Македонија ќе има двојно повеќе тестови од ривалите во групата

140
Фото: Игор Бансколиев

Македонската селекција во неделата на ЕХФ ќе одигра четири меча (по еден на гости и на неутрален терен и два дома), а противниците во групната фаза на ЕП 2020, Австрија, Чешка и Украина, ќе имаат по два тест-дуела

Противниците на Македонија во групата Б на Европското првенство во јануари, селекциите на Австрија, Чешка и на Украина ги објавија плановите за подготовки за претстојната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Уигрување на неколку нови ракометари е примарниот дел од планот на сите селектори од групата Б, вклучувајќи ја и Македонија, која, според зборовите на селекторот Данило Брестовац, ќе работи на формирање одбранбена линија.

За разлика од Македонија, која во рамките на неделата на ЕХФ ќе одигра четири контролни натпревари (по еден со Турција и со Италија во Турција и два со Грузија во Скопје), преостанатите три селекции од групата Б ќе одиграат по два пријателски натпревари.

Австрискиот селектор, Словенецот Алеш Пајович, формата и можностите на својата репрезентација ќе ги тестира со селекциите на Србија и на Холандија, двете дома. Прва ѕвезда на австрискиот состав на ова ЕП се очекува да биде младиот лев бек од редовите на Кил Никола Билик, кој игра во одлична форма за германскиот вицепрвак и е прв стрелец во тимот во Лигата на шампионите (18 гола на четири меча). Македонија и Австрија се среќаваат во последното коло од групната фаза на ЕП 2020.

Вечниот ривал на Македонија, селекцијата на Чешка, за време на репрезентативната недела, формата и составот ќе ги тестира во двомеч на гости со селекцијата на Швајцарија. Чешките селектори Јан Филип и Даниел Кубеш овој тест ќе го одработат без првиот организатор на играта, централниот бек Андреј Здрахала и пикерот Леош Петровски, кои овој циклус го пропуштаат поради повреди.
Украинскиот состав на селекторот Сергеј Бебешко во претстојната недела на ЕХФ ќе одигра две пријателски средби со репрезентацијата на Тунис. Бебешко како и преостанатите селектори во оваа фаза од подготовките ќе тестира неколку нови имиња. Дел од селекцијата на Украина се и двајцата играчи на македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник, левиот бек Владислав Остроушко и пикерот Олександер Шевелјев.

– Кај мене нема поделба на главни и резервни играчи. Затоа нема потреба да се фокусираме на составот што овој пат го повикавме. Ќе одиграме два контролни натпревари со Тунис, на кои сакам да ги видам можностите на новоповиканите играчи, за полесно да можам да се одлучам кој ќе биде во тимот за декемвриските подготовки. За овој собир повикав 20 ракометри и сите ќе добијат шанса да ја почувствуваат атмосферата во тимот и да се навикнат на тактичките опции што ги развиваме – стои во изјавата на Бебешко на интернет-страницата на Ракометната федерација на Украина. 


ТЕСТ-МЕЧЕВИ, ГРУПА Б НА ЕП 2020
Турција – Македонија 22.10
Италија – Македонија 23.10
Македонија – Грузија 26.10
Македонија – Грузија 27.10
——————————————————-———-—
Швајцарија – Чешка 25.10
Швајцарија – Чешка 26.10
——————————————————-———-—
Австрија – Србија 25.10
Австрија – Холандија 27.10
——————————————————-———-—
Украина – Тунис 24.10
Украина – Тунис 26.10