Македонија од првиот барабан ќе оди на пласман на проширеното ЕП

192

На ЕП 2020 првпат ќе играат 24 репрезентации (досега 16), а од осумте квалификациски групи, на шампионатот ќе се пласираат најдобрите
две селекции од секоја група, како и четирите најдобри меѓу третопласираните

Македонската машка ракометна репрезентација ќе има значително полесна задача на патот до следното Европско првенство (ЕП) во 2020 година, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја смести во првиот барабан, пред ждрепката на 12 април, за одредување на квалификациските групи. Овој барабански исчекор дојде како последица на проширениот формат на следното ЕП, кој од 16, порасна на 24 селекции.

Во квалификациите за пласман на ЕП ќе се натпреваруваат 32 репрезентации, поделени во осум групи, а ќе играат за 20-те слободни места. Директен пласман имаат домаќините Норвешка, Шведска и Австрија,,, како и европскиот првак Шпанија.
Пласман преку квалификациите ќе обезбедат најдобрите две репрезентации од секоја група, како и четирите најдобри меѓу третопласираните селекции (ќе им се сметаат само резултатите со првите две селекции во групата). Четирите најслабо пласирани селекции ќе треба да играат претквалификации за ЕП 2022.

Квалификациите треба да почнат во октомври, и тоа 1-то и 2-то коло од 24 до 28 октомври, 3-то и 4-то коло од 10 до 14 април 2019 година и 5-то и 6-то коло од 12 до 16 јуни 2019 година.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

БАРАБАН 1: Франција, Хрватска, Германија, Данска, Словенија, Белорусија, Унгарија и Македонија
БАРАБАН 2: Русија, Чешка, Полска, Исланд, Србија и Црна Гора, како и две од селекциите БиХ, Холандија и Португалија
БАРАБАН 3: Летонија, Литванија, Швајцарија, Словачка, Украина, Израел и Турција, како и една од селекциите БиХ, Холандија и Португалија
БАРАБАН 4: Финска, Белгија, Естонија, Грција, Романија, Италија, Косово и Фарски Острови
БиХ, Холандија и Португалија имаат ист рејтинг, па за нивно распределување во барабаните ќе решава ждрепка


Да се избегнат Чешка, Русија, Исланд…

Голема е предноста што ЕХФ на Македонија ѝ ја даде улогата на носител во една од групите за пласман на ракометното ЕП 2020, но уште подобро ќе биде ако во ждрепката се избегнат селекциите како Чешка, Русија или Исланд, кои се меѓу поквалитетните во вториот барабан. Од третиот барабан како непожелни ривали би ги издвоиле Украина и Швајцарија, кои квалитативно отскокнуваат од другите, а Романија е единствената селекција од четвртиот барабан со ракометна традиција. Македонија во квалификациите за ЕП 2020 нема да игра со Франција, Хрватска, Германија, Данска, Словенија, Белорусија и со Унгарија, кои, исто така, се во првиот барабан, како и црвено-жолтите. Та.Д.