднина ќе видиме доколку се спроведе пописот во 2020 година. Меѓутоа претпоставките се познати дека нивниот број ќе биде двојно повеќе. Најголем број раселени населени места имало во југоисточниот регион од 188, колку ги имало раселени биле 36 или 19,1 отсто од населените места, потоа е вардарскиот регион со 34 или 15,8 отсто, пелагонискиот со 28 од 343 или 8,1 отсто потоа се источниот и југозападниот со 16 итн. По општини најмногу раселени места има во општините: Валандово од 29 раселени се 13 како и во Радовиш од 36 исто така 13. Во овие општини е карактеристично што тие се раселени во периодот кога имаше иселување на турско население, кое замина во Турција. Потоа следуваат: Штип со 9, Кавадарци и Новаци со по 8, Градско, Неготино, Маврово Ростуше, Струга и Центар Жупа со по 6, Прилеп и Чашка по 5 итн. За наведените општини е карактеристично што во истите тие има населени места што имале население до 10 жители. Ако се каже и тоа дека во малите населени места, а тоа се претежно ридско-планинските населението е на возраст во висок процент над 60 години, процените може да ни бидат на сите јасни што може да очекуваме со пописот предвиден за 2020 година.

Длабинските анализи што навистина бараат доста време, напор, стручност и посветеност покажуваат и сето ова го потврдуваат со намалување на населението во општините и тоа во подолг временски период. Така, според податоците од пописите 1953 и 2002 година споредени со процените на населението од 2002 до 2017 година без иселувањето од земјава, бројот на населението е намален во еден регион и во 30 општини распоредени различно по региони, а најмногу во источниот, пелагонискиот, вардарскиот, североисточниот и југозападниот. За одбележување е и тоа што во поединечни општини не само што е намален бројот на населението, туку тој е дури за 70 отсто, 60, 50 отсто и помалку намален. Меѓутоа покатастрофална е состојбата од 2002 година и процените направени до 2017 година. Во овој изминат период од 15 години во 4 региони бројот на населението е намален и во 40 општини распоредени во регионите. Што може да очекуваме сега по сите наведени овие анализи. На ваквите состојби ако направената анализа за миграциските движења, кои се нарекуваат внатрешни или отселено и доселено население во рамките на иста општина или од една во друга општина во рамките на земјава, ќе се увериме сите дека ,,македонското село исчезнува“ бидејќи поголеми се доселувањата од една во друга општина отколку во иста општина. Тоа го потврдуваат и податоците пред тоа од кои се забележува дека населените места до 500 жители во сите пописи се намалуваат со население и се сѐ помали, а оние над 500 жители се зголемуваат.

Раселувањето на населените места може да се анализира и по причини за нивното раселување, но тоа бара повеќе простор и објаснување и затоа сметам дека за тоа и за сето наведено се потребни посебна дебата, расправа и други активности, кои треба итно да ги преземе Владата на нашава земја. Сметам дека се прават одредени активности, но тие не се доволни.

За состојбите со намалување на населението, наталитетот, иселувањето во повеќе наврати имам пишувано и давано одредени предлог-мерки и активности, кои треба итно да се преземат за да не биде доцна утре, иако малку и доцниме. Поголем број земји, кои се среќаваат со ваквите проблеми и појави, имаат преземено одредени активности преку формирање, министерства без ресор задолжени за демографијата и за популациската политика, сектори во министерства, направени се стратегии, донесени се резолуции, препораки, направени се законски измени и други акти во функција на подобрување на негативните појави. Резултатите ги очекуваат во натамошниот период бидејќи и за нив е потребно, како за секое подобрување, време.

Авторот е демограф и поранешен директор на Државниот завод за статистика