Магијата на театарот на сенки сѐ попривлечна за најмладата публика

226

Овој театар создава директна врска помеѓу децата и аниматорот, која може да ги разбуди детската фантазија и креативност и да го збогати социјалниот, духовниот и психичкиот развој на детето, вели Илова

Древната форма на раскажување и забава, уметност на сенки, која доаѓа од далечната Кина, во последните две години сѐ повеќе го привлекува вниманието на децата од Кавадарци. Ова ни го потврди Микица Илова, задолжена за реализирање проекти за деца во рамките на домот на културата „Иван Мазов Климе“.
– Првата претстава театар на сенки „Волшебникот од Оз“, пред две години, предизвика голем интерес и претставуваше едно ново интересно доживување за децата од градинките. Оттогаш, во нивниот избор дали сакаат куклена претстава или театар на сенки, секогаш одговорот е театар на сенки – вели Микица, која повеќе од една деценија работи и твори за деца.

Микица Илова

Илова е авторка на две стручни книги: „Родител, дете и игра“, која претставува прирачник за воспитувачи, наставници и родители, и „Игри без граници и куклен театар“, во која таа ги обновува игрите на нашите баби. Третата нејзина книга е насловена „Приказните на Мими Веселкова“, познати бајки обработени и приспособени да им се презентираат на децата.

– Моето долгогодишно искуство како аниматорка за деца ми овозможи да дојдам до сознанието дека магијата на театарот на сенки предизвикува голем интерес кај децата, па токму затоа и новогодишната претстава што традиционално се подготвува во Домот на културата ќе биде театар на сенки со живи актери Дедо Мраз и Баба Мразица. Лично сметам дека куклениот театар и театарот на сенки како облик на сценска уметност имаат многу големо дидактичко влијание кај децата. Овој театар создава директна врска помеѓу децата и уметникот (аниматорот), која може да ги разбуди детската фантазија и креативност и да го збогати социјалниот, духовниот и психичкиот развој на детето. Играта на сенки и можноста да се ѕирне зад сцената и да се открие начинот како се движат сенките преку светлината, овозможува децата полесно да се ослободуваат, полесно да ги решаваат проблемите, стравовите од непознатото, емотивно и умствено да се ослободуваат и да уживаат во светот на куклите – вели Микица Илова.

Според неа, драматизацијата на сценската кукла и куклата сенки претставува посебен вид уметничко говорење и изразување, кои во целина се поврзани како импровизирана игра со подвижни слики и говорно дејство по улоги, и сметам дека го поттикнуваат и го збогатуваат говорниот израз на децата.

– Со збогатувањето на репертоарот за деца во домот на културата ќе се обидеме да ја подобриме културата на однесување на театарска претстава – ни рече Илова.
Успехот на детско-тинејџерската претстава „Ромео и Јулија“ пред само еден месец, во адаптација и режија на Микица Илова, навести дека доаѓа нова генерација на ентузијасти и вљубеници во театарот. Таа смета дека во денешно време, кога сѐ потешко може да се води дијалог со децата и младите, театарот е можност за убава дружба и квалитетно поминато време. Интерес има, само е потребно ангажирање и нивно анимирање. Во оваа насока Илова предвидува организирање работилници за деца и за родители и деца, како и збогатување на репертоарот за деца во домот на културата „Иван Мазов Климе“.