Лош човек, а добра држава

1697

Слушнете околу себе: или повишени, или рамнодушни интонации, и ништо помеѓу нив. Или агресија, или рамнодушен очај. Гимназијалците зборуваат со повишен, агресивен тон и сè повеќе користат невербална комуникација (се шегуваат удирајќи се по глава); институциите рамнодушно молчат (не одговараат ниту на мејлови), а на двете интонации им е заедничко едно нешто: губење на полемичното општество, општество што вистински расправа за своите проблеми

Порано се веруваше дека државите можат да пропаднат, ама народите не. Се веруваше и дека ако некој сепак успее да уништи и цел народ (во што никој досега не успеал, иако имало такви проекти, како оној на Хитлер), тогаш останува – човекот. Тоа е основниот закон на вселената, закон за неуништливоста на човекот. На хуманото, целесообразно суштество.
На секој сè уште нормален човек ќе му се крене косата на главата, ако по овие премиси, си го постави логичното прашање – а што ако денес живееме во доба што ги преврте работите, па тргна „одоздола“: што ако денес се оди на тоа да се уништи најпрвин човекот? Тогаш, кога ќе се уништи човечноста, автоматски се уништува и народот; ако нема човек, припадноста кон некоја националност губи секаква смисла, зашто само луѓето, а не животните имаат националност. Ако веќе нема човечност и луѓе, ако се сите егоистични ѓубриња и саможивници, каква разлика има дали тој антрополошки отпад се именува како Германец, Италијанец, Србин, Бугарин или Македонец? Кога некој ќе ме измами не ме интересира (ниту може да ме утеши) неговата националност: мене во тие мигови ме интересира зошто ме измамил како човек и што се случило со човекот во него. И какво значење има во каква држава, конзервативна или напредна, живее тој антрополошки шут? За ѓубрето секоја депонија е добра.

Досега, сите големи воени сили во историјата се обидуваа да владеат „одозгора“: најпрвин, да се уништи некоја држава со тоа што територијално ќе се освои (територијален империјализам) и од неа да се исцица сè што може да се исцица. Кога тоа се изгустира, кога колониите почнаа да креваат револуции и со крв да се ослободуваат, пропадна и тој проект, па се виде дека не може користењето туѓи природни ресурси, вклучувајќи ја и живата „робовска сила“ да трае бесконечно. Се сфати дека територијалниот колонијализам е мртов. Но многу брзо, од проектот уништување држави, се помина на уништување народи: од физичко уништување (геноцидни форми), до префинет КУЛТУРЕН КОЛОНИЈАЛИЗАМ: бришење на националниот идентитет преку развивање „поопшти“ чувства на национална припадност (како на пример „Југословен“ во некогашна СФРЈ или „Европеец“ денес). Откако се виде дека и тоа не успева, конечно се најде решението: уништете го најпрвин човекот, другото (народи и држави) самото ќе падне. Тоа е тезата на денешниве империјални владетели.

Човекот, пак, најлесно се уништува – преку парите. Балзак, без да сака и без да може воопшто да претпостави, им даде со своите „економски романи“ силно оружје на денешниве либерални капиталисти, а тоа е свеста за моќта на парите да ги уништуваат личноста и човечноста. На ист начин Ниче, не сакајќи, им даде идеја на нацистите дека има помалку вредни народи што треба да се истребат во име на „надрасата“. Балзак покажа како парите се посилни и од атомска бомба по однос на бришењето на основните морални белези; Маркс му помогна, кога покажа дека желудникот е посилен од моралот (срцето или разумот, сеедно), преку она прочуено: општествената база (економските сили и односи) ѝ претходи на општествената надградба (морал и уметност, на пример). Кој се сомнева во ова што го напишав за смртта на човекот денес, па дури смета и дека патолошки претерувам, нека направи експеримент: еден ден нека ги слуша само ИНТОНАЦИИТЕ околу себе. Кога човек за момент би можел да го заборави значењето на зборовите и да ги слуша само интонациите, би сфатил дека ние денес веќе не знаеме да комуницираме, иако со часови висиме на средствата за комуникација и ни се чини дека комуницираме како никогаш досега. А чувството и потребата за комуникација се прва особина на човекот; одземете му ја можноста да комуницира, и сте го претвориле човекот во животно, сте му ја уништиле основната хумана супстанција. Од АНИМАЛ СИМБОЛИКУМ, животно способно да произведува и прима знаци, останало само АНИМАЛ – животно, она Дарвиновото. Слушнете околу себе: или повишени, или рамнодушни интонации, и ништо помеѓу нив. Или агресија, или рамнодушен очај. Гимназијалците зборуваат со повишен, агресивен тон и сè повеќе користат невербална комуникација (се шегуваат удирајќи се по глава); институциите рамнодушно молчат (не одговараат ниту на мејлови), а на двете интонации им е заедничко едно нешто: губење на полемичното општество, општество што вистински расправа за своите проблеми. И двете се вклопуваат во животната филозофија на егоистичните заедници: „Нема ти, има само јас“. Државите се поправаат преку луѓето, а не луѓето преку државите. Никој СУШТИНСКИ не станал подобар човек со тоа што живеел во подобра држава, макар таа имала и најпрогресивна хуманистичка или демократска „легислатива“. Законите не создаваат човечка супстанција, туку обратно. Како ќе имате добра држава, со добар војник, ако претходно не создадете човек со храбро срце? Како ќе имате праведен судија во таа држава ако претходно не создадете човек со праведно срце? Ништо нема да ви помогне дури и ако ги имате најдобрите закони за воено уредување и делење правда по судови. Затоа, пред каква и да е, најчесто увезена легислатива, нам ни е потребен домашен систем на морално воспитание. Не попусто низ историјата се создавале специфични ВОСПИТНИ СИСТЕМИ (образованието е тука во втор план, денес секој е образован или се смета за таков): кога ќе се каже „спартански образован“ или „Византиец“, или „антички воспитан во духот на агонистичката етика“, се знае на какво воспитание се мисли. Според тоа воспитание и неговите морални цели, дури потоа, се определува образованието и она што ќе се учи: од аритметика, преку музика, воени вештини, до теологија или филозофија.
Затоа, треба да почнеме со воспитание. Ако сега почнеме, за педесетина години ќе ги видиме првите резултати: контурите на здравата држава. Порано не, без разлика каде „ќе нè примат“ и какви сертификати ќе ни дадат. Ние, ние сме на потег, не другите околу нас. Толку.