Македонија да биде самостојна држава

243

Политичко-историски фељтон:
Чиј е Гоце Делчев (3)

Останува отворено начелно поставеното прашање на почетокот од овој текст чиј бил Гоце – бугарски или македонски револуционер, односно дали тој бил Бугарин или Македонец. Прашањето, вака структурирано, во себе вклучува две одделни прашања. Првото е чиј револуционер е Гоце Делчев, а второто каква е неговата националност.
Ќе се обидам да дадам одговор и на двете овие прашања, и тоа на тој начин што двата добиени одговори на крајот ќе се обединат во еден. Ќе започнам со одговорот на првиот дел од поставеното прашање: Чиј бил Гоце – бугарски или македонски револуционер.

Според три критериуми, Гоце е македонски револуционер.
Првиот критериум е местото на раѓање. Неоспорен факт е дека Кукуш, неговиот град на раѓање, се наоѓа во Македонија, која од времето на антиката па до Гоцево време, но и потоа се нарекува Македонија. Македонија е и местото – олтарот во кој тој го положил својот млад живот.

Вториот критериум е членството во револуционерната организација. Познато е дека во последната деценија од 19 век се основани два револуционерни комитети: Централен комитет, со седиште во Солун (Македонија), и Врховен комитет, со седиште во Софија (Бугарија). Првиот е основан во 1893 година, а вториот во 1895 година. Гоце од 1894-та, па до крајот на неговиот живот (4.5.1903 год.) е член на Револуционерната организација, устроена според воспоставените правила на Централниот комитет. И двата комитета програмски се со заложба Македонија во прва фаза да се стекне со автономен статус во рамките на Отоманската Империја (во согласност со членот 23 од Берлинскиот договор на големите сили од 1878-та, со кој бил ревидиран Санстефанскиот прелиминарен договор од истата година (1878), склучен помеѓу Царска Русија и Отоманската Империја). Во втора фаза, ако за тоа се стекнат услови, според Централниот комитет, Македонија е проектирана како самостојна и независна држава (со можност да федерира во една поширока политичка заедница составена од тогаш постојни балкански држави, а според Врховниот комитет таа да се припои (присоедини) кон бугарското кнежесто).

Третиот критериум, тесно поврзан со претходниот, се чистотата и искристализираноста на идејата за самостојниот карактер на Револуционерната ор­га­низација. Ова разбрано во смисла на нејзината внатрешна организираност, како и во поглед на управувањето, раководењето и на носењето конечни одлуки поврзани со револуционерното дело (вклучувајќи го овде, посебно, стекнувањето на автономниот статус на Македонија, како и нејзиното конституирање како самостојна и независна држава). За ова доволно ќе биде, само, да се упати на напред приложените искажувања на Гоце Делчев. Но, сепак, нека ми биде дозволено да преповторам, односно да направам еден мал извод од нив: а) „Ние не може да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, таа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умираме и кога.“; б) „Не може да се надеваме на туѓа помош. Да не чекаме помош од Бугарија, ни од која било сила.“; в) „Бугарската влада, која што чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари ќе знае како да ја исползува таа ’помош’… Таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии.“

Во потврда на овде прикажаниот (во кратки црти) трет критериум: за самостојноста на Револуционерната организација, видена низ односот на Гоце Делчев кон неа, зборуваат и искажувањата на тројцата, од шесте, нејзини основачи во Солун во 1893 година. Станува збор за корифеите на Организацијата: Иван Хаџиниколов (иницијатор), Даме Груев (секретар) и Христо Татарчев (претседател на Централниот комитет). Во потврда на ова, да приложам неколку акценти од нивните искажувања посветени на третираното прашање.

Во необјавените „Спомени“ за Револуционерната организација кај Иван Хаџи Николов, меѓу другото читаме: „Организацијата да се основа во Македонија, а не во Софија, бидејќи основана во Бугарија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарското правителство, ќе основаат и тие такви организации и од нашата организација нема да произлезе ништо. Натаму тој пишува: „Основачите да се Македонци,…и да живеат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија… Лозунгот треба да биде ’Автономија на Македонија’. Нашето барање треба да се потпира на 23-от член од Берлинскиот договор за да се надеваме на успех…“. Кон ова тој уште ќе додаде: „Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не ѝ влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.“ И кон ова, уште, ќе додаде: „Од Македонците од Бугарија и од бугарскиот народ ќе бараме морална и материјална поддршка, без притоа да ни се мешаат во работата.“ Дополнителен коментар кон ова не би бил потребен.

