Македонија има најмногу јуниори од СП 2017

560
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во поширокиот состав на македонската репрезентација за сениорското СП 2019 се осуммина што играа на јуниорското СП 2017 во Алжир, каде што Македонија го освои шестото место. Во другите селекции, Исланд има петмина јуниори од тоа СП, Франција и Кореја по четворица, Шпанија, Чиле, Тунис, Египет и Катар по тројца итн.

Македонскиот селектор Раул Гонзалес го направи најголемиот чекор на подмладување на репрезентацијата во однос на некои свои колеги, шефови на стручните штабови на националните тимови што ќе бидат дел од Светското првенство (СП) во Германија и во Данска, во јануари.

Тој на својата листа репрезентативци има дури осум ракометари што беа дел од последното Светско првенство (СП) во Алжир на кое Македонија го оствари највисокиот пласман (шесто место) во историјата на тимските спортови. Петмина од нив, Филип Талески, Филип Кузмановски, Мартин Томовски, Горан Крстевски и Милан Лазаревски, веќе имале настап за сениорската селекција на Македонија, а преостанатите се дебитанти во сениорскиот тим, Димитар Димитриоски, Марио Танкоски и Томислав Јагуриновски (плус и кадетот Мартин Серафимов).

Втор според бројот на вклучени јуниори од тоа СП во Алжир во сениорскиот тим е селекторот на Исланд, Гудмундор Гудминдсон, кој во својот состав има пет ракометари што зад себе имаат просек од повеќе од 15 сениорски настапи. Следни, со по четворица јуниори од Мундијалот во Алжир, се селекторот на Франција, Дидие Динард, и селекторот на обединетата селекција на двете Кореи, Чо Јоунг Шин. По тројца јуниорски репрезентативци има во составите на Шпанија, Чиле, Тунис, Египет и на Катар, по двајца во Хрватска, Германија, Бахреин, Русија, Норвешка, Аргентина и во Саудиска Арабија, а без ниту еден јуниор во составот се Данска, Бразил, Србија, Австрија, Ангола и Шведска.

Гонзалес во својот состав има шестмина од гореспоменатите млади ракометари што играат во Лигата на шампиони. Млади репрезентативци од СП во Алжир, со статус на играчи од Лигата на шампионите, има тројца во француската селекција (Дика Мем од Барселона, Мелвин Ричардсон од Монпелје и Роман Лагард од Нант), двајца во шпанската (Даниел Душебаев од Киелце и Абело Гомез од Барселона) и по еден во германската (Гола Јоханес од Фленсбург), хрватската (Давид Мандиќ од Загреб) и во исландската селекција (Арнар Арнарсон од Кристијанстад).
Македонија на СП 2019 е во група со Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд. 


НЕКОГАШНИ ЈУНИОРИ ВО СОСТАВИТЕ ЗА СЕНИОРСКОТО СП 2019

МАКЕДОНИЈА (шесто место на јуниорското СП 2017): Филип Талески, Филип Кузмановски, Мартин Томовски, Горан Крстевски, Милан Лазаревски, Димитар Димитриоски, Марио Танкоски и Томислав Јагуриновски

ШПАНИЈА (прво место): Даниел Душебаев, Гомез Абело и Јерегуи Одриозола

ДАНСКА (второ место): ниту еден

ФРАНЦИЈА (трето место): Мем Дика, Мелвин Ричардсон, Роман Лагард и Лене Јанис

ГЕРМАНИЈА (четврто место): Франц Сампер и Гола Јоханес

УНГАРИЈА (петто место): Патрик Легетвари и Золтан Стиза