Македонија без политички кловнови

2198

Името човек/человек, името на народ, името на државата сите поими имаат име на распознавање во човечката цивилизација. Во романот „Боите на времето“ писателот го објаснува зборот човек/человек. Тој под зборот човек/человек подразбира дека се состои од зборовите „чело“ и „век“. Многу логично, природно и граматички го дефинира поимањето на човечкото суштество што треба да векува на овој свет, на Земјината топка. Писателот е автор на над десет романи. Од Американците добива јавно признание за љубовта кон истражување непознати летачки објекти – НЛО. Со него живо бевме заинтересирани да се најде друг свет во космосот и убедени сме дека мора да има и други видови цивилизации.

Во македонската јавност и понадалеку познат со прекарот Марсовец, извонреден интелектуалец, малку потценет во нашата средина, а за мене добар стар пријател кичевчанецот Стојмир Симјаноски. Човекот што го предвиде раѓањето, но и умирањето на сонцето, тоа е Паскал Сотироски. Паскал е од Горнореканско, од селото Врбен, општина Маврово-Ростуше. Тој е надворешен член на академијата на МАНУ, доктор на науки по астрофизика на „Сорбона“. Идејата со неговиот соселанец Владо Глигороски, новинарот Киро Кипроски, писателот проф. д-р Александар Прокопиев и проф. д-р Љубомир Кекеноски сакаме да ја оживееме со градење музејска куќа на сонцето во селото посветена на астрофизичарот Сотироски. Тоа се обично Македонци со моќ и дарба да гледаат подалеку од прагот на смртта, во нови светови. Ние луѓето од Македонија сме со име човек-Македонец.

А некој друг човек може да биде Грк, Србин, Албанец, Бугарин, Ром, Влав, Бошњак… Со зборот „народ“ се означува човек со род поврзан семејно и со други социолошки обележја поврзани меѓу нив. Нашиот народ го има многувековното име македонски народ. Името човек/человек, името на народот се поврзуваат со народна волја означени во хоризонтала Македонец-македонски народ. Таа народна волја катадневно со векови се потврдува со мајчиниот македонски јазик што го говориме-глаголиме и македонското писмо, кое го пишуваат генерации пред нас и ние сегашните македонски генерации. Крсте Мисирков со тестаменталната книга „За македонцките работи“ ни го покажа патот во овие столетија на писменоста на македонскиот народ. Некаде 2000 година заедно со г. Трифун Костовски и триесетина Македонци го посетивме родното село Постол на Мисирков. Пред тоа Трифун ми раскажа дека по мајка потекнува од егејскиот дел на Македонија.

Од Постол заминавме за Воден, Костур и за Лерин. Во Лерин нѐ пречека Павле Васкопулос претставник на македонската организација „Виножито“, која во градот има канцеларија. Оттаму отидовме во Овчарани, сега викано на грчки Мелити, каде што нѐ пречека кметот Крсте Ашлаков. Илјадници македонски народ го празнуваа Илинден. На страниците на весникот „Нова Македонија“ проф. д-р Билјана Ванковска објавува колумна на 26 март оваа година. Таа во колумната вистинито ќе ја опише маката и историското асимилирање на Македонците од грчките власти. Имено во текстот: „Помеѓу сеќавањата и заборавот“ ќе запише: Бегалците од граѓанската војна во Грција се болна епизода, затворена со ѕидот на Студената војна. Тие (главно нејаки жени, деца и старци) се акомодираат во новата држава, стануваат нејзини граѓани, но се и предмет на ново сегрегирање (како „Егејци“, како луѓе на кои им е дадено многу, а кои не се сосема „наши“).

И денес ќе чуете како газда (Труфун Костовски) со политички амбиции ќе каже дека „таму некаквиси Егејци ми ги нарушуваат односите со моите соседи, Албанците“. Но тоа е наш внатрешен проблем, запретан под прашината на историјата и предрасудите за кои сме самите одговорни. Болката и траумата и натаму пулсираат. Овие луѓе со децении не можеа да ги посетат гробовите на своите родители и разурнатите домови. За Грција не е проблем постоењето на државата, туку на Македонците, без оглед на тоа од која страна на границата живеат. Ако ги снема нив, ќе исчезне и вистината за злосторствата и дискриминаторската политика на државата, која тврди дека е етнички чиста и праведна (само затоа што моќта ја црпи од правото на вето). За празникот Ѓурѓовден во 2007 година се најдов во селото Брод, тоа се наоѓа под Шар Планина, косовска страна. На панаѓурот бев со Гојко Делчев Равкин познат во емиграцијата како Гоце Македонски од Берлин, неговиот брат Мануил Јаковлевски и новинарот Киро Кипровски.

Стотици Македонци и Македонки во народна носија машки и женски односно момчиња и девојчиња се веселеа, играа оро, пееја, празнуваа. Македонска песна одекнува под планинскиот масив, по кој се лизгаше вода надолу по Шара во голем водопад некаде околу 50 метри. Бевме тука по покана од Исмаил Бојда и Мерџан Муамеровски. Тој ден се потсетив на историчарот и етнолог д-р Ниази Лиманоски од селото Ростуше, кој просветителски долги години се ангажираше за нашиот македонски исламизиран народ, да си ги спознае длабоките македонски корени. За мене во совремието д-р Лиманоски претставува втор Гоце Делчев. Со него ме запозна писателот и историчар д-р Симон Дракул, кој го неговите младешки години учителствувал во Ростуше. По сценарио на д-р Симон Дракул познатиот режисер Бранко Гапо го снима филмот за љубовта помеѓу еден христијанин и една муслиманка Македонци под наслов „Сага за љубовта“. Што е државата?!

Државата е господар и најсилен чувар на јазикот, писмото и нејзиното име, кое се утврдува со државотворниот акт Уставот. Државата го носи името сосема веродостојно „Македонија“. Уставот не познава референдумска постапка за менување на името. Името се стекнало со стотици години, од генерации пред нас што го жртвувале животот за да изградат македонска држава. Па, така, никој нема право да изврши политичка продажба на нашето македонско име, ни под каква било цена. Од осамостојувањето и независноста на македонската држава од 1991 година без исклучок која политичка партија и гарнитура на власт да дојде се натпреваруваат во негативна смисла како да ја урнисаат власта, институциите да не функционираат во согласност со законот и Уставот. Како и колку без мера го разнебитуваат македонскиот народ. Невидено, да ја уништат бесмртната духовна вертикала Македонец – македонски народ – македонска држава.

Тоа се луѓе кловнови, безрбетници, со скриени шарени бојадисани лица на политиканство, паткаат од состанок на состанок со странците дома кај нас и во светот. Тие не се род човечки туку амеби што треба да исчезнат во светот на велепредавството. Да се тргнеме од политичкото слепило што кај нас со години ни го наметнуваат политичките кловнови на власта, кои од македонскиот народ прават публика за потценување, исмејување и понижување на меѓународната сцена. Има „умни глави“ во македонската држава што достоинствено ќе го бранат името на Македонците и на сите граѓани што живеат во нашата земја. Ги спомнав бесмртните, со почит, но ги има многу повеќе такви Македонци. Да се разбудиме и расониме од ропството на нашите души, да му се поклониме на духот на слободарите и слободата. Сега е наш редот и на помладите македонски генерации да застанат во одбрана со најсилното оружје зборот на олтарот на светото име Македонија.

(Авторот е адвокат поранешен судија и државен обвинител)