За гледиштето на Даме Груев (нарекуван волјата на револуционерна Македонија, аналитичкиот ум, спокојството и тактот, реалистичкиот расудок на револуционерната организација), во поглед на самостојниот карактер и целите на револуционерната организација, дознаваме, меѓу другото, од разговорите, што тој во 1905 година, ги имал со г. Св. Симиќ (полномошник на српската влада во Софија, за што тој ја известувал и својата влада); од мемоарите на Трбиќ (во делот посветен на Груев) и од репортажата во единбуршкото списание „Блеквудс магазин“, насловена „Една подземна (нелегална) република“ од 1905 година на шкотски новинар, посветена на разговорот воден во високите кратовски планини, со Даме Груев. Во еден од овие извештаи за водениот разговор со Груев, Симиќ известува: „Се уплашиле Македонците да не се спогодиме ние и Бугарите да ги делиме, та затоа единствено тие овде се муртат на Царинскиот сојуз (од 1904 година м.з.). Би биле готови да се спогодат со нас, но така што ништо да не жртвуваат од својата, како што велат тие, самостојност.“

Полномошникот Св. Симиќ и Груев на истата тема (спогодбата), во истата 1905 година, повторно имаат разговарано. Од тој разговор, преку извештајот на Симиќ, дознаваме дека Груев, меѓу другото, го кажал следното: „Бидејќи за спогодбата, што за нас претставува неопходна потреба, ѝ пречи вашиот и бугарскиот антагонизам за Македонија, ние, македонските револуционери им дадовме изјава на Бугарите само за да ги придобиеме, дека сме готови да водиме сметка за нивните придобивки во Македонија и да им го зачуваме во тој поглед статусквото. Тие со тоа можат, а, иако не сакаат, и мораат да бидат задоволни. Нам ни треба да знаеме што сакаат Србите и што можеме ние да им гарантираме.“

Од мемоарите на Трбиќ, за разговорот што тој го имал со Груев, кон крајот на 1903-та (можеби на почетокот на 1904 година), дознаваме за неговиот став дека во Македонија главно живеат Срби и за одговорот на Груев за тоа: „Тоа значи дека вие Србите се застапувате Македонија да се подели на интересни сфери. Ние не го дозволуваме тоа. Македонија е една целина и таа не може да се дели… И кој ќе почне да работи во тој правец, тој веќе е осуден на смрт од Централниот комитет!“

Ќе завршам со делот од репортажата на шкотскиот новинар „Подземна (нелегална) република“, во кој тој, меѓу другото, го пренесува и одговорот за тоа дали по Илинден 1903 година, покрај другите пропаганди во Македонија, постои и бугарска. Во името на Даме, одговорот за тоа го добил од неговиот личен секретар и тој гласи: „Ако има грчка и српска пропаганда, зошто да не може да има и бугарска? Има. Има бугарски политичари што ни се поголеми наши непријатели од Грците.„Под имињата на мошне познати шефови, тие се обидуваат да испраќаат чети во Македонија, да агитираат за анексионистичката идеја… Тука има место само за една организација, а таа е народната организација. Ниту Цончев ниту Сарафов не се избрани од народот, и ако тие се обидат да преминат ваму, да присвојат самоволна сила и оружје, ние што го претставуваме народот мора да ги пресретнеме со истата сила што тие ја применуваат против нас.

Еве и неколку искажувања на првиот претседател на Централниот комитет на Револуционерната организација (Х. Татарчев) за истата тема.
– „Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на неговите дедовци и прадедовци.“
– „Индивидуалноста на македонскиот народ, која е резултат на иманентни сили, дејствувајќи низ столетијата, зачувана е и до денес, ќе се зачува и во иднина. Зашто во него живее оној невидлив и неранлив од никого дух, кој ја насочува неговата судбина.“

– „Денес љубовта на Македонецот кон татковината е не само чувство туку и повелбен дух, кој лежи над неговата мисла и волја и ги стимулира неговите дела. Овој татковински долг налага стегната организација, ред и дисциплина. Македонија ќе биде измолкната од своите денешни владетели-тирани преку упорна борба на целокупниот македонски народ, во обединувањето на силите на сите Македонци се нашата сила и нашата победа.“

– „Крилатиците: ’Македонија на Македонците’, ’Автономна Македонија’, ’Македонија самостојна држава на Балканот’… им ги пленеле душите и мислите на огромниот број крајно пожртвувани борци, кои ја покрија Македонија со своите коски и со своите млади, скромни и чисти животи во битките и под знамето на таа велика митска ’Внатрешна револуционерна организација’.“

И, да завршам со неговото расудување за односот на Бугарија кон македонското дело: „Едно помрачување, за жал, ги имаше зафатено бугарската дипломатија, Врховниот комитет и општеството и тие наместо да ги помогнат најразумно стремежите на поробените народи (мисли на оние од Македонија м.з.), се зафатија со востанички експерименти (мисли на Мелиичкото (1895) и Горноџумајското востание (1902 м.з.)) и со тоа најзловредно му наштетија на ослободителното движење.“

(продолжува)